Астро-фотографија е конечен производ на еден релативно комплексен технички процес

Avatar img-thumbnail img-circle

во feature, ИТ.МК, Совети, Статии

По повод третата изложба на астро-фотографии насловена „Поглед во недоглед“, која се одржува од 8 февруари до 16 февруари во Музеј на Град Скопје разговараме со Горан Петров и Филип Парталовски, претставници на Скопско Астрономско Друштво, кои воедно се и организатори на изложбата.

Почнуваме од основите, што всушност е астро-фотографија? Какви типови на астро-фотографија постојат?

Астро-фотографија е конечен производ на еден релативно комплексен технички процес. Во основа, процесот опфаќа поставување и конфигурирање на телескоп на темна локација на кој, наместо окулар за набљудување, се поставува дигитален фото-апарат. Но, фотографирањето на објекти на ноќното небо суштински се разликува од пејсажна фотографија. На пример, додека за пејсажна фотографија фото-апаратот е во состојба лесно сам да определи правилен фокус (авто-фокус), во астрофотографијата фокусирањето е прилично комплициран процес кој бара дополнителна опрема или рачно фокусирање.  При друг тип на фотографија, експозициите се многу кратки, на пример една стотинка од секунда. При астро-фотографија експонирањето може да трае и по неколку часа, бидејќи се фотографираат повеќе фотографии во времетраење од 5-10 минути за секоја експозиција.

Композитна фотографија од премин на Меѓународната вселенска станица преку дискот на Месечината. Телескоп: TS 10″, f/8. Камера Canon 5DMKII, ISO400, 1/200s. Март 2016 © САД

Елиминирање на шумот во астро-фотографија е од огромна важност, додека при пејсажна фотографија безмалку и да не помислуваме на шумот. Шумот се јавува од повеќе извори, на пример заради карактеристиките и загревањето на фото-сензорот при долготрајните експозиции, заради интринсично слаб сигнал на фотографираните објекти (како што се маглини и галаксии) и заради атмосферските прилики. Тој се отклонува преку преклопување (stacking) на што поголем број фотографии од истиот објект, како и со помош на дополнителни експозиции кои се прават со затворен фото-апарат и кои служат само за да се отчитаат и отстранат изворите на шумот кои потекнуваат од самиот апарат. Дополнително, постојат софтверски алатки кои помагаат да се отстрани.

Откако ќе се изработат фотографии од еден астрономски објект во текот на целата ноќ, тие се процесираат дигитално. И тој процес е комплексен и подразбира интегрирање на голем број фотографии (над сто фотографии) и, понатаму, бара голем број чекори за фотографираниот објект да се претстави што попрецизно и подетално.

Постојат различни видови астро-фотографија, зависно од објектот што се слика и расположива опрема. Почетниците, на пример, треба да имаат само фото-апарат со широк објектив и троножец за да изработат фотографии со ѕвездени траги, кои се јавуваат заради ротација на Земјата, односно привидно кружно движење на ѕвездите. Исто така, популарна тема со минимум опрема е и сликање на Млечниот пат, на пример со соодветен ноќен пејзаж. Таквите фотографии се можни и без употреба на телескопска монтажа, со должина на експозиција до 30 секунди. Фотографирањето на објектите како што се маглини, галаксии и ѕвездени јата е далеку потешко. Фотографирањето на објекти во Сончев систем (т.н. планетарна фотографија) е исто така комплексно, и бара безмалку целосно различен пристап од фотографирање на маглини и галаксии. При фотографирање на планети, типично се изработува видео фајл со должина од 1 до 2 минути, што резултира во стотици, дури илјадници засебни фотографии содржани во видеото, кои потоа се преклопуваат во една слика.

Која е потребната опрема како и техничкиот процес за да се добие една астрофотографија? Кои алатки ги користите?

На потребата од што повеќе опрема во астрофотографија и нема крај. Од друга страна опремата е многу скапа. За добри резултати е потребна опрема, но и знаење, вештина, концентрација и макотрпна работа, веројатно нешто како возење формула еден, минус опасноста (сè уште не сме налетале на волци при работа по планините).

