Monster Hunter Wilds: природна еволуција на уникатниот серијал со ловење чудовишта

Зошто да ја играте?

  •  Фанови сте на Monster Hunter и сакате да видите како изгледа најновата еволуција во серијалот
  • Одлични нови механики поврзани со новото животно за јавање, режимот за фокусирање и AI дружбата
  • Огромен свет полн со воодушевувачка флора и фауна

Благодарност до CD Media за можноста да ја тестираме играта и да ја напишеме оваа рецензија!

Серијалот Monster Hunter се издигна како несопирлив титан во светот на игрите, благодарение на уникатна мешавина од борба која се заснова на вештини, сложена изработка на предмети и адреналинска возбудата поврзана со ловот на предизвикувачките суштества. Преминот кон PlayStation Portable, со Monster Hunter Freedom, се покажа како одличен потег, особено во Јапонија. Подоцна, наслови како Monster Hunter Tri и Monster Hunter 4 воведоа бројни популарни и иновативни механики.

Но, вистинскиот бум стапи на сила со Monster Hunter: World. Во 2018 година, оваа игра целосно го редефинираше серијалот. Со визуелни пространства кои го одземаат здивот, експанзивни отворени светови и попристапен дизајн, Monster Hunter: World ги урна сите очекувањата, освојувајќи гја лобална публика и станувајќи најпродаваната игра на Capcom. Monster Hunter Rise само продолжи да се надоврзува на оваа слава, воведувајќи динамични опции за движење, но и правејќи ја играта попристапна до мејнстрим публиката.

Monster Hunter Wilds доаѓа за да се целосно надоврзе на успехот од последните две игри и да понуди уште подобри можности за ловење на егзотичните, предизвикувачки суштества. Во целосно нова околина, ќе сведочите за дивото и неумоливо беснеење на природата, ќе се давите во средини кои драстично се менуваат од момент во момент и ќе истражувате свет каде што преживувањето е директно врзано со секавичните сили на елементите.

Monster Hunter Wilds не се задоволува со повторување на истата формула, туку целосно се залага да ја пренасочи кон значајна еволуција. Како што ќе забележите во нашата рецензија, промените на времето не се само козметички промени туку го диктираат однесувањето на чудовиштата, достапноста на ресурсите, па и самиот терен. Чудовиштата не се само визуелно зачудувачки, туку и покажуваат сложени однесувања, прилагодувајќи се на променливата средина и нудејќи сложени предизвици.

Истражување на дивината

Споредено со претходните две игри, Monster Hunter Wilds се истакнува со значително подолга кампања. Испреплетена со бројни меѓу-секвенци, приказната се труди целосно да ве вовлече во универзумот и да понуди подлабоки можности за интимно поврзување со ликовите.

Вие играте како ловец кој е дел од поголема група од истражувачи. Вашата задача е да истражите целосно нов регион и да помогнете на населението кое се чини дека е заглавено помеѓу лоша и очајна ситуација, што поради непредвидливите временски услови, а што поради бројните опасни суштества. На вас се остава да го истражувате регионот, да откриете зошто се чудно однесуваат суштествата и да ставите крај на мистериозната закана поврзана со регионот.

Приказната се одликува со солидни пресврти и интересни дијалози, дозволувајќи ви навистина да се грижите за ликовите кои ве опкружуваат. Иако некои пресврти ни беа очекувани, голем дел од нив пријатно не изненадија и ја пренасочија приказната во непредвидливи, но крајно забавни правци. Во случај да бевте фасцинирани од гејмплеј механиките во претходните игри, но посакувавте малку подобра приказна, Monster Hunter Wilds е наслов кој одлично ја пополнува и таа празнина. Но, што е со гејмплејот?

Подобро и поголемо!

