Дали платите во ИТ индустријата сè уште растат? Колку е тешко денес да се најде работа како практикант или јуниор? Колку луѓе реално користат AI секој ден? Сè уште ли сакаме да работиме remote или се враќаме во канцеларија? Кои технологии растат, а кои полека исчезнуваат?
И можеби најважното прашање: Каква е реалната состојба на македонскиот ИТ сектор во 2026?
Наместо да нагаѓаме, традиционално го објавуваме повикот за четвртото мапирање на македонската ИТ индустрија. Од денеска, IT.mk го започнува Мапирањето на .мк ИТ секторот, издане 2026, четвртото големо истражување преку кое сакаме да добиеме реална слика за луѓето кои работат во македонската ИТ индустрија.
Приклучи се тука -> https://it.mk/map2026
Од 2019 до 2026
Првото Мапирање го направивме во 2019 година. Следуваа изданијата во 2022 и 2024. Податоците се јавно достапни на https://it.mk/mapiranje
Во последното истражување во 2024 учествуваа 2.010 испитаници (за само 24 часа пополнија 1.000!), од кои добивме 1.987 валидни одговори. Тоа ни овозможи да погледнеме многу подлабоко од класичната статистика за „просечна плата во ИТ“.
- Колкави се примањата според искуство?
- Кои технологии ги користиме?
- Какви компании нè вработуваат?
- Што очекуваме од работодавачите?
- Работиме remote, hybrid или од канцеларија?
- Што нè тера да смениме работа?
И тогаш дојде 2026….
Многу работи се сменија
Од една страна, македонскиот ИКТ сектор продолжува да расте со својот outsourcing. Според податоците презентирани од МАСИТ, во 2025 секторот достигнал 1,77 милијарди евра приходи и 676 милиони евра извоз, односно зголемување за 7% споредбено со претходната година. Во периодот 2020-2025 бројот на вработени пораснал за 44%, а бројот на компании за 42%. Од друга страна, муабетот меѓу луѓето во индустријата денес звучи многу поинаку…
Глобалниот пазар на ИТ талент се менува, тешко е да се дојде до пракса, вештачката интелигенција презема голем дел од работите, компаниите ја чувствуваат економската криза… А околу платите, вработувањето и иднината на професијата има веројатно повеќе мислења од кога било.
Затоа сакаме повторно да ги замениме анегдотите со податоци.
Што сакаме да дознаеме во 2026?
Оваа година повторно ќе ги следиме клучните показатели за македонскиот ИТ сектор:
- плати и други примања
- работни позиции и seniority
- технологии, programming languages и алатки
- remote, hybrid и работа од канцеларија
- промена на работа и очекувања од работодавачите
- образование и квалификации
- типови компании и клиенти
- бенефиции и услови за работа
Но посебен фокус ќе има и на прашањето што веројатно најмногу ја промени индустријата од последното Мапирање: AI. Колку го користиме? За што го користиме? Дали нè прави попродуктивни? Дали веќе менува работни позиции? И дали македонските ИТ професионалци го гледаат како алатка, можност или закана?
Процесот на прибирање на податоци за истражувањето го планираме да трае иницијално 5-6 недели, зависно од заинтересираноста и тоа колку луѓе ќе одговорат, а ако побрзо дојдеме до таргет бројката (~2.000+ испитаници) побрзо и ќе го комплетираме прибирањето и ќе се префрлиме во следната фаза – обработка (3-4 недели) и после тоа резултатите ќе ги презентираме јавно – бесплатно!
Истражувањето ќе има три клучни процеси:
- Прибирање на податоци
преку https://it.mk/mapiranje (преку промоција и покана до компании, групи и сл.) - Обработка на податоци
во соработка со Data Masters - Објавување на податоци
бесплатно на IT.mk
Податоците ќе бидат достапни и во RAW формат – бесплатно за академскиот сектор и индивидуалци кои ќе ветат дека нема да ги користат за комерцијални цели. А за комерцијално користење ќе има можност да се закупи комерцијална лиценца која ќе дава права за користење во такви цели без ограничувања. Исто како што правевме и изминатите години. Она што е многу важно е дека истражувањето е АНОНИМНО бидејќи прашуваме и бројка за нето примања. Како алатка за прибирање на податоците ќе ја користиме Google Forms, а од сите вас бараме да играте фер-плеј и заедно да придонесеме кон податоци кои утре сите ќе може да ги користиме.
Ни требаат твоите 5-10 минути
За Мапирањето да има вредност, потребни ни се што повеќе реални одговори од луѓе кои работат во секторот. Програмери, систем администратори, DevOps, QA, дизајнери, product луѓе, project managers, data professionals, cybersecurity, marketing, support, founders и сите останати кои се дел од ИТ индустријата.
Анкетата е анонимна.
Нè интересираат податоците за индустријата, не кој ги дал.
ПРИКЛУЧИ СЕ ВО МАПИРАЊЕ 2026
Одвој 5-10 минути и помогни ни повторно да добиеме реална слика за македонскиот ИТ сектор.
Колку повеќе одговори собереме, толку подобро ќе можеме да видиме каде навистина се наоѓаме во 2026. И кога за некој месец повторно ќе започне дискусијата дали „ИТ секторот пропадна“, дали „сите земаат 3.000 евра“ или дали „AI ќе нè замени сите“… барем ќе имаме бројки.
Приклучи се тука -> https://it.mk/map2026
Се вчитуваат нови одговори…
Робот (content unit)
Приклучи се на целосната дискусија на IT.mk | Форум →
Дискусија
Дискусијата продолжува во поврзаната форумска тема.