Минатата недела тивко помина една од можеби најважните вести за македонското образование – воведување на вештачка интелигенција (ВИ) во наставата. Ако оваа иницијатива се реализира како што треба, истата би можела да предизвика длабоки промени и да донесе значајни резултати за целото општество.
Проектот ќе се спроведе во партнерство со приватниот сектор, како заедничка иницијатива на Министерството за образование и ИТ академијата Бреинстер. Првиот чекор од проектот, меморандумот за соработка беше потпишан од министерката за образование Весна Јаневска и од челниците на Бреинстер групацијата и Бреинстер Некст колеџот, Петар Ниновски и Александар Клашниновски.

„Примарниот фокус на меморандумот што денес го потпишуваме е поддршка за воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Важно е нашите ученици да знаат етички да ја применуваат при остварувањето на образовни и професионални цели. Но, Бреинстер ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование и јас им благодарам за подадената рака,“ изјави Јаневска.
Она за што Јаневска е целосно во право е дека развојот на образовниот систем и создавањето квалитетни, добро едуцирани млади генерации е одговорност на целото општество. Според министерката, добредојдени се сите нови партнери кои ја зголемуваат општествената одговорност и му помагаат на образованието да оди напред.
Очекувањата, пак, се дека запознавањето со вештини за вештачка интелигенција, како и нивната активна и етичка примена, ќе ја зголемат компетентноста на младите во процесот на вработување по завршување на школувањето.
За тоа какви се плановите и очекувањата од оваа иницијатива, разговаравме со првиот човек на Brainster групацијата, Петар Ниновски.

ИТ.мк: Петар, според тебе какво е значењето на оваа иницијатива за Македонија воопшто?
Петар Ниновски: Сметам дека ваквата иницијатива е одлична за земји кои не се економски доволно добро поставени, и една ваква голема промена дефинитивно ќе се исплати. Употребата на вештачката интелигенција ни дава како земја една можност од нула да се позиционираме како што треба.
Другата работа што е поволна е дека за ВИ не е потребна инфраструктура. Ако не градиме хоризонтална компонента каква што е електрична енегерија, чипови, големи јазични модели итн, за вертикалните компоненти не ни треба инвестицијата и едноставно ни треба знаење. Затоа сметам дека како држава треба целосно да се вложиме во ваквите проекти.
Друга работа што е многу важна е дека влегуваме во ера кога на младите луѓе ќе им станува се потешко да најдат работа, тоа се чувствува и во ИТ индустријата, излегуваат на пазар и тука има еден огромен јаз. Затоа, ние треба тие луѓе да ги позиционираме да станат вработливи. А тренингот за ваквите луѓе треба да почне на 14 години, не на 24 години, бидејќи тогаш веќе станува доцна.
Треба да започнеме со тренинг за високоплатените позиции многу порано, па така ВИ треба да почне да се изучува најрано во средните школи. За ова имаме капацитет, и знаеме како да го напраивме. Веќе имаме ВИ комерцијални програми за средношколци, а сега имаме и желби за еден некомерцијален сервис кој ќе му понудиме на МОН и кој ќе служи за советување во која насока да се прават програмите со кои ќе создадеме млади кои потоа ќе бидат вработливи.
Доцни ли нашето образовен систем со правењето на големи и значајни промени?
Петар Ниновски: Проблемот со образованието е тоа што не се прават големи промени затоа што ефектите од било која промена се гледаат за многу долг период. На образованието треба да се гледа како на систем од повеќе компоненти кои се поврзани, како што се средните училишта, факултетите, неформалното оброзавние, институциите, индустријата – сето тоа е дел од системот.
Компонентите треба да работат заедно за да создадеме вработлив човек или претприемач со одредени карактерстики. Секоја компанија произведува завршни продукти, и во нашиот случај така се движи производството на кадарот – а сега нас индустријата на вика дека ни треба луѓе кои знаат како со ВИ.
Кога ќе може да се почувствува ефектот од оваа иницијатива?
Петар Ниновски: Сметам дека ефектот ќе се почувствува за некоја година, и тоа ќе бидат луѓе кои ќе бидат подготвени за да работат со ВИ. Бенефитот ќе го почувствуваат факултетите со подобрен квалитет на студенти, а потоа сето ова ќе се прелее и во индустријата преку кадарот што тие ќе можат да го вработат.
Во меморандумот за соработка со МОН е предвиден и дел кој ќе се фокусира на развивањето на претприемништво, па сметам дека овие две работи, подготвувањето на ВИ кадарот и претприемачи ќе може да се одвива паралелно.
Истовремено, нас дефинитивно ни требаат револуционерни промени, и уште многу вакви храбри проекти. Дали сме доволно подготвени за ваквите промени е прашање, но ние дефитивно ќе се обидеме. Иницијативата потоа дефинитивно може да се прошири и регионално преку обуки, средношколците да учат претприемништво и вештачка интелигенција. Ове е нешто што навистина може да се реплицира, и секако би сакале тука Бреинстер да има една огромна улога.







