Google, Alibaba и Amazon најавуваат дронови за испорака на производи, Intel и Disney сакаат со дрoнови да заменат огномет, a Apple доцни. Сепак компанијата најавува дека ќе користи дронови да го подобри квалитетот на своите мапи.
Веста која доаѓа оваа недела е дека Apple уште во 2015 се пријавил за дозвола за користење на дронови. Компанијата оваа флота на дронови ќе ја користи да ги надгради и ажурира мапите. Флотата ќе биде постојано активна и ќе може да ги разгледува и сообраќајните знаци, а и да забележи кога ќе има конструкција на патот, вели извор на Bloomberg.
Ова секако ќе помогне Apple Maps да станат подобри. Она што е интересно е дека Apple е сопственик и на Indoor.io. Финскиот стартап работи на технологија за мапирање на внатрешноста во објектите. Дали дроновите на Apple ќе летаат и внатре, па ќе се користат и за мапирање на внатрешноста е непознато, иако тоа би можело да биде навистина интересно.
Дел од одделот за дронови во Apple доаѓа од Amazon. Барем еден од вработените во одделот на Apple, претходно беше дел од Prime Air на Amazon, тврди Bloomberg. Дополнително и тимот на Apple за дронови е стациониран во Сиетл, САД каде е и седиштето на Amazon.
Сепак и покрај напорите на Apple, Google Maps има огромна предност. Апликацијата доаѓа преинсталирана на Android телефоните, достапна е и на iOS и веќе ја користат над милијарда корисници. Сепак ако Apple ги поправи мапите тогаш ќе ги задржи барем iOS корисниците. Можеби поинтересно ќе биде кога ќе дознаеме дали подобрите мапи Apple ќе ги искорости во технологјата за автомобили. Во последниот период стивнаа гласините дека Apple работи на автомобил, но нема да биде изненадување доколку компанијата сепак излезе со некакво решение.