Еве само некои клучни делови од опремата: цврст троножец на кој се монтира телескопска монтажа која во себе содржи механизам за прецизно ротирање наспроти ротирањето на Земјата, но бара монтажата да биде милиметарски прецизно насочена кон ѕвездата Северница (поточно, тука прецизноста се мери во аглови секунди). На монтажата се поставува телескопот. Постојат два вида телескопи, зависно од тоа дали содржат леќи (рефрактори) или огледала (рефлектори).  Фото-апаратот се монтира преку соодветни адаптери на телескопот. Се преферира професионален фото-апарат (Canon 5D, Nikon D800, Sony A7S), но може да се користи и аматерски иако имаат недостатоци кога се работи за напредна астро-фотографија. Постојат специјализирани астро-камери, изработени од компании како што се ZWO, Atik, Moravian Instruments, Starlight Xpress, Difraction Limited итн, и според самите релативно непознати имиња може да се види дека се работи за многу специфична опрема. Астро-камерите се најчесто изработени со CCD сензори, наместо поефтините CMOS сензори, имаат систем за ладење на сензорот, бараат извор за напојување и поврзување со компјутер да за да се пренесат и видат фотографиите. Исто така, додека DSLR фото-апаратите се исклучиво во боја и содржат интегрирани филтери за непропуштање на инфра-црвена светлина, специјализираните апарати се чесно монохроматски, и на нив дополнително се поставуваат различни типови на филтри.

Емисионата маглина Лагуна (M8). Камера: Atik One 9.0 @ -20°C. Телескоп: Takahashi FSQ 106ED. Филтри: теснопојасни H-alpha/SII/OIII. Јуни 2016 © САД

Вреди да се напомене и дека колку и да се прецизни монтажите, елиминирањето на ротација на Земјата, при што објектите од интерес ќе бидат фиксни за време на долготрајна експозиција, никогаш не е совршено. За да се избегнат проблемите со „разлевање” на сликата, се користи дополнителен фото-апарат, кој има единствена функција да фотографира една одбрана ѕвезда секоја секунда, веднаш ја анализира сликата (со помош на компјутер или посебен уред) и во случај на поместување макар и еден пиксел, дава команда на телескопската монтажа да ја корегира ротација на движење.

Алатки за барање на објекти, како и интегирање и обработка на астро-фоторгафии има повеќе.  Една популарна и одлична апликација за разгледување на ѕвезденото небо е бесплатниот софтвер Stellarium. За Android и iOS уреди, најдобриот програм според нас е SkySafari. За обработка на астро-фотографии го користиме специјализираниот софтвер по име PixInsight.  Употреба на Photoshop (или бесплатниот Gimp) е најчесто ограничена на естетски зафати како што е зајакнување на јакоста на боите (сатурација).

Од вашето досегашно искуство, кои локации во Скопје, а и вон Скопје, се најдобри места за астрофотографирање?

Прво, вреди да се напомене дека Македонија е една од ретките држави без ниту една единствена обсерваторија, ниту професионална, ниту научна/училишна, ниту аматерска, ниту во град, ниту во планина. Заради тоа сме приморани при секое одење на терен одново да поставуваме мобилна обсерваторија што е прилично макотрпен и долготраен процес, особено ако се прави на температура од -10 степени.  По завршување на фотографирањето опремата треба да се размонтира, спакува и транспортира назад дома, што исто така не е баш најпријатен процес во 5-6 наутро, по цела ноќ мината во работа.

За астро-фотографија, освен за планетарна астро-фотографија треба да сме оддалечени од светлинското загадување, значи одиме на планини. Добра локација блиску до Скопје е езерото Козјак. Сепак, на таа локација, а и било каде во западна Македонија има многу влажност, што резултира со два проблеми: целата опрема станува водена по некое време, а заради влага транспарентноста на атмосферата е намалена. Подобри локации се планинските предели во Северна Македонија, на пример блиску до Кокино или до селото Герман. За планетарна фотографија може да се фотографира од било каде, но најдобрите атмосферски услови се покрај океан, на пример на Барбадос. Ние немаме океани, но, обратно, имаме загадување на воздухот во градовите, така што е пожелно и за планетарна фотографија да се излезе од градот.

Спирална галаксија Андромеда (М31). Камера: Canon 50D, 22х3min, ISO800 Телескоп: William Optics 72mm, f/6. Август 2016 © САД

На 08.02 има изложба на тема Поглед во недоглед, каде што ќе бидат изложени астрофотографии. Од кого се направени овие фотографии? Кажете ни и збор-два за активностите на Скопско астрономско друштво?

Фотографиите ги направивме неколкумина членови. За нас астро-фотографијата е примарна активност во Друштвото. Секојдневно посветуваме време за надградба на нашето знаење и размислуваме кој следен објект да го фотографираме. Понекогаш потребно е неколкудневна подготовка за да се долови некој настан, на пример премините на Меѓународната вселенска станица преку Сонцето или Месечината, кои траат околу една секунда.

Главниот поттик за создавање на Скопското астрономско друштво беше популаризација на астрономијата и сродните науки и обединување на сите нејзини љубители во заедничка потрага по повеќе знаење, дружење и ведро небо. Но, бидејќи астрономијата е маргинално застапена во примарното образование, Друштвото се бави и со неформална едукација преку одржување на курсеви и бројни предавања на популарни теми од астрономијата. Ова го надополнуваме со нашиот портал astronomija.mk, каде објавуваме актуелни вести од астрономијата и за работата на Друштвото. Често гостуваме во основните и средните училишта во Скопје, каде одржуваме предавања и работилници. Минатиот ноември бевме дел од „Месецот на наука“, настан во организација на професионалните друштва при институтите на Природно-математичкиот факултет, каде ученици од цела Македонија се натпреваруваа во изведба на експерименти од природните науки и следеа предавања. Секогаш кога дозволуваат временските услови организираме јавни набљудувања со телескоп од плоштадот „Македонија“ во Скопје. Поради светлосното загадување изборот е сведен на објекти како Сонцето (за што користиме специјален телескоп наменет за директно набљудување во Сонцето), Месечината и планетите Меркур, Венера, Марс, Јупитер и Сатурн. Со изложбата на астро-фотографии сакаме на граѓаните да им ја претставиме нашата теренска работа, но и да им ја прикажеме разноликоста на објекти во Вселената, како и процесите и составот кои се одговорни за формите и боите кај овие објекти.

Кога некој би сакал да навлезе подлабоко во астро-фотографирање, од каде би го советувале да почне? Дали постојат курсеви за астро-фотографија или едукацијата е исклучиво онлајн ресурси?

Поради веќе спомнатите поединости во правење на астро-фотографии од длабокото небо, најдобро е да се почне со стандардна DSLR камера, широкоаголен објектив, троножец за апарат и локација која што е колку може подалеку од било каков извор на вештачка светлина. Постапката за да се долови ноќен пејзаж или ѕвездени траги со последователно фотографирање на небото во тек од неколку часа можеби звучи едноставно, но е неопходна бидејќи овозможува детално запознавање со оптичките параметри на опремата, од кои зависи и должината на експозицијата (вообичаено до 30 секунди).  Откако ќе се совладаат основите, кои вклучуваат и запознавање со сферниот (екваторијален) координатен систем (за ова се учи на нашиот воведен курс по астрономија), може да се премине кон фотографирање на објекти од длабокото небо. Паралелно со ова се учат и софтверите за обработка на фотографии, за кои зборувавме претходно.

Кога ние почнувавме, стандард сè уште беше аналогната фотографија, но веќе имаше онлајн ресурси за аматерска астрофотографија, најчесто на форуми. Појавата на дигиталните апарати и релативно ниската цена на квалитетна оптика овозможи бум во аматерската астро-фотографија. Постојат онлајн курсеви за астро-фотографија, но огромното искуство на фотографите од светот (вклучително и личното) е најдобар извор за надградба, па и денес се едуцираме воглавно преку онлајн форумите.

Не ми е познато дека кај нас досега некој одржал курс по астрофотографија. Ако има заинтересирани за тоа, ние сме подготвени да организираме таков курс. Всушност, можеме веднаш да почнеме со првата лекција: секогаш недостасува некој адаптер. :)


„Скопско астрономско друштво“ (САД) е здружение на граѓани, љубители на астрономијата, од различна возраст и националност. Целите и определбите на друштвото се ширење и популаризација на астрономијата како наука и обединување на сите љубители на астрономијата во нивната заедничка потрага по повеќе знаење, дружење и ведро небо. Доколку сакате да станете член, посетете го овој линк, придружете се и придонесете кон работата на друштвото.

Доколку сакате да ја помогнете работата на Друштвото и да понесете дел од Вселената во вашиот дом, купете некоја од нивните астро-фотографии за време на изложбата „Поглед во недоглед“.


Доколку сакате да се вклучите во дискусија на тема астро-фотографија, посетете ја и темата Астрофотографија, совети и искуства на ИТ форум.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk