Apple најави огромни промени за својот екосистем во Европската Унија. Компанијата ќе направи сериозни отстапки со кои ќе овозможи инсталирање на апликации на iPhone и iPad надвор од AppStore.
Новите локации од кои ќе може да се преземаат апликациите и самите ќе бидат апликации. Девелоперите кои ќе сакаат да креираат сопствени продавници за апликации ќе треба да исполнат некои минимални услови. Apple налага критериуми за корисничко искуство, спречување на измами, и корисничка поддршка, пренесе MacRumors.
Производителот ќе воведе нов API и алатки со кои ќе го овозможи креирањето на новите продавници. Дел од функционалностите покрај дистрибуцијата ќе бидат и надградбите на апликациите. Дополнителна промена има и за прелистувачите кои ќе можат да користат сопствен енџин, наместо како досега да мора да бидат на WebKit технологијата на Apple.
Како ќе функционираат новите продавници
Кога девелоперите ќе одберат да објават апликација во Европа сега ќе имаат избор, дали сакаат апликацијата да ја дистрибуираат преку App Store или преку алтернативните пазари. Тие ќе може да одберат каде сакаат да се појави нивната апликација. Еден избор секако ќе биде App Store, но дополнително може да одберат и алтернативни продавници, или единствено алтернативни продавници. Без разлика на изборот, апликациите ќе мора да бидат проверени за безбедност пред да започнат да бидат дистрибуирани.
За апликациите кои ќе бидат достапни преку другите продавници ќе важат поинакви правила. До еден милион инсталации користењето е бесплатно, но штом апликацијата надмине 1 милион започнува наплатата. Компанијата ќе наплатува нешто што го нарекува „Core Technology Fee“, и ќе заработува половина евро за инсталација по профил на годишно ниво над првиот милион.
За да може да користат било која од новите функционалности девелоперите ќе мора да ги прифатат новите услови. Ако не се согласуваат со условите ќе можат да продолжат како и досега.
Според новите услови провизијата која ќе ја зема Apple за апликации продадени во App Store е намалена на 10 или 17%. За разлика од САД каде плаќањето со алтернативни методи мора да биде надвор од апликацијата, во Европа плаќањето може да биде и во апликациите. Ако девелоперите го користат плаќањето на Apple ќе треба да платат дополнителни 3%. Секако како дополнителен трошок ќе биде и „Core Technology Fee“ кој ќе се плаќа годишно.
Девелоперите ќе имаат можност да одберат дали ќе останат во моделот во кој се сега или ќе го заменат со новиот. За корисниците кои ќе одлучат да не ги прифатат промените условите ќе останат исти како и досега.
Apple предупредува дека новите продавници за апликации се безбедносен ризик за корисниците, но под притисок на европското законодавство мора да ги направи промените.
За дел од критичарите на Apple, компанијата се обидува со промените половично да ги задоволи барањата на DMA. Сепак, дали ова ќе биде доволно на крајот останува одлука на Унијата.