Следењето на временската прогноза во вашата околина секогаш е корисно нешто, особено доколку планирате да поминете повеќе време на отворено – прошетки, планинарење, возење велосипед, шетање на вашето куче…. Иако на пазарот има огромен избор на апликации за временска прогноза, ние одбравме да ја претставиме Nice Weather како апликација на денот, од причина што апликацијата е брза, едноставна за користење и има добар дизајн.
Nice Weather е една од апликациите кои ќе ви кажат какво е времето и какво се очекува да биде во следниот периодот. Дополнително, прикажува информации за брзина на ветерот, температурата и влажноста. Апликацијата има минималистички дизајн и е едноставна за користење, со тоа што имате неколку опции за менување дали температурата да ја прикажува во целузиуси или фаренхајтови степени, брзината во километри на час или милји и слично.
Откако ќе ја стартувата апликацијата, автоматски ќе бидете лоцирани и ќе бидете означени на мапата. Но, постои можност и за самите да додадете локации за кои сакате да го следите времето. Информациите сами се ажурираат на интервал од 3 часа, а истите се чуваат и за офлајн прегледување.
Единствена маана на Nice Weather е тоа што нема поддршка за виџети. Nice Weather е бесплатна Android апликација и можете да ја преземете од Google Play.








