Во периодот од 6 до 8 ноември 2026 година, на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (УИНТ) во Охрид ќе се одржи настанот Ohrid TechAthlon 2026. Настанот е организиран од Охрид Тех Сити (Ohrid Tech City) во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.
Ohrid TechAthlon 2026 е тродневен мултидисциплинарен технолошки и иновациски маратон (tech-athlon / теч-атхлон) посветен на унапредување на технологијата и иновациите преку истражување и решавање на сложени предизвици во различни сектори, дисциплини и технологии.
Настанот има за цел на едно место да ги обедини и поврзе студентите, фриленсерите, технолошките таленти, иноваторите, претприемачите, академската и бизнис заедницата, да промовира развој на вештини, да го зајакне стартап и иновацискиот екосистем во Охрид и регионот и да ја промовира и унапреди соработката помеѓу академската, научно-истражувачката и бизнис заедницата.
Учеството е отворено за фриленсери, претприемачи, студенти, ученици, програмери, дизајнери, иноватори, истражувачи, академски работници и компании. Под менторство на 20 искусни професионалци, учесниците ќе имаат можност да ги развијат своите идеи од иницијален концепт до изработка на прототип и бизнис модел.
Ако имате идеја, а немате тим, тука може да го најдете. Ако имате идеја за готов производ, апликација, решение или бизнис, тука може да најдете ментори, луѓе и контакти кои ќе ви помогнат да ги реализирате. А ако имате компанија, тука може да воспоставите нови бизнис контакти и да запознаете млади таленти од регионот.
Програмата на Ohrid TechAthlon
Програмата е поделена во четири дела:
- Ideathlon: работилници и предавања од луѓе од индустријата, меѓу кои Magna, како и предавања за дизајн, AI и брендирање.
- Tech Hackathon: учесниците ги претставуваат идеите, формираат тимови и со помош на 20 ментори градат прототип, кој во недела го презентираат пред жири. Најдобрите тимови добиваат награди и можност за акцелераторски програми, стажирања и вработувања.
- Бизнис Експо: компании и стартапи се претставуваат на штандови во сабота.
- Кариерен саем: компаниите разговараат со учесниците, се поврзуваат со талентиран кадар и создаваат нови можности за пракса и вработување.
Темите се веб-развој, дизајн, вештачка интелигенција, IoT, развој на игри, FinTech и одржливост. Предизвиците ги носат вистински компании, со вистински проблеми.
Како да се вклучите
- Како учесник: Не ви треба искуство ни тим. Доволно е да се регистрирате на ohridtechathlon.com/tickets и да дојдете со идеја или со желба да се приклучите на нечиј тим.
- Како компанија или партнер: Може да се вклучите со штанд на бизнис експото, учество на кариерниот саем, работилница, менторство на тимовите или со свој вистински предизвик што тимовите ќе го решаваат. Може да ни пишете на [email protected] и заедно ќе најдеме форма што ви одговара.
- Како ментор или предавач: Ако имате искуство што сакате да го споделите со младите, пишете ни на [email protected].
Партнери и поддржувачи
Настанот го поддржуваат Magna, Helvetas, Ohrid Time Travel, Startup Club Skopje, Zephyr Angels, Wolt, Brainster / Brainster Next College, Smartix Ventures, VITECH, Builders.mk, Qodix, Swiss Entrepreneurship Program на Владата на Швајцарија и многу други.
Придружете ни се на овој возбудлив настан за соработка, дружење и иновации додека заеднички ја обликуваме посветлата иднина. Ohrid TechAthlon ве поканува да го прифатите предизвикот, да воспоставите вредни конекции и соработки и да ја искористите трансформативната моќ на технологијата. Подгответе се да оставите траен белег и да станете дел од заедница посветена на поттикнување на иновациите!
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...