Европската унија побара од својот највисок суд да го провери трговскиот договор ACTA кој предизвика несогласувања и протести по улиците на неколку европски метрополи.
Eвропскиот суд за правда ќе треба да го разгледа Anti-Counterfeiting Trade Agreement (ACTA) и да даде конечно мислење за легалноста на трговскиот договор потпишан од ЕУ, 22 земји-членки, САД и други држави, пред истиот да биде имплементиран, односно ставен на гласање во јуни пред Европскиот Парламент.
Судот треба да провери дали ACTA ја нарушува слободата на изразување или слободата на интернетот.
„Оваа дебата треба да биде заснована на факти, не на дезинформации и гласини што ги доминираа друштвените мрежи и блогови во последниве неколку недели.“, вели евро-комесарот за трговија Карел Де Гучт во официјалнo соопштение.
Тој додаде дека трговскиот договор мора да ја зачува креативната економија додека во исто време да ги задржи и фундаменталните слободи, меѓу кои и слободата на интернетот. Според него, судот ќе помогне да се разчисти договорот и да се дадат на парламентарците детални информации за ACTA.
ACTA е трговски договор кој треба да се справи со фалсификатите и пиратеријата со воведување на построги казнени мерки. Но, што се однесува до пиратеријата, овој договор бара од интернет провајдерите да ги следат активностите на корисниците, што значи нарушување на приватноста и воведување на филтри кои можат да послужат за цензура.