{mosimage}За една недела се појавија неколку вести во медиумите кои ги следам кои сугерираа дека борбата против пиратеријата не само што е тешка за големите студија (филмски и музички) туку денес има повеќе пирати од кога и да е. Според истражувањето на компанијата Ovum, 1 од 3 интернет корисници симнале пиратски филм.
Најновиот текст „Дигитални пирати ги победуваат студијата“ во Тhe New York Times, започнува со тоа дека Warner Brothers куќата која го издаде филмот „Бетмен: Црниот Витез“ потроши многу пари, труд и време за кампања да го спречи пиратирањето на овој филм, но сепак, како што пишува во весникот, „кампањата доживеа мизерен неуспех“. „Црниот Витез“ според TorrentFreak, блог кој објавува статистики за торенти, е најпиратираниот филм за цела 2008 година, симнат од 7 милиони корисници.
За оваа година, поточно за јануари, според истиот сајт, најпиратираниот филм е „Мадагаскар 2: Пат во Африка“ и интересно е што кога тоа ќе го напишете на Google една од првите „сугестии“ кој пребарувачот ги дава е всушност торентот** за тој филм. Google ги „сугерира“ само најпопуларните, најбараните поими, така може само да претпоставиме колку луѓе стигнале до пиратска верзија од филмот на некој торент сајт.
{mosimage}
Како авторите/студијата се борат против пиратеријата?
На 16 Фебрури во Шведска ќе започне судењето на The Pirate Bay, 3 години откако неговите сервери беа одземени од светската полиција. Од тогаш до денес The Pirate Bay стана огромен сајт со 50% од светскиот торент сообраќај. Но еден од сведоците е полицаец кој додека работел на случајот бил вработен од продуцентскиот гигант Warner Bros. Ќе биде интересно да ја видиме одлуката и тоа што следува понатаму.
Еве еден пример за односот на Pirate Bay со големите студија. Во писмо кое беше испратено до сајтот, DreamWorks побара торентот на „Шрек 2“, нивен филм да биде тргнат од торент сајтот, писмо во кое DreamWorks се повикува на Digital Millennium Copyright Act (DMCA), американски закон за заштита на авторските права. Краткиот одговор на the Pirate Bay е:
„Можеби сте свесни или не, но Шведска [каде е хостиран Тhe Pirate Bay] не е дел од САД. Шведска е земја во северна Европа. Ако не сте свесни до сега, американските закони не важат тука. За ваша информација, ниту еден шведски закон не е прекршен.
Бидете сигурни дека секој понатамошен контакт со нас, без врска на медиум, ќе резултира со:
a) тужба за малтретирање
б) формална поплака до вашиот легален совет, за праќање несериозни закани
Нашето мислење и мислењето на нашите адвокати е дека вие сте…. морони и дека треба да се задоволувате себеси со растегливи палки…. ебе те се…“
Колку и да звучи несоодветно и брутално овој одговор, според законите торент сајтот е во право. Тука доаѓа улогата на Европската Унија која се обидува да воведе одредени мерки, конкретно за неколку недели во Европскиот Парламент ќе се расправа за анти-пиратски мерки. Но според истражувањето на Ipoque многу анти-пиратски мерки не функционираат од проста причина што технологијата се развива.
{mosimage}
Ќе мора да причекаме за одлуката на Европскиот Парламент. Во меѓувреме многу земји сами започнаа да се справуваат со пиратеријата со драстични мерки кои дури се и контраверзни. На пример Данска бара од интернет провајдерите да го блокираат Тhe Pirate Bay и слични сајтови, барање кое за многумина го прекршува правото на онлајн слобода. Друг пример за кој дури и Европскиот Парламент не е сигурен дека е потребен, е „правилото од 3 чекори“, односно исклучување од интернет по 2 опомени доколку симнувате пиратска содржина. „Правилото од 3 чекори“ веќе се воведе во Ирска, каде најголемиот ирски интернет провајдер Eircom беше принуден да го воведе, провајдерот се спогоди со музичките гиганти наместо да оди на суд. Тој спор е исто така тема за дебатирање за онлајн слободата.
Каде се грешките на студијата?
Во минатото во 2000 кога споделување на фајловите преку интернетот беше споро, постоеше Napster. Групата Metallica се побуни против изгубените пари и покрај големиот број нови фанови, a Napster беше затворен. Денес Metallica дозволува нивниот најнов албум да не е заштитен и да може да се слуша бесплатно на интернет, но сеуште мора да се плати за да го имате, за разлика од Radiohead кои дозволија бесплатно симнување на нивниот албум „Inrainbows“ и кои направија пари само од донации.
Што се случи за ваква промена? Интернетот се развива пребргу од што големите индустрии можат да направат заштитни мерки против нелегално копирање на нивната содржина. Широкопојасен интернет со големи брзини, онлајн радија, стриминг видеа, скоро и да не ви е потребен CD или видео плеер. Но доколку ви е потребен, може да се следи примерот на Apple кој преку iTunes продаваат музика за само $0.99 по песна и имаат добра заработувачка. Но ниту ова не ги задоволи музичките гиганти.
Големите компании се скараа со YouTube незадоволни од профитот, ахиловата пета на видео сајтот, и побараа нивната содржина (сите нивни песни и видеа) да биде тргната. Мерките отидоа до таму што беше тргнато видео на 15 годишно девојче кое на гитара свири песна која е сопственост на Warner Brothers. Toa ги разлути Electronic Frontier Foundation (EFF), организација за заштита на онлајн слободата кои го нарекоа целиот инцидент „масакар на фер користење“.
Па кој е добриот, а кој е лошиот тука? Сега големите компании го направија Hulu, видео сајт конкурент на YouTube. Hulu е достапен само во САД, но „благодарение“ на пиратите многу од тие серии се наоѓаат на торент сајтовите и се достапни на интернационалната публика.
A публиката е таа која ја одредува популарноста на еден филм и профититот од истиот. Ако пиратите во минатото краделе, денешниве „дигитални“ пирати се како Робин Худ. Тие и даваат на публиката тоа што таа го сака. Публиката не чека месеци по премиерата да гледа филм, со пиратите таа го гледа веднаш, пример, петте милиони кои симнуваат „Lost“ епизоди. Увереноста на The Pirate bay дека се во право е толку голема што објавија и мапа на која може да се види од каде доаѓаат конекциите. TorrentFreak пишува „Интересните податоци од оваа мапа покажуваат дека 33% од сите конекции доаѓаат од Кина – околу 7 милиони. Ова е импресивна статистика бидејќи сајтот на Pirate Bay е блокиран во Кина“.
{mosimage}
Моќта на пиратите
Еден пример за способноста на пиратите и немоќта на големите компании. Во Бразил има сајт Legendas.tv кој нуди преводи на популарни ТВ серии и филмови на португалски за луѓето таму кои не разбираат англиски. На 1-ви Февруари бразилската агенција против пиратерија APCM го оневозможи сајтот Legendas.tv.
По тоа следува револт на пиратите и возвраќаат во иста мера и го бутаат сајтот на APCM, ставаат ознака „Слободно симнување“ со линк до Mininova.org, уште еден популарен торент сајт. Тоа ja принудува агенцијата против пиратерија да го изгаси сајтот и да отвори нов кој ќе објасни зошто нивниот не работи.
Поминаа пет дена, а сајтот на AMPC сеуште не функционира.
**торент или битторент е P2P протокол за пренесување на големи количини податоци. Битторент е еден од најчестите протоколи за пренесување на податоците и зазема 35% од целиот интернет. Секој корисник кој симнува податоци истовремено и уплоадира на други, што ја прави оваа мрежа способна да префрли еден фајл на многу корисници.






