Најголемата светска продавница Amazon ја купува онлајн аптеката PillPack. Ова би можело да биде сериозно предупредување за аптеките во САД. Секако PillPack сам можеби ќе направеше промени во снабдувањето, но со влезот на Amazon опасноста за целата индустрија е поголема.
„PillPack е значајно подобрување на животот за своите клиенти. Сакаме да им помогнеме да продолжат да им олеснуваат на луѓето да заштедат време, да ги поедностават своите животи и да се чувствуваат поздрави. Возбудени сме да видиме што можеме да направиме заедно со нив“, вели Џеф Вилке од Amazon.
PillPack пакува, организира и испорачува лекови. На потрошувачите им ја испорачува точната доза која им ја препорачал лекарот, вели CNBC. Компанијата испорачува лекови во 49 држави во САД, а досега собрале 118 милиони долари од инвеститори. Стартапот пред околу 2 години беше проценет на 330 милиони долари. Цената која Amazon ја платил е околу 1 милијарда долари.
Ризикот за Amazon е што корисниците кога лековите се во прашање сè уште се традиционални. Односно своите лекови ги купуваат од физички аптеки. Amazon преку партнерство со Perrigo веќе испорачува лекови во неколку држави.
Секако ова е показател дека Amazon ќе биде посериозен во здравствениот сектор. Со купувањето на PillPack, Amazon ќе може да продава, а секако и да испорачува лекови на рецепт.
Вообичаено кога Amazon влегува во некој сектор тоа значи крај за физичките продавници во секторот. Тоа без сомневање ќе се случи и со аптеките.
Конкурентот на Amazon, Walmart беше заинтересиран за PillPack, но цената која ја понудиле е под 1 милијарда долари. Секако партнерството со Amazon, се чини и поприродно за PillPack.







