Основи на Bitcoin протоколот – втор дел [серијал]

Во првиот дел од овој серијал, разгледавме како функционираат дигиталните потписи и јавните и приватни клучеви. Бидејќи се многу сигурни методи, знаеме дека единствениот начин на кој дигиталниот потпис може да биде направен е доколку потпишувачот ги има и јавниот и приватниот клуч. Но, во самиот процес на креирање на протоколот има уште еден проблем.

Да кажеме дека Никола му должи 1.000 денари на Стефан. Иако Стефан не може да го фалсификува потписот на Никола за нова трансакција, тој може да го ископира записот неколку пати, бидејќи комбинацијата на записот и потписот е валидна.

За да се избегне овој проблем, на системот треба да се додаде уникатен реден број на секој запис. На тој начин, ако Никола му должи 1.000 денари на Стефан неколку пати последователно, секоја трансакција ќе треба да има нов потпис, и нов реден број.

Сега, протоколот по кој се водиме треба да изгледа вака:

  1. Секој може да додаде запис во леџерот
  2. На крајот на одморот се раздолжувате со реални пари (денари)
  3. Само потпишаните трансакции се валидни, и секоја трансакција си има свој реден број

Секако, овој протокол се уште се базира на доверба. Вие верувате дека сите ќе се сретнете на крајот од одморот за да се раздолжите со кеш.

Извор: Bitcoin.org

Но, што ќе се случи ако Стефан само позајмува пари, и се задолжи илјадници денари од сите останати во групата и реши да не се појави на договорениот термин?

Иако сте отишле заедно на одмор со него, тој може да реши да не почести ниту еднаш, и само да се задолжува и да јаде најскапи работи и потоа да побегне. Секако, бидејќи е тој со вас во близина, можете да му кажете или да интервенирате. Но, поентата на Bitcoin-от е да се направи нешто со кое ќе функционира целиот дигитален свет.

Единствената причина зошто се користи кеш за раздолжување во реалноста е бидејќи некои луѓе, како Стефан, ќе должат многу пари.

Bitcoin

Bitcoin

$54,505.61

BTC -0.36%

Подобрување на протоколот

Photo by Karolina Grabowska: https://www.pexels.com/photo/gold-and-silver-round-coin-5980856/

Една интересна идеја е дека никогаш нема да мора да се раздолжите во кеш, се додека имате некој начин да ги натерате луѓето да не трошат повеќе отколку што имаат ставено во еден заеднички куп пари.

Може да направите договор и сите заедно да ставите по 1000 денари во едно купче, и првите линии во леџерот да бидат дека секој поединечно ги има добиено тие пари:

  1. Марија добива 1000 денари – потпишано
  2. Никола добива 1000 денари – потпишано
  3. Стефан добива 1000 денари- потпишано
  4. Вие добивате 1000 денари – потпишано

Сега, само не треба да се прифаќаат трансакции кога некој троши повеќе отколку што има ставено во леџерот.

Да кажеме дека по ставањето на 1000 денари во леџерот, Стефан се обиде да направи неколку трансакции.

  1. Стефан плаќа на Марија 500 денари – потпишано
  2. Стефан плаќа на Никола 500 денари – потпишано
  3. Стефан плаќа на Вас 200 денари – потпишано

Последната трансакција ќе биде невалидна, бидејќи во новиот систем што ќе се направи нема да дозволиме на луѓето да потрошат повеќе пари отколку што имаат ставено. Трансакцијата ќе функционира исто како да нема потпис. Ова значи дека треба да се знае историјата на трансакциите за да се верификува дека новиот запис е валиден. Она што е интересно тука е дека овој чекор ја отстранува врската помеѓу леџерот и физичкиот кеш. Во теорија, доколку секој во светот би го користел, може да си го поминете целиот живот праќајки и примајќи пари на леџерот без да користите денари.

Многумина од нас веќе живеат на овој начин, трошејќи и заработувајќи само дигитално (со користење на картичка) и само повремено користејќи физички кеш. Во овој случај, релевантниот леџер е многу покомплициран каде што се вклучени банките. Големата разлика е дека во банките секогаш „можеме“ да си ги конвертираме парите од сметката во реален кеш. Освен ако не појдеме сите во исто време и не налетаме на неколку проблеми. Но, ајде да кажеме дека вие и вашите пријатели комплетно го оттргнете леџерот од реалниот кеш, со никаква гаранција дека можете да си ги земете парите во рака. Сега, наместо да ги викаме денари, валутите на записите ќе ги викаме крипто денари.

Во секој момент можете да ги замените крипто денарите за реални денари. Пример, ако Марија му даде 100 денари на Никола во реалниот свет, тој може да потпише трансакција во леџерот каде и дава нејзе 100 крипто денари. Ваквите размени не се гарантирани во самиот протокол. Ова што го прават Марија и Никола личи на менување на реални денари и евра во менувачница. Функционира како независно нешто.

Ова е важно нешто што треба да го разбереме за Bitcoin-от, или каква било друга криптовалута. Bitcoin протоколот е леџер. Историјата на трансакциите ја прави самата валута. Има една многу голема разлика помеѓу системот што го објаснивме во претходниот дел и начинот на кој функционираат криптовалутите. Првенствено, леџерот што го направивме претходниот пат требаше да биде јавен и тоа да биде некој вид на апликација или пак вебсајт. Тоа значи дека се верува на некоја централизирана организација.

Повторно ќе го искористам примерот со SplitWise. Доколку вие отидете на одмор со неколку пријатели и цело време плаќањата ги внесувате во апликацијата, што ќе се случи доколку апликацијата ненадејно престане да работи? Што ако серверите паднат или има некој баг и вашите записи се избришат? Кој ги контролира правилата на додавање на нови записи?

За да се избегне овој проблем на доверба, сите луѓе што се вклучени во системот ќе си имаат своја копија од леџерот. Тогаш, кога некој ќе сака да направи трансакција, ќе го каже тоа јавно, и сите ќе го запишат на нивниот приватен леџер.

Пример, ако Стефан сака да даде 100 крипто денари на Марија, тој ќе го каже тоа јавно и сите ќе го запишат во нивните приватни леџери. Ова е исто како да сте на час по математика и сите да ја запишувате задачата што се решава на табла во своите тетратки.

Но, освен ако не се направи нешто повеќе, овој систем би бил многу лош. Како ќе ги натераме сите да се согласат на тоа кој е правилниот леџер?

Ако на Марија и стигне трансакцијата дека Стефан и пратил 100 крипто денари, тогаш како може Марија да биде сигурна дека и сите останати ја добиле трансакцијата и веруваат во неа. Нормално, таа би сакала подоцна да ги искористи тие крипто денари за да тргува со некој друг.

Ако се замислиме во ситуација каде што само слушаме трансакции, како можеме да бидеме сигурни дека сите останати ги запишуваат и чуваат истите трансакции како и ние и во истиот редослед?

Ова е моментот каде што проблемот станува интересен, и ова е одговорено во оригиналниот Bitcoin документ.

Тоа ќе го разгледаме во наредниот дел од овој серијал.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Pane24
Pane24
2 years ago

Ништо не сфатив.

види ги сите огласи на kariera.it.mk