0 коментари 4 мин. читање

Wildkeepers Rising е акционен roguelike со собирање суштества

Wildkeepers Rising e шармантна акциона RPG roguelite игра која е сместена во прекрасен, рачно нацртан свет и ги комбинира адреналинските битки од „bullet heaven“ игрите со колекционерските игри. Замислете свет каде што скротувате мистични чудовишта и ја користите нивната помош за да се соочувате со бескрајни бранови непријатели, истражувајќи, притоа, и впечатливи, волшебни предели.

Борба и колекција

Wildkeepers Rising е визуелно привлечна игра во стилот на „Vampire Survivors“, каде што играте како воин со различни способности. Првично, играте со една класа и напаѓате автоматски со меч, но набрзо отклучувате уште една друга класа, како и многу пасивни и активни вештини. Пасивните вештини ви помагаат да го регенерирате здравјето или да бидете поефикасни во нападите, во зависност од ситуацијата на бојното поле. Активните вештини ви дозволуваат да фрлате сечила, да повикувате копја од земјата и слично.

Во еден пресвртен момент, вашиот воин ќе ги поплоча патот кон отклучување сосема нова класа – Ренџер, придружуван од застрашувачки животински сојузник. Оваа симбиоза носи револуција во вашиот стил на игра. Низ преигрувањата ќе можете да отклучите уникатни активни и пасивни способности, дизајнирани исклучиво за класата со која играте.

Овие моќни вештини не се ограничени само на вашиот Ренџер; тие се пренесуваат и на дивите ѕверови што ќе ги ослободите низ мапите. За брзо време ќе имате на ваша страна тим од свирепи животни, секој со свои специјализирани офанзивни напади. Ова динамично партнерство создава незаборавен хаос на бојното поле, каде што секоја одлука е клучна за опстанок.

Како што напоменавме во горниот параграф, секој од вашите верни животински сојузници поседува не само уникатни способности, туку и разорни ултимативни моќи, подготвени да направат вистинска разлика на бојното поле. Овие спектакуларни напади имаат брзо време на полнење, што ви овозможува постојано да ги активирате, особено во ситуации кога ќе загусти.

Секоја мапа нуди можност да повикате до четири животински чувари, секој од нив стратешки избран за да го надополни вашето тактичко преживување. Сепак, не смеете да ја потцените нивната ранливост. Низ жестоките битки, потребно е постојано да го следите нивното здравје. Доколку падне нивната одбрана, овие моќни сојузници ќе бидат привремено онеспособени, оставајќи ве во немилост на ордата. Оваа динамика на партнерство додава слој на стратешка длабочина, каде што секоја одлука, секој повик и секое позиционирање на вашите животински сојузници, е клучна за опстанок.

Мапите се прекрасно дизајнирани, со одлична комбинација од статични и динамично-анимирани елементи, пружајќи пријатна визуелна гозба. Бројните второстепени задачи, како и искушението за рандомно поставени ковчези често ве охрабруваат да не тапкате само во едно место, туку да излезете од вашата комфор зона и да ја истражувате мапата околу вас. За пофалба е и самиот кориснички интерфејс кој одлично ги прикажува најважните елементи и ви овозможува брзи прилагодување на лице место.

Оваа фузија на механики создава експлозивна динамика, каде што секој момент е балансирање на моќ. Ве втурнува во еден вид пасивно-агресивна симфонија на уништување, каде што тактички ја намалувате непријателската орда, создавајќи простор за стратешки пробив. Се приближувате до целта, а потоа повторно се фокусирате на намалување на бројките. Овој непрекинат танц на уништување, каде што секој чекор е придружен со експлозивни бранови на хаос, е многу повеќе од обична акција.

Топло ви препорачуваме да ја искусите оваа уникатна динамика, која ја надградува познатата забава од Vampire Survivors, нудејќи значително побогато и покомплексно искуство. Особено е совршена за оние денови кога сакате да се опуштите и да се ослободите од стресот со едноставна, но длабоко задоволувачка забава.

Помеѓу битките, ќе се враќате во вашето село, каде што времето ќе го посветите на стратешко надградување на вашиот арсенал. Отклучете моќни оружја, клучни бонуси и разорни магии, кои ќе ви помогнат да извлечете максимум од сите идни битки. За разлика од многу други игри во овој жанр, Wildkeepers Rising нуди многу повеќе од само акција. Се впуштате во богата и длабока приказна, каде што секој дијалог со харизматичните ликови е клучен за откривање нови детали поврзани со лорот.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Lioncode Games
  • ИздаваLioncode Games
  • Жанр: roguelike
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 31 март 2025
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top