Наместете Божиќна тема во YouTube и Chrome
Доколку сте и вие како нас, тогаш веќе почнавте со слушање новогодишна музика и потпевнување од кое најблиските разменуваат загрижувачки погледи. Кога веќе го достигнавте тој стадиум, одете уште еден чекор понапред така што ќе инсталирате екстензија која го украсува YouTube со пријатна, светло-плава тема и со симпатични цртежи соодветни за новогодишното расположение.
Дополнително, живејте опасно и инсталирајте ја и следнава екстензија која го потопува и Chrome прелистувачот во новогодишна тема. Додека ги посетувате вашите омилени страни, можете да наместите и да паѓа снег. За тоа, потребна ви е следнава екстензија.
Заштитете се од лошите коментари со Chrome екстензијата #ChooseKind
Иако повеќето луѓе се оперирани од лошите коментари низ социјалните мрежи и не дозволуваат лесно да бидат испровоцирани, сепак не треба да се остават работите на случајот и да се навлезе во новата година со непотребно труење од токсичните корисници.
#ChooseKind е екстензија за прелистувачот Chrome, а има за цел да го промовира филмот Wonder, со Џулиа Робертс и Овен Вилсон така што ги трансформира несоодветните коментари (пцовки и вулгарности) на Facebook, Twitter и YouTube во пријатни, инспиративни пораки, како „ Сèшто ви треба е љубов“, „Ти можеш да направиш сè “ или „Јас сум чудо“. Нормално, храбрите души можат да кликнат за да им се прикаже и оригиналниот збор, односно фраза. Оваа екстензија функционира со зборови од англиското говорно подрачје, но никако не е 100% ефикасна заштита и забележително е провлекување на одредени зборови.
Дознајте ја временската прогноза секој пат кога ќе отворите нов таб
Со оглед на непредвидливоста на времето и константната потреба за посетување роднини и пријатели во овој период, не е лошо да имате подобар увид во тоа какво време би можело да ве очекува. Concretely е корисна екстензија која ви покажува колку е часот и какво е и ќе биде времето во моментот кога ќе ви се отвори нов таб. Можете да одберете да ви се прикажува само временската прогноза или само часот, како и да наместите да има одредени линкови за побрз пристап до омилените сајтови.