Централната разузнавачка агенција има свој инвестициски фонд со име In-Q-Tel преку кој инвестира во стартапи кои собираат и анализираат твитови и фотографии на Instagram, велат документите до кои стигна Intercept. Досега од фондот се финансирани најмалку 38 стартапи и компании од кои најпознати се Dataminr, Geofeedia, PATHAR и TransVoyant.
Причината CIA да инвестира е донекаде легитимна бидејќи дел од вистинските опасности за САД, на пример ISIS, имаат свои Twitter профили преку кои редовно комуницираат, па со прибирање и анализирање на податоците од овие профили можат да се добијат релевантни податоци. Она што го овозможуваат технологијата на која работат стартапите е забележување на трендовите во некој реон и визуелизација на реонот. Стартапот Geofeedia овозможува анализирање на твитови и фотографии од Instagram, а со тоа и следење на протести. TransVoyant пак преку анализа на повеќе параметри може да забележи дали има насилство или опасност и ги известува новинарите.
Можноста за креирање на дигитална архива од постовите на социјалните мрежи најверојатно не е нова, но она што е проблематично е што се работи за CIA. Американските власти немаат чист образ кога е во прашање следењето на луѓе кои не се лица од интерес; алгоритмите и овие податоци треба да бидат тајни додека не ги прочита аналитичар, но експертите за безбедност не се согласуваат. „Кога приватниот сектор одлучува што ќе внесе во алгоритмите како параметар за опасност, или кого да одбере за лице од интерес, тогаш очигледно е дека таргетираат луѓе врз база на нивниот светоглед или незаконски таргетираат луѓе врз база на раса или верска определба“, вели Ли Роланд од Американската унија за граѓански слободи.







