HomeKit е решението на Apple со кое паметните уреди кои доаѓаат со приклучни апликации ќе бидат поедноставно поврзани. Компанијата сака да ги собере сите апликации на едно место, да го унифицира мрежниот протокол, безбедносните механизми и да овозможи нивна подлабока интеграција со iOS. Ова делумно треба да биде овозможено преку гласовниот асистент Siri кој ќе треба да ја автоматизира работата на овие уреди според навиките на корисникот. На пример, доколку корисникот ја извести „се подготвувам за легнување“, Siri ќе ги заклучи вратите, ќе го подеси термостатот на греењето, ќе ги исклучи уредите и ќе ги затемни или исклучи светлата. Сето ова ќе може да биде извршено единствено со iPhone-от на корисникот.
Корисниците ќе можат да ги организираат уредите во групи па ќе можат да ги контролираат сите уреди во групата истовремено. На пример, светилки или можеби уреди во една соба. За креирање на HomeKit, Apple соработува со огромен број на производители кои веќе се присутни со своите апликации на iPhone. Дел од компаниите кои соработуваат на HomeKit се: Panasonic, Honeywell, Osram, Schlage, Broadcom и August. За жал уредите кои сега постојат на пазарот нема да бидат компатибилни со Homеkit. HomeKit доаѓа заедно со iOS 8 кој е најавен за наесен.