Над 200.000 биткоини се запленети во организирана акција на бугарската полиција. Станува збор за криминална група која делува од повеќе држави, а дел од неа е лоцирана и во Македонија. Вредноста на запленетите биткоини, според сегашната сегашната цена на крипто-валутата, се проценува на над 3 милијарди US долари. Групата е фатена во мај оваа година, во време кога цената на еден биткоин беше доста пониска, но бидејќи цената на крипто-валутата порасна значително оваа вест одекна низ медиумите ширум светот.
Последниот извештај на бугарските власти од крајот на ноември, не открива што планираат да направат со запленетата крипто валута. Засега објавија дека истрагата сè уште е во тек. Интересно бугарскиот блог Bivol.bg јавува и за поголема сума и предупредува за можност на злоупотреба. Причината за ова е поделбата на Bitcoin и Bitcoin Cash. Цената на Bitcoin Cash сега е над 1.500 долари, па вкупната сума надминува 4 милијарди долари. Засега е нејасно дали станува збор за превид или за намерна грешка. Една од претпоставките е дека Министерство за внатрешни работи на Бугарија ги нема приватните клучеви, па битконите ќе останат бескорисни.
Можеби вртоглавиот раст на крипто валутата добро се отсликува и со овој пример. Во времето на апсењето цената на биткоин беше околу 2.500 долари, а вкупната сума 500 милиони долари. Coindesk според денешната вредност на крипто-валутата проценува дека вкупната сума е 3 милијарди долари. Ова е со проценка 1 биткоин да чини околу 15.000 долари што е сума која крипто-валутата веќе ја надмина.
Во акцијата се уапсени 33 бугарски државјани. Организацијата има членови и од Македонија, Грција, Романија и Србија според официјалното соопштение. Групата заработувала од компромитирање на царината. Криминалците преку напад на компјутерски системи успеле да избегнат данок и царина. Хакерите успеале да ги компромитираат компјутерските системи и кога некој пакет стигнувал на царина бил пријавен како веќе да поминал. Средствата кои групата ги „заработила“ ги претворила во биткоин. Главна причина за ова е што крипто-валутата е тешка за следење.
Ова е тежок период за бугарските биткоин ентузијати. Банките престанаа да тргуваат и со bitcoin и со ether. Банките во Бугарија блокираа неколку сметки кои се поврзани со берзите со крипто-валути, и барем привремено ја блокираа нивната работа.