Од 12 до 16 март, издавачите THQ организираат затворена форма на тестирање на Titan Quest II. На Steam или Еpic Games Store, најсреќните 10 000 заинтересирани гејмери може да поднесат барање и да добијат пристап до двочасовни содржини кои ќе дадат добра претстава за тоа дали во чедото на Grimlore Games се крие убиецот на Diablo.
Уште пред да започне тестирањето, бевме поканети да ја тестираме играта и да го понудиме нашето мислење за продолжетокот на една од најдобрите акциони RPG игри. Додека чекавме играта да се инсталира внимателно го читавме описот кој беше споделен со нас, за тоа како сестрата на одмаздата, Немезис, е надвор од контрола и за тоа како ја корумпира судбината и брутално ги казнува сите што ѝ се спротивставуваат.
Не знаеме за вас, но по толку години, со нетрпение го чекавме моментот одново да го земеме оружјето, да се бориме рамо до рамо со боговите и темелно да ја промениме судбината. Titan Quest II, акционата RPG игра која е инспирирана од грчката митологија, ќе излезе во раниот пристап на Steam и Epic Games Store наскоро. Ова е нашиот прв впечаток од играта.

Демото го започнуваме со одбирање еден од 16 машки или женски воини. Изгледите на овие воини се претходно дефинирани и не се можни дополнителни преправки.

Играта ја почнуваме на островот Проти, со основна опрема и само едно оружје – меч. Две работи стануваат инстантно воочливи: графиката е значително подобра, а музиката е фолклорно мелодична, инстантно вовлечувајќи не во внимателно дизајнираниот свет полн со лор. За брзо време, почнавме да напаѓаме непријателски птици, сведочејќи за висцерални битки кои се изведуваат со десниот клик на глувчето. Како првиот новитет што го забележавме беше можноста да претрчувате мали дестинации, избегнувајќи ги сите напади во процесот.

Набргу дојдовме до нашиот прв квест. Споредено со првата игра, глумата е на значително повисоко ниво, успевајќи да го држи вашето внимание и да ве заинтригира со понудените квестови. За брзо време, светот целосно се отвора, опсипувајќи ве со најразлични споредни квестови, каде и да решите да истражувате. Квестовите се внимателно осмислени, со интригантни дијалози кои даваат посебен увид во грчката митологија.

Вниманието лесно се држи и од бројните непријатели. Секој од противниците се одликува со уникатни движења и напади, пружајќи посебна сатисфакција за нивното елиминирање. На почетокот, лесно е да бидете убиени. За среќа, секоја реинкарнација ви дозволува инстантно да се телепортирате на местото на вашата претходна смрт. На овој начин, ефикасно се елиминира непотребното движење низ претходно помината територија.
Откако ќе се здобиете со левел, ќе можете да извршите статистичко зголемување во одредени оддели како знаење, агилност, сила, издржливост, и слично. Инвестирање во соодветни категории е дирекно врзано со можноста да го носите и користите пленот.

Кога сме кај тоа, плен има колку што ви душа сака. За време на тестот, пробавме многу ладни оружја, но лак и стрелата ни беа омилени. Иако секое оружје се одликуваше со одредена реалистична тежина и брутално спојување со противничите тела, имаше некоја посебна сатисфакција при далечинското исфрлање на смртоносните проектили. Башка, поретките оружја се одликуваа и со различни елементарни ефекти и статистички предности, охрабрувајќи ве константно да експериментирате за да најдете што највеќе ви одговара.

Мапите се полни со впечатливи детали – над цвеќиња ќе летаат пеперутки, под дрвја ќе паѓаат лисја. На сличен начин, звукот е доведен до совршенство, дозволувајќи ви да го слушате суптилното шумолење на водопадите или разиграното движење на ветрот. Како во поглед на гејмплејот, така и во поглед на дизајнот на мапите и аудио одделот, тимот знаел што прави.
Големите мапи се расчленуваат во најразлични правци и нудат забавно истражување кое ве наградува со корисен, скриен плен

За брзо време, го добивме нашиот благослов, при што беше потребно да одбереме дали ќе специјализираме во една од три уникатни расчленувања на моќи. Earth дозволува да ја користите моќта на огинот и каменот за да го обликувате и разгорувате бојното поле, додека Storm ви дозволува да го контролирате бојното поле преку користење громотевици и лед. Како трета опција, Warfare ви дозволува да станете човек-армија и да ги косите противниците со најразлични оружја и брутални тактики. За нашето прво преигрување, решивме да одиме со Earth и да користиме моќи за расцепување на земјата под непријателите, фрлање проектили кои експлодираат при удари, како и грозоморно палење на се што ќе се осмели да ни се испречи.

Вистинската забава почнува во моментот кога ќе ги отклучите првите магии и ќе започнете со надградбата на истите или отклучување на нови. Реализацијата е одлична – земјата која се раздвојува е пропратена со драматично кревање прашина на сите страни, а огнената топка која ја фрлате го пржи воздухот преку кој поминува се додека не експлодира во хаотична огнена смеса.
Наше кратко видео од почетните, несигурни авантури
На времето, оригиналната Titan Quest целосно не презема, вовлечувајќи не во неколку неделен транс од неуморно истражување на огромниот свет и брутално масакрирање на легијата чудовишта. Titan Quest II ја содржи истата добитна и крајно заразна формула, заканувајќи уште еднаш на нашето слободно време. Со нетрпение го очекуваме моментот кога играта ќе излезе во раниот пристап. Од ова што го видовме, Grimlore Games има одлични шанси да понуди вистински хит во жанрот со акциони RPG игри.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Grimlore Games
- Издава: THQ Nordic
- Жанр: акциона RPG
- Платформа: Microsoft Windows







