{mosimage}Во денешно време скоро е невозможно да не го слушнете/прочитате изразот "веб 2.0" (web 2.0) на било која конференција, семинар или пак на веб сајт кој има врска со интернет или информатичката технологија. Веб 2.0 е "обичен" израз кој во последно време стана тренд на интернет и во светот на дигиталниот дизајн. Изразот веб 2.0 практично означува нагласена креативност, несебично споделување на информации и соработка или интерактивност помеѓу корисниците.
Терминот првично беше забележан од пошироката публика за време на O’Reilly Media Web 2.0 конференцијата во 2004 година каде што беше претставен како следната верзија на WWW (World Wide Web), но кратко потоа беше отфрлено таквото дефинирање заради фактот што не се направени никакви технички измени на WWW, туку е сменет начинот на користење на вебот од страна на дизајнерите, програмерите и крајните корисници. На страната за веб 2.0 на Wikipedia може да ја пронајдеме дефиницијата на Tim O’Reilly за терминот:
"Веб 2.0 е бизнис револуција во компјутерската индустрија предизвикана од движењето на интернетот како платформа, и обидите да се разберат правилата за успех на таа нова платформа."
Интерактивноста, поврзаноста, динамичните содржини и додавањето на "2.0" на имињата и брендовите се основните концепти на веб 2.0 трендот. Бидејќи интерактивноста е клучниот збор на денешниот "интернет 2.0" можат да се пронајдат огромен број на сајтови за социјално вмрежување, од популарните MySpace и Facebook, до "различните" MassageAlumni – сајт за вмрежување на масажери, Geni – сајт за создавање на фамилијарни стебло, MyCatSpace/MyDogSpace – сајт за "вмрежување" на вашите кучиња и мачки и многу други вакви неочекувани социјални мрежи.
Освен социјалните мрежи, одлика на овој тренд се и wiki сајтовите, форумите, блоговите и други веб-базирани сајтови кои нудат онлајн услуги. Кога пак дизајнерите зборуваат за веб 2.0 дизајн, тие зборуваат за заоблени краеви, користење на сенки на објектите, градиенти, одсјај, поголеми фонтови, позадини со монохроматски дијагонални линии и сл.
Во технички поглед веб 2.0 е всушност популаризирање на сервер-софтвер технологиите, синдикација
на содржина, ИМ протоколи, користење на додатоци за пребарувачи и прелистувачи и употреба на CSS (Cascading Style Sheets), "фолксономските" појави како обележување, споделување, индексирање и социјално тагирање, XML, JSON-базирани API, AJAX, Flash, валиден XHTML и друго.
Многумина ќе се согласат во тоа дека веб 2.0 трендот ја доближи економијата до интернет компаниите, создаде нови услови за работа, но пред се ги поврза луѓето преку компјутерите.
Во прилог на овој текст, го објавувам и комичниот "веб 2.0 речник" во кој многу изрази се прецизно дефинирани, создаден според блогот Drama 2.0:
{mosimage}