Во сржтта, Monster Hunter Wilds е сѐ она што беа претходните игри, само подобро и проширено. Тоа значи дека доколку бевте фанови на претходните игри, шансите се дека апсолутно ќе ја обожавате Wilds. Но, ако не ви се допаѓале претходните игри и навлегувате во Wilds очекувајќи значително поразлично искуство, па, шансите се дека би биле разочарани. Покрај значителна посвета на приказната, втората добра и поразлична работа во Wilds е тоа што играта почесто ве држи за рака. За разлика од претходните игри, Wilds не сака да се чувствувате (премногу) изгубено. Поради тоа, често ќе ве води низ почетните мисии каде одбирате оружје, го припремате ловецот, и одите да се борите со бројните чудовишта. На крајот од ловот, со собраните делови од чудовиштата правите нови оклопи и оружја. Па, одново се спремате за повеќе од истото. Ваквиот маѓепсан круг од овие активности е суштината на секоја Monster Hunter игра, а Wilds никако не е исклучок. Но, ако загребете низ ваквата површина, ќе навлезете во систем од комплексни механики кои нудат забавни можности за играње.

Динамичен свет со различни активности

Во истражување на светот и соочување со непријателите, имате на располагање најразлични алатки, како надградлив слингер (посебна алатка која исфрлува јаже од вашата рака), или мини со различни деструктивни ефекти. Паралелно со ова, пијалоците играат огромна улога. Некои од нив ви дозволуваат полесно да се спротвставите со негативните ефекти на елементите (како во студени области), а некои ви помагаат ефикасно да се справите со негативни ефекти (како отрови).

Низ околината ќе наидувате на различни колекционерски предмети кои подоцна, исто така, ги користите за правење оружја, оклопи или пијалаци

Wilds има над 30 уникатни чудовишта. Секое од нив изгледа различно и се наоѓа во околина која е уникатна за него. Покрај офанзивни и дефанзивни стратегии, суштествата покажуваат различни отпорности и слабости, принудувајќи ве да користите одредени тактики, алатки и оружја и да таргетирате само одредени делови од нивното монструозно тело. Потребно е да ги учите движењата и анимациите на чудовиштата, како и да ги бирате моментите за напад кој, патем, секогаш треба да е фокусиран кон критичните точки.

Секоја зона во играта поминува низ различни годишни времиња, правејќи драстични промени низ околината околу вас. Ова не се сами визуелни промени: секое годишно време и транзицијата помеѓу нив е пропратено со различни чудовишта и ресурси, нудејќи имерзивен еко систем од епски пропорции

Покрај главните чудовишта, светот е полн со најразлични поситни суштества кои, исто така, можете да ги убивате за материјали. Во светот ќе ви помогнат и одредени инсекти за инстантно лечење, па дури и жаби/ печурки кои привремено ги парализираат/ трујат непријателите. Запрепастува листата од работи со кои може да стапувате во интеракција за време на истражувањето и битките, нудејќи комплексно искуство кое се менува во зависност од вашите тактички интереси.

Фокусирање со стил

Првата поголема, нова работа во поглед на гејмплејот е таканаречениот Focus mode. Овој режим за фокусирање, ви дозволува да ги пренасочите вашите напади додека веќе извршувате одредена активност. На овој начин, добивате многу поголема слобода во насочување на вашите удари во зависност од движењето на чудовиштето кое го ловите. Благодарение на ова, битките добиваат подинамична, исполнителна димензија каде не губите време на одново правење едни исти напади само затоа што претходните не успејале добро да се „поврзат“ со критичната противничка точка.

Низ тие почетни моменти во играта константно откривате бројни QоL подобрувања кои го прават целото искуство позадоволително и позабавно. Згора на ова, сите оружја се одликуваат со уникатни механики, способности и комбо напади

На сличен начин, ни истражувањето на огромниот отворен свет не е оставен без соодветни новитети. Па така, уште на самиот почеток од играте ќе можете да користите ново животно за јавање кое е одлично за брзи премини на предизвикувачките терени, но и корисни стратегии за време на битките. Вистинско задоволство е да се управува со животното, независно од тоа дали го користите за брзи напади, за трчање или пак за прелетување преку провалии. Животното не ве пенализира на ниеден начин, дозволувајќи ви ги правите сите активности додека го јавате, како собирање ресурси, овозможување засилувачи, лечење и слично.

