Веќе подолго време како не можат да се најдат одредени српски списанија на македонските трафики. Уште откако знаеме за нас, Svet Kompjutera беше списание кое задолжително гостуваше на нашите простори, а слична беше ситуацијата и со PC Press, како и бројни други списанија. Поради одредени промени во начинот на дистрибуција, бројни списанија и весници не ја поминуваат нашата граница, а некои се испорачуваат дури по неколку месеци од нивното првично објавување, откако ќе се повлечат од сите српски трафики и ќе се вратат во магацините.
Оние кои сакааат да го продолжат трендот со читањето српски списанија, весници, книги и (одредени) стрипови, но на дигиталниот фронт, дефинитивно би требало да ги проверат можностите за дигитална претплата од Novinarnica.
На овој сајт, можете да си купите годишна претплата на Svet Kompjutera за нешто помалку од 900 денари. На тој начин, еден број од списанието чини околу 75 денари, што е значително помалку од цената на списанието во печатена форма, која изнесуваше 145 денари. Слична понуда имате и за списанието PC Press. Три месеци стар број на списанието Gamer се продава во македонските трафики по цена од 40 денари, но во Novinarnica ги добивате најновите броеви за годишна претплата од 400 денари. Годишна претплата на Politikin Zabavnik во форма на 26 дигитални броеви добивате по цена од 1000 денари.
Читањето на списанијата го правите директно од прелистувачот или преку нивната апликација за паметни направи. Ја проверивме апликацијата на телефон и таблет и иако бевме релативно задоволни со читањето во вертикална позиција, забележавме значително забавување секојпат кога сакавме да зумираме и читаме во хоризонтална положба.