AMD ги претстави Ryzen 7000 процесорите – новата серија е побрза и поевтина од претходната

во Вести

Како што беше најавено, AMD оваа недела ги претстави своите процесори од Ryzen 7000 серијата. Покрај цената, перформансите и датата кога официјално ќе бидат достапни во продажба дознавме и некои детали за AM5 платформата.

Ryzen 7000 е 5nm процесор од AMD. Овие процесори треба да ја заменат Ryzen 5000 серијата која беше претставена во октомври 2020 година. Новите процесори секако се побрзи од претходните, но она што е поинтересно е дека се и поевтини. За пример најмоќниот процесор во серијата, Ryzen 7950X ќе чини 700 долари, 100 долари поевтино од процесорот кој го менува – Ryzen 5950X. Во времето кога излезе, AMD Ryzen 9 5950X чинеше 800 долари.

На презентацијата AMD ги претстави четирите најмоќни процесори од серијата, а останатите ќе бидат претставени подоцна. Јадрата остануваат непроменети во однос на претходната серија: Ryzen 5 7600X доаѓа со 6 физички и 12 виртуелни јадра; Ryzen 7 7700X доаѓа со 8 физички и 16 виртуелни јадра; Ryzen 9 7900X доаѓа со 12 физички и 24 виртуелни јадра; Ryzen 9 7950X доаѓа со 16 физички и 32 виртуелни јадра. Цената на секој од процесорите е или иста или пониска од процесорот кој го менуваат. Ryzen 5 7600X и Ryzen 9 7900X чинат 300 и 550 долари, и имаат иста цена како процесорите за кои се директна замена. Ryzen 9 7950Х чини 700 долари, што е 100 долари помалку од 5950X. Ryzen 7 7700X чини 400 долари, или 50 долари помалку од Ryzen 7 5800Х.

ПроцесорMSRPcore / threadsфреквенција (base/boost)кеш (L2+L3)TDP
Ryzen 5 7600X300 долари6 / 124,7 / 5,3 GHz38MB (6+32)105 W
Ryzen 7 7700X400 долари8 / 164,5 / 5,4 GHz40MB (8+32)105 W
Ryzen 9 7900X550 долари12 / 244,7 / 5,6 GHz76MB (12+64)170 W
Ryzen 9 7950X700 долари16 / 324,5 / 5,7 GHz80MB (16+64)170 W

Подобри перформанси на Ryzen 7000

Процесорите во просек се 13% побрзи од процесорите кои ги менуваат. Овој податок се однесува на „instructions-per-clock“ (IPC). Она што најлесно се забележува е огромниот скок во работната и турбо фреквенцијата. Максималната фреквенција на Ryzen 9 7950X е 5.7GHz, 800MHz (16%) повисока од Ryzen 9 5950X.  Производителот очекува 29 отсто подобри перформанси на „single thread“ процесите. AMD ветува дури 45% подобри перформанси за „потешките“ апликации.

Растот на перформансите се должи на новиот 5nm процес, но и промена во „front end“ архитектурата и поддршка за AVX-512, вели Лиса Су, директор на AMD. AVX-512 е екстензија која помага при специфични пресметки, како машинско учење и вештачка интелигенција. Екстензијата е дефинирана од Intel, но производителот се откажа од неа со 12-тата генерација процесори. Причина за ова беше воведувањето на ефикасните јадра кои не поддржуваат AVX-512.

Ryzen 7000 процесорите доаѓаат со iGPU, графички чип колку да го има. На дел од корисниците кои немаат потреба од речиси никакви графички оптоварувања ќе им биде доволен, останатите ќе мора да инвестираат во графичка картичка. Од AMD објаснија дека iGPU кој е искористен во Ryzen 7000 серијата не е во ранг ниту на графичките чипови во APU чиповите на компанијата.

Овој пат од AMD добивме и интересен податок за споредбата на Ryzen 7000 со конкуренцијата од Intel. 7950Х e 11% побрз за гејминг од најбрзиот процесор на Intel, Core 12900K. Дури и „најслабиот“ процесор во серијата 7600Х има 5% подобри перформанси од 12900K кој е најбрзиот процесор за гејминг на Intel.

Детали за АМ5

Сите кои ги следат барем малку подолго AMD процесорите веќе знаат дека за Ryzen 7000 процесорите ќе биде потреба нова платформа. Промената на сокетот секако значи дека ќе биде неопходно да се замени целата плоча. Корисниците ќе можат да заштедат единствено на кулерот кој e компатибилен со АМ4 сокетот.

AM5 е 1718-пински LGA сокет. Контактите се префрлени на матичната плоча наместо на долниот дел на чипот. Преку AM5 ќе може да се испорача моќност од 230W, пренесе Ars Technica. Новиот сокет ќе потрае барем до 2025 година. Ова е пократок период од актуелниот АМ4 сокет.

Засега се планирани и најавени X670 Extreme, X670, B660 Extreme, B650 Extreme и B660. Плочите со X670 ќе бидат достапни од септември, а B660 и B650Е матичните плочи доаѓаат во октомври. Плочите ќе поддржуваат DDR5 меморија со максимална брзина до DDR5-6400. Сите Extreme плочи доаѓаат со поддршка за PCI Express 5.0, M.2 SSD слот и PCIe 5.0 за графички картички. За разлика од овие плочи стандардните верзии на плочите доаѓаат со PCI Express 5.0 за SSD, но PCIe 4.0 слот за графичка картичка. Почетна цена на плочите е 125 долари, иако ова веројатно ќе се однесува на B550.

Продажбата на новите процесори започнува од 27 септември. За сега нема дата за други Zen4 процесори кои ќе бидат достапни во иднина.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments