Зошто да ја играте?
- Фанови сте на Life is Strange игрите и гладни сте за уште една одлична авантура од блилијантните умови од DON’T NOD
- Висока продукциска вредност со впечатлива глума и незаборавна приказна која се обликува според вашите одлуки
- Носталгично патување низ долгите летни денови на 90-те години

Во ера презаситена со блескава графика и адреналинска акција, мал број наслови се издигнуваат над над сето тоа и ја ставаат на преден план длабоката моќ на нарацијата. Овие ретки игри го ставаат човечкиот елемент во преден план, плетејќи сложени приказни со ликови кои се подеднакво реални како луѓето што ги познаваме. Life is Strange е една таква игра, нудејќи искуства каде што изборите се важни, каде што последиците се прошируваат низ дигиталниот свет и каде што уметноста на визуелното и звукот ја издигнува приказната на неверојатни височини. Lost Records: Bloom & Rage се чини како природна еволуција на формулата која беше воспоставена со LiS, истакнувајќи се како блескав пример за игра каде што нарацијата го зазема централното место. Тоа е наслов кој ја разбира моќта на човечката поврзаност, плетејќи приказна која длабоко резонира со играчите.

Цветањето на бесот
Приказната обработува настани поврзани со четири девојки. Сван, Нора, Отом и Кат се индивидуи со различни личности, мотивации и ранливости, константно откривајќи уникатни нијанси на нивните односи, и во нивната младост и како возрасни. Фокусот на односите на девојките и како тие односи се менуваат со текот на времето е суштински дел од играта. Целата игра е заснована на наизменични скокови во минатото, кога девојките имале 16 години, и сегашноста, која е 27 години подоцна. Вие играте со Сван, срамежлива девојка која со нејзините пријатели доживува неверојатен настан кој ги принудува да ветат дека никогаш повеќе нема да се видат. Но, како времето поминува, така таквото нешто станува сѐ потешко и потешко, се додека, 27 години подоцна, потребата за повторното обединување не може да се игнорира.

Lost Records: Bloom & Rage е многу повеќе од она што беше Life is Strange
Lost Records: Bloom & Rage е игра која се заснова на темелити, значајни разговори; запознавање и развивање длабоки односи со впечатливи ликови преку социјализирање или дела. Да, има одредени драматични и тензични моменти кои приказната ја креваат на значително ниво, но, во сржтта на Lost Records: Bloom & Rage првенствено се крие прекрасно и уникатно филмско искуство, а потоа сѐ останато. Ова е особено важно за тоа дали ќе сакате да навлезете во играта, или не.
Избори што оставаат белег
Првото нешто што многу ни се допадна беше начинот на кој разговорите се водат. Низ дијалогот се отвораат можности за различни одговори. Одговорите кои можете да ги изберете се со различно времетраење. Паралелно со ова, некои одговори се јавуваат порано, а некои подоцна, оставајќи впечаток како да водите вистински разговор каде лицето кое ви зборува природно ве наведува да реагирате на различни начини, наметнувајќи различни мисли во еден или друг момент. Сево ова се чини како природна еволуција на претходните DON’T NOD игри. Некои ваши одговори ќе предизвикаат позитивни ефекти, допринесувајќи до посебно зближување со личноста со која разговарате, а некои ќе ве одведат во негативни правци. Оваа механика подоцна зема значително посилен замав и вашите одлуки, дали во поглед на зборови или дела, имаат последици кои се брануваат низ двете временски линии, влијаејќи на односите на ликовите и на мистеријата што се открива.
Четирите ликови се неодоливо слатки, принудувајќи ве инстантно да сакате да им помогнете

Висока продукциска вредност, со квалитетно имплементирани визуелни ефекти кои потсетуваат на филмови снимани на видео касети, технологија која беше популарна во 90-тите.
Иако не се работи за отворен свет, туку за мали линеарни простори, дизајнот е на исклучително високо ниво. Секој, и најситниот детал, е изработен со неверојатна прецизност и внимание. Од начинот на кој ветрот дува и ги разнесува листовите и светлината која се прекршува врз површините, сè придонесува за прекрасно, имерзивно искусто. На ова не влијаат само визуелни нешта, туку и одличниот аудио дизајн, како што е случајно поминување на воз или автомобили, ненадејно крекање на птица или пак засилено дување на ветрот. Пејзажите се разновидни и прекрасни, од густите шуми до отворените полиња, секој со своја уникатна флора и фауна. Секој простор од овој свет е внимателно осмислен, создавајќи едно незаборавно искуство за играчот, особено можноста да стапите во интеракција со најразличните предмети, активирајќи одредени сеќавања и мисли. Бројот на ваквите елементи е исклучително висок, нудејќи ви, доколку сакате, бројни можности за суптилно приврзување со ликовите.

