Интервју со Васко Атанасовски: Македонската авантура Olga – Episode 1 излегува на 9 септември

0 коментари 5 мин. читање

Како да беше вчера кога првпат ѕирнавме во светот на Беловодица преку демото, а сега имаме и нова и поинтересна вест. Workbench Entertainment ја објавија датата на излегување за својата игра. Македонската авантура Olga – Episode 1 излегува на 9 септември.

По успешниот настап на Steam Next Fest и одличните реакции од публиката, разговараме со Васко Атанасовски од Workbench Entertainment. Овој пат го фативме тимот во финалните подготовки, за да дознаеме што сè нè очекува во играта, кои нови тајни ги крие селото и како детските спомени се претворија во нова видеоигра.

„Возбудени сме за излегувањето. После Steam Next Fest и демото добивме многу позитивни реакции, што ни даде дополнителна мотивација за последната фаза од развојот. Сега кога 9-ти септември е толку блиску, атмосферата во студиото е комбинација од возбуда, малку позитивна трема и многу фокус. Ги полираме последните ситници и едвај чекаме играчите конечно целосно да ја искусат првата епизода.“, велат од Workbench Entertainment.

Играта е „мала, но направена со многу љубов“. Колку време и содржина може да очекуваат играчите во Episode 1?

Episode 1 е вовед во светот на Олга и Беловодица. Наместо да се фокусираме на должината на играта, сакавме секој момент да има значење. Играчите можат да очекуваат околу три часа исполнети со истражување, приказни, загатки и многу мали детали кои постепено ги откриваат атмосферата и светот. Веруваме дека понекогаш баш помалите, повнимателно изработени искуства оставаат најголем впечаток.

Минавте низ Steam Next Fest и издадовте демо. Кој e најкорисниот фидбек што го добивте од заедницата и колку тој промени или оформи одредени елементи во Епизода 1?

Steam Next Fest беше огромно искуство за нас, овој настан ни потврди дека има прилично голема публика која се љубители на ваков тип спори, кратки, наративни игри каде што главен фокус е приказната и атмосферата. Добивме многу корисен фидбек за темпото, контролите и некои делови од навигацијата низ светот и направивме некои промени што ја прават играта поприродна за играње.

Најмногу нè допреа коментарите од играчите кои ни кажаа дека Olga ги потсетила на нивното детство, на нивните баби и дедовци и на местата каде што пораснале. Тоа е главното чувство што сакавме да го разбудиме кај играчот и беше најубавата потврда дека сме на вистинскиот пат.

Има ли нешто што финалната верзија на Olga Episode 1 го носи, а играчите сè уште го немаат видено во демото?

Демото беше само мал поглед во светот на Олга. Во финалната верзија играчите ќе откријат нови локации, нови ликови, повеќе емотивни приказни, дополнителни механики (In-game Journal итн…) и моменти кои намерно ги зачувавме како изненадување. Не сакаме да откриваме премногу, но можеме да кажеме дека Беловодица има уште многу тајни.

Септември одлично се вклопува во „spooky cozy“ искуството кое го носи играта. Како го постигнавте тој баланс меѓу удобно/пријатно чувство и мистериозна атмосфера?

Тоа беше една од нашите главни цели уште од самиот почеток. Немавме план да ја исполниме атмосферата со „jumpscares” и тензични моменти. Играта поседува топла и нежна есенска атмосфера, но со тивка, морничавa мистерија во позадина, гејмплејот е многу бавен и опуштен, иако од време на време можеш да налеташ на неколку духови по патот.

Инспирацијата доаѓа од руралниот живот, традицијата и детските спомени поминати во село. Сакавме Беловодица да биде место кое истовремено изгледа познато и топло, но и доволно мистериозно за да ве натера да продолжите да истражувате.

Звукот e голем дел од овие наративни игри. Што да очекуваме за за првата епизода за уште повеќе да нè нурне во Беловодица?

Звукот е еден од најважните начини преку кои ја градиме атмосферата. Покрај музиката, многу внимание посветивме и на амбиенталните звуци како ветерот, шумата, чекорите, старите дрвени куќи и сите оние мали детали кои го оживуваат местото.

Сакавме играчите да имаат чувство дека навистина шетаат низ едно мирно, но мистериозно македонско село.

Епизода 1 е првиот чекор. Дали приказната во оваа епизода завршува со заокружена целина за Олга, или играчите треба да се подготват за силен „cliffhanger“ за следните епизоди?

Без да откриваме премногу, ќе кажеме само дека Episode 1 одговара на некои прашања, но отвора уште многу нови. Играта ќе биде поделена во епизоди, но нашата цел е уште со првата епизода играчот да почувствува исполнетост како да одиграл целосна кратка игра. Секоја епизода ќе има своја заокружена целина и ќе нуди задоволство како комплетно искуство, иако секогаш ќе завршува со возбудлив cliffhanger.

Дали темпото на издавање на следните епизоди ќе зависи од овој прв старт на 9 септември?

До одреден степен, да. Веќе имаме јасна визија за тоа каде сакаме да оди приказната, но како мало независно студио, поддршката од играчите игра голема улога. Секој wishlist, секое купување и секое споделување директно ни помага да продолжиме да ја развиваме Olga и идните проекти.

Колку ви значи поддршката од локалната и светската заедница во овој период и што би им порачале на сите што со нетрпение го чекаат 9 септември?

Има навистина големо значење за нас. Од самиот почеток добиваме голема поддршка од играчи од различни делови на светот кои што уживаат во ваков тип на наративни игри без “Combat”. За едно мало независно студио, тоа е најголемата мотивација да продолжиме да создаваме приказни во кои веруваме.

На сите што го чекаат 9 септември сакаме да им кажеме едно големо благодарам. Се надеваме дека Olga ќе ве потсети на некое место, личност или спомен што одамна не сте го посетиле преку релаксирачки gameplay, но и мистериозна позадина.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед
To top