Анатомија на една дезинформација: Како скопската вода „доби“ ешерихија коли

1 коментар 5 мин. читање

Во средата утрото од добар познаник добив порака која гласеше: „Не пијте вода од чешма, поради депонијата во Рашче се збори дека во водата има ешерихија коли“. Првата работа што ја направив беше да проверам дали има некаква официјална информација за ова: медиуми, официјални канали и објави од институциите, но немаше ништо. Ниту вест, ниту соопштение, ниту предупредување дека водата во Скопје не е безбедна за пиење. 

Во тој момент приказната ми звучеше како уште една од оние пораки што повремено кружат по групи и кои најчесто исчезнуваат исто толку брзо како што се појавиле. Но овојпат не исчезна, а најсимптоматично беше тоа што пораката дојде од прилично „сигурен“ извор. 

Неколку часа подоцна, во сосема неврзан муабет со колеги во канцеларијата, истото го слушнав повторно. „Се збори дека има ешерихија коли во водата“. А неколку часа потоа, очекувано, се активираа и групните Вибер и Ватсап пораки. 

Некој ја праќа пораката затоа што ја добил од некој друг, друг ја препраќа „за секој случај“, а трет додава дека „има нешто со депонијата во Рашче“. И така, без официјален извор, без лабораториски резултат и без било каков доказ, една гласина почнува да „живее“. Тука, всушност, почнува анатомијата на една дезинформација.

Не знаеме кој ја испратил првата порака. Не знаеме дали станувало збор за намерна дезинформација, политичка манипулација, неодговорно пренесување на гласина или едноставно нечија погрешна претпоставка. Но, знаејќи го и контекстот околу случувањата со водата за пиење во Гостивар, димензијата на праќањето на вакви пораки дополнително се зголемува.

Знаеме што се случи потоа: информацијата почна да се повторува толку многу што на крајот институциите мораа да излезат пред јавноста и да објаснуваат дека нешто што никогаш не било потврдено всушност не се случува.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на вонредна прес конференција категорично ги демантираше информациите и, во еден помапку комичен обид да покаже дека нема причина за паника, самиот се напи чаша вода пред камерите. Според Ѓорѓиевски, уште претходниот ден имал „информации дека од одредени центри се подготвува момент во кој ќе се шири паника во Скопје дека наводно има бактерии во водата“. 

Извор: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Тука има една важна работа која лесно може да се изгуби во целата врева. Едно е да постои депонија и да постои потенцијален проблем со животната средина, а сосема друго е да се тврди дека во водата за пиење има ешерихија коли. За второто мора да постои доказ, односно мора да има земени примероци, лабораториски анализи и официјална потврда. Во овој случај, токму тоа го немаше кога почна да кружи пораката.

Напротив, „Водовод и канализација“ објави резултати од дополнителни анализи според кои во земените примероци нема присуство на ешерихија коли и водата е исправна и безбедна за пиење и употреба. Сепак, до тој момент штетата веќе беше направена и дезинформацијата стигна до илјадници наши граѓани.

Дезинформацијата не мора да биде убедлива за да биде опасна

Доволно е да биде доволно загрижувачка за луѓето да ја споделат. Ако некој ви каже дека во водата која ја пиете секој ден има опасна бактерија, првата реакција најверојатно нема да ви биде да седнете и да проверите кој е изворот на информацијата. 

Првата реакција ќе биде „подобро да не пијам вода од чешма“, или „ќе купам флаширана вода додека не сето ова не се рачисти“. А ако имате семејство, веројатно ќе ја препратите информацијата и до нив. Подоцна во денот, пак, додека пиев кафе низ Дебар маало често гледав како дел од луѓето се повеќе купуваат флаширана вода, носејќи со нив, кој повеќе, а кој помалку – пакети од таква вода.

Дополнително, тоа што информацијата ви ја испратил човек на кој му верувате дополнително ја зголемува нејзината убедливост. Не ви ја испратил некој анонимен профил, туку пријател, роднина, колега или сосед. А кога истата информација ќе ја слушнете и од друг човек, па ќе ја видите во две-три групи, мозокот многу лесно почнува да ја чита распространетоста како доказ дека нешто е вистина.

Но тоа е само илузија, бидејќи информацијата не станува вистина затоа што ја повториле стотици или илјадници. Во случајот со скопската вода, приказната стигна и до МВР. Министерството соопшти дека Секторот за компјутерски криминал ги утврдува профилите од кои биле објавувани или споделувани тврдењата дека водата во Скопје не е безбедна за пиење .

Дали зад ширењето навистина стои организирана политичка операција или станува збор за нешто друго, е прашање кое треба да го утврдат надлежните институции. Но дури и без тој политички контекст, приказната е доволно интересна за да покаже колку сме ранливи на вакви информации. Затоа што проблемот не е само во оној кој ја создал или прв ја споделил дезинформацијата – проблемот е и во сите нас кои ја пренесуваме, и секој што ќе је препрати пораката станува дел од синџирот.

Како општество тука имаме сериозен проблем, бидејќи сè уште сме прилично кревки кога станува збор за дигиталната писменост. Не мислам дека секој треба да биде новинар, истражувач или експерт за проверка на факти, но мислам дека треба да научиме една многу едноставна навика: пред да споделиме нешто што може да предизвика страв или паника, да провериме дали воопшто постои извор за таквото тврдење.

Особено кога станува збор за здравје, безбедност, вода, храна или нешто што може директно да влијае врз голем број луѓе. Уште поголем проблем е што ова е само почеток, бидејќи во следните години ќе живееме со сè поголема употреба на вештачката интелигенција во секојдневниот живот. А ВИ ќе овозможи многу полесно создавање на убедливи фотографии, видеа, аудио, документи и останат лажен материјал. 

А доколку денес една порака на Вибер или Ватсап е доволна да создаде паника околу водата што ја пие цел град, не е тешко да замислиме колку посложен ќе биде целиот проблем кога ваквите дезинформации ќе можат да бидат произведени со ВИ, персонализирани и автоматски дистрибуирани до илјадници.

Напишано од

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Forum replies (1)Kоментари на статија (0)

Се вчитуваат нови одговори…

Ragnar

poweruser

2,583 пораки 3,227 лајк

Од социјалните мрежи - X. Кога сме кај ова, иако во принцип се противам на строга регулација на социјалните мрежи како и онлајн форумите, сепак мислам дека кај нас одамна работите се излезени од контрола. Не сакам како во Англија да ти тропаат на врата затоа што си пишал дека "полицијата не си ја работи работата", ама дефинитивно треба да се разгледуваат случаи кои делуваат организирано - на пример секојдневно повторување на иста работа на повеќе профили или чисти навреди во стилот лопов, предавник итн. Тука одговорноста треба да е и на администраторите на одредени страници на социјалните мрежи и форумите кои треба навремено да тргаат вакви објави.
Кај нас мислам дека не се трга ништо и читаш еден куп бљувотини во коментарите, а нема издржана критика или пофалба. Како поделени на табори и само УА или БРАВО од истите луѓе.

одговори 2 лајкови

Дискусија

Дискусијата продолжува во поврзаната форумска тема.

Отвори ја темата и коментирај
Мени
Заедница
Изглед
To top