Destiny 2: Renegades – Храбра иновација или скапа носталгија?

во гејминг

Веќе подолг период како Destiny 2 се наоѓа на клучна крстосница и е во константна борба ем за задржување на фановите ем за привлекување нови. Таквото нешто е особено важно со неодамна излезената експанзија која симболично го означува завршувањето на децениската сага.

Претходните обиди за воспоставување на нова ера беа прифатени со измешани реакции. На темел кој се чини дека е со стаклена основа, најновата експанзија, насловена Renegades, е уште еден обид на студиото Bungie да ја стабилизира својата позиција и да ја врати довербата кај гејмерите.

Проширувањето не се залага само да додаде нова содржина, туку и да го освежи основниот гејмплеј. Дали со поприземна, вестерн естетика сместена во вселената, студиото успева во ваквата двојна мисија или пак одново се сопнува, нудејќи искуство кое е механички различно, но целосно непотребно?

Како што сигурно имате слушнато, Renegades црпе директна и нескриена инспирација од класичните вселенски опери, особено од оригиналната Star Wars трилогија. Новиот наратив ви дозволува да го следите конфликтот помеѓу чуварите и империумот – одметничка фракција на Кабал предводена од Дреџен Баел. Дречен е антагонист чија визуелна презентација и мотивација бесрамно потсетуваат на еден Сит лорд. Во одредени моменти, вака-поставената приказна знае да страда и од клишеа и од предвидливи дијалози, но присуството на харизматичните ликови како Дрифтер и Ерис Морн многу помагаат да се задржи квалитетна наративната тежина и да ве држат, барем до некаде, во препозналивиот свет на Destiny.

Што се однесува до дизајнот на светот и активностите, експанзијата ќе ве израдува со воведувањето на Тарсис на Марс како нов социјален простор. Локацијата успешно прикажува филмска атмосферата на валкано подземје каде се собираат платеници и шверцери.

Надвор од социјалниот простор, ќе имате бројни можности да започнувате нови активности на спорните територии. Имено, постоечките локации на Марс, Венера и Европа сега се трансформирани во зони за интензивна борба со механики кои се јасно позајмени од Extraction shooter жанрот. Штета што нема целосно нова планета на која ќе можат да се реализираат овие активности. Нивната изведба е квалитетна и носи впечатлива тензија и динамика која произлегува од потребата за физичка евакуација и сочувување на пленот, но не можевме, а да не посакуваме таквото нешто да беше возможно на целосно нова територија.

Трите различни криминални синдикати и понатаму ви дозволуваат да се борите за нивното внимание, градејќи репутација за отклучување на уникатни награди.

Од горе-споменатите механики Renegades се истакнува како квалитетна експанзија, но проширувањето прави и дополнителни скокови во поглед на уникатната содржина, а таквото нешто е поврзано со воведувањето на трета лента за способности. Надградениот систем радикално ја менува борбената динамика, дозволувајќи ви да повикувате тешка артилерија, предизвикувачки возила, лебдечки мотори, па дури и одбранбени куполи.

Благодарение на овие Renegade способности, ќе можете значително да го менувате бојното поле, нешто што е дополнително проширено со комбинацијата со новите архетипови на оружје. Подразбирливо, зборуваме за бластерите со механизам на прегревање и, секако, праксичкото сечило кое е, всушност, фенси збор за лајтсејберот. Функционалноста на сечилото е речиси идентична со лајтсејберот, доколку не ни верувате, особено доколку пробате да одбивате проектили. И, пред да прашате, да, доаѓа во различни бои! :)

Destiny 2 и понатаму изгледа и звучи прекрасно, нешто за што е првенствено заслужен маестралниот Мајкл Салватори! Но, ваквото квалитетно негување на вашите сетила се чини до некаде засенето од одредени контроверзни економски одлуки. Да, Renegades има нова приказна и нови, забавни механики, но нема нов рејд, нема нови PvP мапи и нема целосно нови локации. Со оглед на цената која се бара за експанзијата, ова знае да остави горчлив вкус во усните, а, за да бидат работите уште полоши одлуката најпосакуваните козметички додатоци, кои се суштински за целосно доживување на фантазијата, да се стават зад дополнителен платен ѕид, предизвикува дополнителен револт кај заедницата, фрлајќи сенка на она што е исклучително солиден гејмплеј.

Експанзија на остри контрасти

Доколку ги занемарите контроверзните економските одлуки, Destiny 2: Renegades повеќе воодушевува отколку што разочарува. Проширувањето нуди врвна забава преку иновативните борбени механики и фантастичната аудио-визуелна презентација, успешно ревитализирајќи го чувството на моќ кое е препознатливо за серијалот. За верните фанови, не само за фановите на Destiny туку и за Star Wars фановите, Renegades е крие квалитетно и забавно искуство кое поплочува пат за нови, уникатни начини на играње. Сеуште не е доцна студиото да ги засука ракавите, да го намали потпирањето на носталгија и да го искористи моментумот за да започне вистинска револуцијата.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments