13 години GG.MK: Скара во студио, изгорени кабли и страст што не згаснува

0 коментари 9 мин. читање

Има нешто импресивно кај долговечноста кога станува збор за дигиталните медиуми во Македонија. Нови трендови, нови платформи, но екипата на GG.MK останува иста кај сите љубители на видеоигрите, технологијата и гејмингот кај нас. Како најдолговечен македонски поткаст кој опстојува без прекин и пауза повеќе од една деценија, GG.MK влегува во новата сезона со истата енергија, автентичност и препознатлив дух.

Традиционално пред почетокот на новата сезона зборуваме со Гораст, но овој пат имавме можност да добиеме одговори и од Бобо, Паци, Марио и Ана. Ако сакате да дознаете повеќе за ГГ.МК, техничките предизвици, е-спортот и сè што нè очекува во претстојниот период продолжете да читате.

За долговечноста

Кој е клучот за долговечноста на ГГ.МК и како ја одржувате „хемијата“ меѓу вас овие години?

Паци: Најголема сила што не држи заедно е „love-hate“ односот према Blizzard, но шала на страна, ГГ е заедница од пријатели што имаат длабока пасија кон игрите и индустријата, и таа пасија го згаснува уморот и дозволува да тераме волку долго.

Како се развива визијата за ГГ.МК од почетокот до денес, и што беше (е) најголем предизвик во градењето на шоуто?

Гораст: Идејата беше, и остана, GGTV да биде гејминг мрежа, канал, телевизија односно медиум кој ќе биде полн со гејминг содржина. Емисии за хардвер, софтвер, развивање, еспорт, подкасти и друг тип на содржина. GG.MK е уште во потрага по креатори кои сакаат да го искористат просторот, публиката и комјунитито за да направат сопствен проект кој ќе оди под капата на GG.MK, ќе ги има сите бенефити кои доаѓаат со нас.

Обично за некој подкаст, стример, креатор на содржина да опстои потребна е конзистентност. Обично тука кикснуваат сите. Во нашиот случај немавме таква криза. Ние едвај чекавме да дојде моментот за стрим. Верувам дека ова е една од најбитните причини зошто, и по 13 години, сè уште сме во етерот и тоа како најдолговечен поткаст кој опстојува без прекин и пауза сите овие години. Дополнително еден од ретките (мислам има еден или два) кои се во живо, а водителите се на различни локации. Техничкиот предизвик тука сеуште постои… и се бориме ревносно да го надминеме.

Која е следната голема цел или чекор што ја посакуваш за ГГ.МК во иднина?

Гораст: Мислам дека на сите ни е ќеф повторно да се вратиме во студио. Кога велам сите, освен на нас зад камерите, мислам и на гледачите и следачите. Катадневно, особено за време на поткастите, вришти барање за да се вратиме во живо. Сметам дека доколку тоа се случи, ќе внесе нов и различен дух во работата и перцепцијата на публиката.
Од претходната сезона имам желба, средствата кои ги дававме како гивавеи да ги пренасочиме во настани за држење ин персон, во живо. Со пијачка и грицки, да разговараме и паѓаме во севдах на гејминг теми. Подобро од тоа… здравје!

Носталгија и скара во студио

Која ти е омилена сцена или гаф од ГГ.МК што уште го паметиш?

Бобо: Омилена сцена засекогаш ќе ми бидат првомајските епизоди кога правевме скара во студио. Обично јас сум тој што е против вакви непромислени авантури, ама овој пат инстант попуштив – да бидам искрен, најмногу поради ребрата што ми беа ветени.

Пресмешно е кога ја прегледувам сега, после толку години. Моментот кога завршува најавната шпица и влагаме во студио со скара на маса, дим на сите страни, Гораст во кецела, Паци и јас пресреќни дека ќе има храна… а коментарите на Twitch – ултра, гига смешно.

Прејако е што низ годините секој што нè гледал си има свој омилен гаф или сцена. И фала им на Twitch што го имплементираа нивниот clip систем, па можеме сите тие моменти да ги имаме во една огромна плејлиста достапна на каналот.

Во моментов на GG има преку 1 500 такви клипови од нашите гледачи и некои од нив се стварно пресмешни. Топло ви препорачувам да ги прегледате.

 

Дали се случило некогаш тотално да го промениш мислењето за некоја игра години откако си ја критикувал во емисија? Ќе видиме ли некогаш рубрика „Е за оваа игра не бевме во право“?

Бобо: Бобо е секогаш во право…

Шала на страна, мислењето што го имаме за некоја игра во повеќето ситуации е многу субјективно и често е поврзано со тоа во каков период од животот се наоѓаме.

Некогаш просечни игри ни се предобри само затоа што ни даваат сè што бараме во тој момент, но важи и обратното — хејтаме мега гига наслови само затоа што се различни од тоа што ние сме го очекувале. Така што, сигурен сум дека постојат доста игри за кои може да се каже дека сум ги критикувал и после сум ги играл без да признаам на никого :)

Чиста објективност во оваа работа мислам дека не постои. Како што поминуваат годините и ние го изоструваме нашиот вкус, сè помалку ни е битно што мислат другите или каков е скорот на Metacritic. Ова, секако, не важи за The Last of Us Part II…Таа игра засекогаш ќе биде многу потпросечна.

П.С. Рубрикава е одлична идеја и мислам дека ќе мора да ја направиме во наредната сезона. Таман шанса Гораст и Данко да се покајат. :)

„Зад камерата“ и техника

Како изгледа GG.MK од твоја страна? Има ли големи технички предизвици кога се работи во живо?

Паци: Во живо е каде-каде полесно отколку онлајн. Сè ти е на дофат и веднаш може да се испеглаат проблемите. Предизвици секогаш има кога сите сме онлајн и зависиме од стабилноста на интернет конекцијата. После 5 години водење поткаст од дома, знаеме како да се справиме со овие проблеми, но никогаш нема да биде исто како во студио. Едноставно има премногу елементи од кои зависи стабилноста на една епизода. Најважно е што публиката има разбирање, иако нормално сите – вклучувајќи ги и водителите – на крај викаат: „Паци, you had one job, man!“

Колку се промени реализацијата на шоуто технолошки од почетокот до денес, и што те радува најмногу во новата сезона?

Паци: Додека бевме во студио, секоја година имаше нов детаљ на кој требаше да се внимава — агол на камери, јачина на светла, аудио од водителите и трејлерите. Некои од тие работи се изгубија откако се префрливме онлајн, но пак се обидуваме најмногу што можеме да го задржиме истиот тон и квалитет секоја епизода.

Најмногу ме радува што почнува новата сезона. Особено ги сакам оние разговори што се случуваат 5 минути пред епизодата. И, секако, да протнам некој #ПациTalks во емисија. #ФалишБудалче

Порталот, заедницата и летните гејминг вести

Како се одржува порталот заедницата активна помеѓу две сезони и кој тип содржини најмногу ја привлекува публиката?

Марио: Многу е интересен моментот што публиката (читателите) најмногу ги привлекува рубриката што јас најмалку ја следам од било што друго, Е-Спортот. Кога ќе се објави на ГГ.МК порталот нешто за е-спорт, нормално поврзано со наши е-атлети, тоа има илјадници читања. Не би сакал да категоризирам сега за кој повеќе се чита, но сепак се што би било објавено и поврзано со Мартин Саздов „Сакса“ тоа има илјадници читања, други медиуми го пренесуваат, што всушност е можеби и најголемиот успех кога станува збор за порталот. И начинот на како се одржува порталот и кога ГГ.МК Поткаст е на летна пауза и за време на сезоната е многу интересно од причина што како и се во светот, така и оваа гранка се менува секојдневно. Секојдневно се случуваат работи, се најавуваат работи, скандали, успеси… Морам да признаам дека како човек што новинарството му е толку врежано во срцето и работењето на неколку медиуми симултано е неописливо тешко. На еден фронт кога се пишува нешто на пример за светска политика од потреба, а на друг фронт за гејминг од пасија, е доста интересно. Не знам како постигнувам (не успевам секогаш), но забавно е премногу! И многу е интересен моментот што многу често се случува за сите шокантни работи се случуваат во вторник или среда, некогаш четврток, а ГГ.МК поткаст секогаш е во понеделник. И многу често публиката чека цела недела за да се емитува епизодата во живо да се коментираат тие работи. Порталот тука спасува ситуација дека веднаш ги пренесувам сите работи.

Што беше најголема гејминг вест во паузата за која си помисли „Е ова ќе беше интересно да го разговарамвме во живо“?

Марио: Не дека нема да се разговара за ова уште на првата епизода и уште во првиот момент, и всушност е многу нова и свежа вест за тоа дека Хидео Коџима премина на Зелената Страна од Сината Страна. Односно за тоа дека ги раскина сите пријателства со PlayStation и целосно се префрли за неговите следни игри и проекти да бидат XBOX ексклузиви… Исто така тазе работи што ќе се зборат уште во првата епизода беше враќањето на BlizzCon после неколку години и колку беше еден од најдосадните настани што се имаат случено некогаш. Генерално имавме малку досадно лето, немаше некои преголеми скандали или успеси. Знаело порано во текот на летото да се случуваат големи дешавки и да биде буквално доминација и нашите гледачи и читатели константно да ни пишуаат „Зошто немате подкаст, ова е многу битно да се каже во живо, не само на порталот!“.

За македонската е-спорт сцена

Кои еспорт игри или турнири се најпопуларни кај нас?

Ана: На нашето поднебје доминантно се играат игри од категоријата на пукачи од прво и трето лице. Соодветно и се следат најмногу турнирите што се поврзани со Counter Strike 2 како IEM, иако имаме и други наслови кои што се инфилтрираа во еспорт сцената како Valorant, Overwatch, Apex Legends итн. Сепак, највисоко котираат турнирите што се поврзани со игри произведени од Valve, што воедно тука ја вклучува и Dota 2, игра која што се игра на доминантно casual ниво, но сепак имаме и јака локална сцена поврзана со овој наслов. Да не ги заборавиме League of Legends играчите, кои ги има во многу поголем број во споредба со Dota 2. Сметам дека League имаат појако локално присуство со неколку тимови како Void, но поради политиката на поддршка на турнири од Riot и доминацијата од страна на азиските земји, сметам дека е многу потешко за наши играчи да просперираат во League во споредба со Dota 2. Дополнително имаме и неколку активни друштва и заедници кои играат и други наслови, вон FPS/TPS и MOBA жанровите, како Tekken и Street Fighter, како и Rocket League, и по некои игри со карти.

Кој е првиот голем е-спорт настан за кој ќе може да слушнеме во новата сезона?

Ана: Сезоната ќе ја отвориме во текот на групната фаза од Valorant Champions турнирот што ќе трае од 24 септември до 4 октомври, по која ќе има три дена пауза, па плејоф фаза од 7 октомври и финале на 18 октомври во Шангај. Поголем дел од големите игри ги одржаа своите годишни шампионати во текот на летото, некои од нив во целосен или делумен склоп на EWC. Се очекуваше оваа есен да започне ENC, светски турнир на ниво на држави во 16 игри, во стартот се одложи за следната година. Понатаму ни следуваат регуларни сезонски лиги под веќе познати организатори како ESL, PGL, BLAST, итн. Нема некои нови најави за турнири сега за сега. Вообичаено во овие периоди, па сè до Нова Година, да имаме периоди на трансфери, ротации, крај на договори и слично, како што најчесто се случува после шампионати или големи мејџори.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед