По успехот на Viber и WhatsApp кои се продадоа за 900 милиони долари, односно за рекордни 16 милијарди долари, не е воопшто чудно што инвеститорите сакаат да фрлат уште пари во нови популарни апликации за пораки чија таргет група се тинејџерите. Посебно ако тие апликации го следат најновиот тренд за анонимност, како Whisper, достапна за iOS и Android. Во нова рунда инвестиции, Whisper собра уште 30 милиони долари од Shasta Ventures, Тhrive Capital и кинескиот Tencent, што и ја качи вредноста на неверојатни 200 милиони долари, иако апликацијата се уште нема модел како ќе прави пари, пренесува Re/code.
Whisper, базирана во Лос Анѓелес, e атрактивна за неколкуте милиони корисници бидејќи им овозможува да го откријат своите тајни со светот и да се дружат со истомисленици, главно тинејџери и студенти, притоа задржувајќи си ја анонимноста. Воглавно на апликацијата се споделуваат трачеви, тајни и исповеди, што на моменти претставува проблем и бара потреба да се модерираат пораките.
Конкурентот на Whispeр, Secret, собра прва инвестиција од 10 милиони долари, со што беше проценета на 50 милиони долари. И Secret како Whisper им нуди на корисниците анонимност, a разликата е само во дизајнот. И двете апликации се трудат да најдат начин да прават пари од зголемената популарност.








