Facebook започна истрага да провери како бугарскиот блогер и борец за дигитални права, Богомил Шопов, успеа да купи неверојатни 1,1 милиони имејл адреси и кориснички и вистински имиња, за само 5 долари. Овие информации беа постирани на друштвениот сајт Gigbucks, каде беше објаснето дека се собрани од Facebook апликација, и беа продавани како „маркетинг услуга со која ќе си ги остварите целите побрзо“.
„Јас само што купив 1 милиони кориснички податоци… OMG!.“, пиша г. Шопов на својот блог пост. Тој потврди дека се работи за вистински податоци, кои главно се од корисници од САД, Канада, Британија и делови од Европа, односно поголемиот дел е од земјите каде се зборува англиски.
Facebook го контактира г. Шопов и побара да им го испрати фајлот со податоците, да го избрише, и да им каже ако има копија, или дал копија на некој друг, а побараа и информации за сајтот од каде го купил тој фајл. Кога г. Шопов побара Facebook да објасни каде настанал проблемот за да се грабнат толку податоци, луѓето од друштвената мрежа му одговориле кратко дека започнуваат „интерна истрага“. Интересно, Facebook инсистирал нивниот разговор да остане тајна, но г. Шопов, кој е основач на бугарската Пиратска партија која се бори за дигитални граѓански слободи, се реши да го објави.
Facebook подоцна објасни за Forbes, дека тие податоци се собрани со scraping на јавните податоци на корисниците, и дека не се собрани преку апликација. Иако ова е спротивно на тврдењето на г. Шопов дека некои кориснички мејлови од листата не се откриени јавно.
*Совет: Проверете ги и вашите опции за приватност. Проверете кои информации се достапни јавно, а кои информации се само за вашите пријатели. Сетирајте ја приватноста за да не споделите нешто што не сакате да биде откриено на сите. За да си ја зачувате безбедноста најдобро е да внимавате на кои апликации им давате пристап до вашите податоци. Користете само апликации на кои им верувате.

Коментари
8 коментари
Коментарите се затворени.