Дури и ако секојдневно ги следите вестите од САД, веројатно ситуацијата со царините кои постојано се менуваат ве изненадува. Промени секако имаше и овој викенд. Во саботата, на 12 април, Доналд Трамп објави дека паметните телефони, компјутерите и некои други електронски уреди се ослободени од зголемените царини за кинескиот увоз. Оваа одлука, која стапува на сила ретроактивно од 5 април, претставува значајно отстапување од неговата досегашна тврда позиција кон трговската политика со Кина.
„Ќе бидеме многу прецизни. Но земаме многу пари. Како држава, земаме многу пари.“, изјави Трамп од претседателскиот авион. Повеќе детали за отстапките ќе бидат споделени оваа недела. Од она што беше споделено знаеме дека од дополнителните давачки ќе бидат ослободени паметните телефони, лаптоп компјутерите, хард-дисковите, процесорите, мемориски чипови и рамните екрани. Отстапките се однесуваат на увоз со вкупна вредност од 390 милијарди американски долари, пренесе Bloomberg.
Според соопштението на американската Царинска и гранична патрола, овие производи ќе бидат изземени од глобалната царина од 10% што Трамп ја воведе на повеќето земји. Сепак давачките од 20 отсто поврзани со фентанил, остануваат и за овие производи.
Уредите ќе бидат изземени и од драстично повисоките давачки за кинескиот увоз, кои достигнуваат дури 125%. Ова е прво сериозно отстапување во трговската војна меѓу САД и Кина.
Одлуката е донесена по поплаките и притисокот на американските технолошки компании. Производителите со право стравуваа од драстично зголемување на цените на нивните производи. Голем дел од електронските уреди што се продаваат во САД се произведуваат во Кина. Поради зголемените царини нивните уреди ќе беа поскапи, што директно ќе ги погодеше потрошувачите.
Поголемите технолошки компании како Apple, Nvidia, и Microsoft, сега можат да здивнат. Производителите ќе бидат помалку погодени од царинската војна, што ќе им овозможи да се фокусираат на технологијата.
Од Белата куќа соопштија дека оваа одлука е насочена кон обезбедување време за американските компании да го префрлат своето производство во САД. Сепак ова ќе биде долготраен процес кој веројатно нема да резултира со целосно префрлање на производствените постројки во САД.
Очекувано, оваа нова промена во политика на Трамп предизвикува бројни прашања и шпекулации за неговата понатамошна трговска политика. Некои аналитичари веруваат дека ова е знак на омекнување на неговата позиција кон Кина, додека други сметаат дека е тактички маневар за да се добијат подобри трговски услови. Без оглед на тоа, целата царинска војна ќе има големи последици за американската и за глобалната економија.
Apple го зголемува производството во Индија
Зголемената царина на Кина влијаеше и на производството на Apple. Компанијата значително го зголеми производството на iPhone во Индија. Во годината од март 2024 до март 2025 година Apple во Индија произведе телефони со вкупна вредност од 22 милијарди долари. Ова претставува зголемување од 60% во однос на претходната година. Потегот покажува на зголеменото проширување на производството и креирање на погони надвор од Кина. До неодамна тука беше концентриран најголемиот дел од производството на iPhone. Сега, 20% од iPhone телефоните на Apple се произведуваат во Индија. Најголем дел од нив се произведени во фабриката на Foxconn Technology Group во јужна Индија. Помал дел се произведуваат воTata Group.
Царинската војна има влијание во забрзување на процесот. Сепак, промената е главно предизвикана од нарушувањето во синџирот на снабдување во Кина за време на пандемијата на COVID-19.
Apple планира да го зголеми приоритетот на iPhone телефоните произведени во Индија за своите корисници во САД, особено по исклучувањето на паметните телефони од новите царини на Трамп. Извозот на iPhone од Индија достигна 17,4 милијарди долари во фискалната година до март 2025 година. Иако Apple се обидува да го префрли производството надвор од Кина, тоа е сложен и долг процес кој ќе трае години. Дополнително успехот на Apple во Индија е поддржан од владините субвенции и напорите на Индија да се етаблира како глобален производствен центар за електроника.