Едни сцени се во прво, а други во второ лице, пружајќи малко поразлични перспективи кои се замислени да ви помогнат подобро да се соживеете со ликовите, но и да се одржи одредена мистерија поврзана со временскиот скок
Од време на време, ќе можете да снимате одредени работи со вашата камера. Сниманите инсерти автоматски се комбинираат и уредуваат. Во кој било момент, можете да ги прегледувате финалните производи, како и да го слушнете гласното размислување на Сван за сниманото. Подоцна, се отвора простор за собирање повеќе кратки снимки од различни места и нивно комбинирање во мини видео на одредена тема. Иако се работи за мала механика, сепак е доволно уникатна форма, наметнувајќи се како природна еволуција на фото модот.

Уште подинамична димензија добивате со ваше лично уредување или заменување на снимките, при што го правите целото видео онака како што вие сакате. По одредено време, апсолутно ја обожававме можноста да направиме што е можно повеќе видео снимки, да ја комплетираме колекцијата и да го одгледаме финалниот резултат. Доколку не го видите сево ова во акција, навистина не би можеле вистински да го цените. Се работи за квалитетен, релаксирачки спој од неколку механики: реалистична графика, пријатна музика и слатки суштества, предмети или објекти кои пленат со нивната едноставна убавина.

Но, знаете како викаат, сѐ што има почеток има и крај. За брзо време, она што почнува како релаксирачко-здодевен ден експлодира во адреналинско редење на драматични ситуации, впуштајќи ве во тензични заплети од кои нема да знаете како да се извлечете. Глумата е на исклучително високо ниво, со одамна-докажани актери кои паметно користат вокални техники за да го држат вашето внимание, дури и кога се работи за наједноставни разговори. Анимациите се одлични, особено на лицата кои веродостојно прикажуваат серија од најразлични емоции.
Одредени работи се директно врзани и со начинот на кој го поминувате времето. Доколку не извршите некоја активност за одредено време, подоцна нема да можете, со што се наметнува одреден слаб притисок за приоритизирање и огромна желба за преигрување одредени сцени, чисто за да видите на каков поразличен начин би се одиграле работите.
Don’t Nod уште еднаш покажуваат дека се мајстори во поглед на создавање впечатлива атмосфера. Храброто експериментирање со бројни техники и креативното осмислените временски периоди истакнуваат магично чувство кое носталгично кокетира со недостижното минато. Одредени сцени од 90-те години беа толку добро изведени да буквално нѐ наежија со изведбата, прекрасно комбинирајќи бои и звукови кои ги прикажуваат идеалните моменти на долгите, летни ноќи.




Ваквиот спектакл е дополнително засилен од моќната приказна, особено наративната техника каде работите што ги правите во минатото интересно се предводени од ликовите во сегашноста, со што добивате интересен увид во размислувањата на главните ликови. На пример, ако кажете или направите нешто во минатото, инстантно ќе добиете повратна информација од ликовите кои „се присетуваат“ на ситуацијата во сегашноста. Во ниеден момент ваквото нешто не е претерано, туку само дава полична димензија на ситуацијата во која се наоѓате и на изборите кои сте ги донеле.

Воодушевувачка форма на интерактивна забава
Со „Lost Records: Bloom & Rage“, Don’t Nod создава искуство кое дава приоритет на емоционалната длабочина и наративната сложеност. Насловот сведочи за моќта на видео игрите како медиум за раскажување приказни, потсетувајќи нè дека највпечатливите искуства често се оние што резонираат со нашата сопствена човечност. Вториот дел од играта излегува во април. Едвај чекаме!
Повеќе детали за играта
- Произведува: DON’T NOD
- Издава: DON’T NOD
- Жанр: Авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 18 февруари 2025
Оценка
- Вкупна оценка: 9.5
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 9
- Графика: 9
- Звук и музика: 10







