0 коментари 3 мин. читање

Funding.mk сака да го поедностави пристапот до грантови и фондови      

Компаниите, стартапите и институциите честопати трошат многу време во пребарување на грантови, јавни повици и други извори на финансирање, а дел од можностите остануваат често незабележани поради тоа што информациите се расфрлани на различни платформи и веб-страници.

Со цел да го поедностави овој процес, Funding.mk е нова платформа која на едно место ги обединува актуелните европски и домашни програми за финансирање, како и приватни фондови, кредитни линии и инвестициски можности.

Платформата е развиена во рамките на INNOFEIT EDIH (Европски дигитален иновациски хаб), а техничкиот развој го водеше Solveo. Наместо корисниците самостојно да пребаруваат низ десетици повици и документација, платформата ги прикажува најважните информации за секоја можност, вклучувајќи ги роковите и основните критериуми за аплицирање.

„Првичниот проблем којшто сакавме да го решиме е поедноставување на пристапот дој екосистемот на финансирање, кој е доста тежок, особено ако сакате да дознаете детали за тоа каде ги има сите тие проекти. Тоа најчесто претходно се работело со консултанти кои ги наоѓаат тие повици и потоа помагале на компании за да аплицираат на истите. Нашата идеја беше сето ова да го поедноставиме и унифираме како еден вид на агрегатор, каде ќе бидат и лесно разбирливо,“ објаснува Никола Ангеловски од Solveo, развивач на платформата.

Две главни функции 

Новата верзија на платформата воведува две функционалности.

Првата е персонализирано пребарување. Корисниците внесуваат информации за својата компанија, проект или организација, по што платформата предлага повици кои најмногу одговараат на внесените критериуми. Пребарувањата не се ограничени, па може да се споредуваат различни сценарија, како финансирање за дигитализација, нов производ, зелена транзиција или набавка на опрема.

Втората функција е проверка на подобност. Откако ќе се избере конкретен повик, платформата овозможува почетна проценка дали компанијата или организацијата ги исполнува основните услови за аплицирање. Станува збор за информативна проверка, додека конечната оценка ја носи институцијата што го објавува повикот.

Според Ангеловски, идејата е Funding.mk да биде централизирано место каде што и корисниците без претходно искуство ќе можат полесно да се снајдат во екосистемот на финансиска поддршка.

Вештачка интелигенција за автоматско ажурирање

Платформата користи вештачка интелигенција за автоматско следење и ажурирање на новите повици. Кога ќе биде објавена нова можност за финансирање, таа автоматски се обработува, се преведува на македонски јазик и се прикажува со ажурирани рокови и информации.

Во следната фаза е додаден и систем за персонализирани препораки, кој врз основа на критериумите внесени од корисникот предлага повици што најдобро одговараат на неговиот проект.

„Тука пак се обративме кон ВИ и направивме нова функционалност која всушност е персонализација и според поставување на критериуми корисниците добиваат препораки за пет повици коишто се најповолни за нивниот проект. Со ова сметаме дека доста го имаме олеснето процесот за сите оние коишто првпат навлeгуваат во сферата на барање финансии.“ вели Ангеловски.

Во поглед на корисници, Funding.mk е наменета за стартапи, микро, мали и средни претпријатија, големи компании, јавни институции, општини, невладини организации, како и образовни и истражувачки установи кои бараат извори на финансирање за своите проекти.

Напишано од

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top