Додека сте на животното, можете да му наредите автоматски да ве одведе до вашата цел, додека вие, пример, уживате во околината или чепкате низ инвентарот

Искуството во Monster Hunter Wilds е пофлуидно и, за нијанса полесно. Но, тоа никако не значи дека нема да наидете на озбилен предизвик, независно од тоа дали ловите сами, или во група. Имено, во кој било момент, можете да повикате да ви помогнат или вистински играчи или пак ликови управувани од вештачката интелигенција. AI ликовите се добри сопатници, трудејќи се да помагаат најдобро што можат. Низ целата експедиција, меѓутоа, може да имате отворена покана и барање помош од вистински лица, со тоа што вистинското лице го заменува AI напојуваниот борец.

AI или Online придружба е одлична опција и за групата гејмери кои сакаат флексибилни можности за онлајн дружење и за групата која сака навлегување во соло експедиции, со повремена помош од AI ловците

Кога ќе се земат во предвид сите овие работи, Monster Hunter Wilds отвора огромен свет кој е прекрасен за истражување, чудовишта кои се забавни за следење и борење, како и бројни системи кои ги прават првите две работи исклучително интересни. Иако никогаш не сме биле преголеми фанови на претходните две игри од овој серијал, Wilds целосно не презема, пружајќи ни незаборавно искуство каде секоја мината сесија не оставаше двојно поглади за наредната. Дали да експериментираме со некое друго оружје, какви комбо движења да користиме, на што да ги насочиме ресурсите, имаме ли доволно пијалаци за ова, ќе можеме ли правилно да се справиме со она? Ова се прашања кои ни предизвикуваа слатки маки пред секое започнување на некоја нова експедиција.

Оптимизација и тежина

Двата најголеми проблеми, според фановите, се поврзани со оптимизација и со тежината. Ние ја тестиравме PS5 верзијата на Monster Hunter Wilds и доколку сте задоволни со релативно стабилни 30 фрејмови во секунда, искуството не е толку лошо. Но, performance модот нуди значително осиромашено визуелно искуство. Ова остави огромен негативен впечатокот на нас, принудувајќи не да жртвуваме фрејмовите само за да уживаме целосно во нескротливите убавини на дивината. Како второ нешто што би сакале да потенцираме е дека Wilds е полесна игра, нудејќи помал предизвик за ветераните. Ова за нас не е минус. Како гејмери кои никогаш не биле фанови на премногу тешки игри, ни се допадна тоа што фокусот е првенствено на истражувањето, а потоа на предизвикот.

Интересни факти за Monster Hunter Wilds

– Чудовиштата можете да ги убивате, но и можете да ги заробувате

– Слободното се проведува и со ловење риби

– Подоцна во кампањата ќе можете да го уредувате и изгледот на вашето животно за јавање

– Што се однесува за уредувањето на физичкиот изглед на вашиот лик, само првото уредување е бесплатно – секое наредно чини вистински пари.

– Оклопот што го правите од деловите на чудовиштата потсетува на самите чудовишта

– Ќе наидете и на арена која ќе ви дозволи целосно да се посветите на борење со чудовиштата

– Неверојатна посвета на детали, дури и во најситните работи, како анимации за готвење или собирање претходно-искршена руда

И покрај овие мали недостатоци, Monster Hunter Wilds е триумф. Тоа е игра која ги поместува границите на серијалот, испорачувајќи навистина извонредно и динамично искуство за лов. Комбинацијата на прекрасни визуелни ефекти, предизвикувачко играње и убедлива нарација ја прави задолжителна игра за љубителите на серијалот и за новодојденците. Подгответе се да бидете понесени од бурата, да ја исковате својата легенда во Забранетите Земји и навистина да станете професионален ловец. Monster Hunter Wilds е дива, возбудлива игра која поставува нов стандард за франшизата.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: CAPCOM Co., Ltd.
  • ИздаваCAPCOM Co., Ltd.
  • Жанр: Акција
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 28 февруари 2025

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.75
  • Приказна: 8
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments