0 коментари 4 мин. читање

Moroi: ноќна мора од акција и авантура

Moroi се претставува како уникатна мрачна бајка која е проткаена со уште потемен хумор, нудејќи им на играчите искуство сместено во извитоперен и вознемирувачки свет. Со комбинација од френетична борба, збунувачки загатки и комплексна приказна, ова дефинитивно не е вашата типична игра, често жонглирајќи доста проблематични теми. Од самиот почеток, Moroi ве фрла во вознемирувачка пеколна верзија која е дизајнирана константно да ја наруши секоја форма на некаква нормалност. Во оваа димензија, вистината е илузија, паранојата е постојана, а вашето човештво е чудна аномалија.

Будење во кушмар

Будењето во Moroi е истовремено и будење во жив кошмар. Како затвореник во овој деформиран свет, вашето име и минато се избришани, но не и записот за вашите злодела – злосторства надвор од секакво разбирање, за кои казната е неспорна и вечна. Ќе наидете на лице кое си ја јаде сопствената рака, на затвореник во кого константно вбризгуваат одвратни средства, на машинско „нешто“ кое сака да јаде луѓе (и кое ќе можете и вие да го храните со екстремитет). Се е некако поврзано: земате отсечена рака која ја давате на машината која го јаде месото, а ги дроби коските во прав. Потоа, правта ја давате на лице кое е со синцир околу главата, но сиџирот е илузија и премиса за да ја земе правта и да ви даде сол која ја носите на една стара баба која прави супа и кога ја става солта, излегува зелена течност која ја зграпчува и ја влече во непознати понори, оставајќи ви само една дрвена лажица која ја користите за да активирате ѕвоно кое биди џиновски механизиран стаорец и така натаму и така натаму. Да, ни ние никогаш не мислевме дека ќе напишеме толку долга реченица, но ете. Свашта, исто како и игра. Овие вакви (не)поврзани баналности, никогаш не престануваат, само се влечат од една кон друга работа, градејќи мост од неповрзани страшни и одвратни работи, а, сепак, маестрално реализирани во еден свет кој полн со непредвидливи изненадувања.

Со бројните лица на кои наидувате можете да стапите во комуникација. Дијалозите се тешки за варење и обработуваат проблематични теми за животта и смртта, полнејќи ви ја главата со исклучително вознемирувачки идеи на кои можеби никогаш не сте ни помислиле. И покрај оваа безнадежна ситуација, неодоливата потреба да се избега и „исправи сè“ ве насочува кон надреалната, извитоперена структура позната како кула.

Патувањето низ кулата е истовремено и пат кон откривање на морбидната вистина за вашето минато и непријателската околина. Додека се опоравувате од амнезијата, самото ткиво на реалноста почнува да се расплетува пред вашите очи, принудувајќи ве постојано да се држите до вашиот здрав разум во свет кој нема никаква смисла. Наративната прогресија е тесно поврзана со истражувањето и интеракцијата со бизарните жители на овој пекол. Не знаеме кој и зошто ја напишале оваа игра, но две работи се сигурни: писателот е длабоко вознемирена личност. И ние не можевме да престанеме да ја играме.

Соочувајќи се со армија од немртви суштества, играта нуди динамични борбени средби кои бараат брзи рефлекси и тактичко размислување. Играчите ќе имаат пристап до арсенал на неортодоксни оружја и додатоци, овозможувајќи различен пристап кон судирите. Од брзите сечила за справување со поголеми групи непријатели, преку уништувачките удари на чеканот за посилни противници или борби со босови, па сè до можноста целосно да ја замените раката со функционален топ – играта охрабрува експериментирање и пронаоѓање решенија кои одговараат на индивидуалниот стил на игра.

Покрај борбата, Moroi го тестира вашиот разум со низа еколошки и логички загатки. Сместени во свет лишен од смисла и разум, овие загатки честопати бараат од играчите да прибегнат кон вознемирувачки дејствија за да напредуваат – вклучувајќи пиење крв, присилна регургитација или пребарување низ внатрешни органи. Авторите го опишуваат ова како „забавно“, што дополнително ја нагласува мрачната, апсурдна и сатирична природа на играта. Нема да лажеме, и беше некако вознемирувачки забавно. Самота невообичаеност, апсурдност и баналност на ситуациите е како да гледате некоја автомобилска несреќа и да не можете да погледнете на страна, колку и да сакате.

Играта е конструирана за повеќекратно играње, со цел да се искуси сето она што Moroi го нуди – од суптилни промени во наративот и интеракциите до бројни завршетоци кои ја менуваат судбината на протагонистот. Ова сугерира значајна длабочина и вредност за повторно играње за оние кои се подготвени да нурнат длабоко во неговиот свет.

Moroi се обликува како длабоко атмосферско и вознемирувачко искуство, кое ги предизвикува играчите и со својата борба и со своите загатки, истовремено нудејќи мрачна, но интригантна приказна. Нејзиниот уникатен визуелен и тематски стил, заедно со акцентот на истражување, борба, решавање загатки и откривање тајни, ја прават наслов кој потенцијално ќе ги привлече љубителите на grimdark естетиката, психолошкиот хорор и игрите кои не се плашат да бидат бизарни и контроверзни. Страшна работа. Пријатно играње.

Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Мени
Заедница
Изглед
To top