BlazBlue Entropy Effect e roguelite спин-оф на истоимениот боречки серијал

Avatar img-thumbnail img-circle

во гејминг

Blazblue серијалот освои легија фанови со боречките игри. По одличната BlazBlue: Calamity Trigger, развојното студио Arc System Works одлично го продолжи серијалот со BlazBlue: Continuum Shift Extend. Охрабрени од успехот на овие две игри, студиото подоцна ја исфрли BlazBlue: Chronophantasma Extend, а, година потоа, и BlazBlue Centralfiction. Сите игри успеаја да си најдат публика која ги цени дводимензионалните, а ла Street Fighter битки.

Како што сигурно забележавте од горниот трејлер, BlazBlue Entropy Effect не е 2D боречка игра, туку целосно нов спин-оф кој запливува во различен жанр. Развивана од друг тим, 91Act, BlazBlue Entropy Effect е акциона roguelite игра со примеси на Metroidvania.

Од многу аспекти, играта не потсети на неодамна рецензираната Trinity Fusion. Во поглед на приказната и визуелниот приказ, повеќе од очигледно е дека се две различни игри, но во поглед на истражувањето и roguelite механиките, би можеле да најдете интересни, позитивни сличности.

Играта е сместена во мрачна иднина, во свет кој е втурнат во хаос, а луѓето вложуваат натчовечки напори за да се извлечат од кризата преку сајбер просторот наречен ACE. Управувајќи со сладок робот, ќе можете да навлезете и контролирате десет уникатни ликови.

Не можеме доволно да го потенцираме зборот „уникатни“ кога се работи за опишување на ликовите. Секој од нив се одликува со различна персона, уникатни движења, уникатни оружја, борбени стилови и способности, како и уникатен глас.

Благодарение на roguelite елементите и процедуралната генерација, секој ран е различен. Благодарение на уникатноста на ликовите, секој ран станува навистина различен. Авторите се имаат потрудено да понудат зашеметувачно високо ниво на разноликост и дури и откако ќе поминете низ сите ликови, за што ќе ви треба многу време, ќе мислите дека само сте ја допреле површината на она што овој roguelite може да понуди.

Имате можност за комбинација и експериментирање со стотици способности, бројни елементарни ефекти, па дури наследни вештини кои се пренесуваат помеѓу ликовите. Преубавата графика и флуидните анимации, во комбинација со одличната глума и музичка подлога, ја прикажуваат играта како феноменален спектакл за сетилата, особено доколку ја играта со контролер.

BlazBlue Entropy Effect има 85% позитивни рецензии, засновано на сите рецензии. Но, ако ги погледнете последните рецензии ќе видите дека процентот е значително понизок и се сведува на 71%. Тоа е затоа што играта првично беше дел од раниот пристап на Steam, а тогаш многу работи беа поразлични.

Со излегување од раниот пристап, авторите сменија многу работи. Овие промени не им се допаднаа на повеќето гејмери кои ја играа играта во ран пристап. Авторот на овој текст не ја има проверено играта во раниот пристап и не може да направи правилна компарација со она што било и она што е сега. Доколку сте и вие како нас и сега решите да навлезете во играта, ќе наидете на квалитетна и крајно комплексна акциона roguelite со посебен јапонски флер.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: 91Act
  • Издава: 91Act
  • Жанр: акционен roguelite
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 31 јануари 2024

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk