Претходната недела, it.mk беше поканет да биде дел од настанот поврзан со откривањето на првите детали поврзани со Of Ash & Steel. Настанот траеше еден час. По триесет минутното демо, беше одделено време за поставување прашања до девелоперите. Ова се нашите впечатоци…


Спојување на старото со новото
Развојното студио Fire & Frost, во соработка со издавачите tinyBuild работат на игра која е замислена да се врати на корените, односно кон класичните RPG игри од минатото. Првенствено инспирирана од серијалот Gothic, на студиото Piranha Bytes, Of Ash and Steel се залага да понуди имерзивна RPG игра која нема да ве држи за рака.

Таквото нешто ни стана јасно уште од самиот почеток на демо сесијата, откако претставникот прилично вокално нагласи дека Of Ash and Steel нема да има одбележувачи кои ќе ве водат кон квестовите, ниту преку корисничкиот интерфејс ниту преку мапата. Ликот со кој играте, меѓутоа, се покажа дека не е лесна мета за непријателите.
Со оглед на тоа дека се работи за фантазиски свет полн со најразлични суштества, некој од учесниците праша дали ќе можеме да користиме магии. Девелоперите објаснија дека Of Ash and Steel е со лесни елементи на фантазија. Иако има магија во светот, многу малку луѓе ја разбираат и можат вистински да ја користат. Иако не сакаше премногу да навлегува во тоа, ни напомена дека низ играта дефинитивно ќе можеме поинтимно да се запознаеме со оваа ретка дарба во вториот дел од играта.

Тоа значи дека повеќе внимание ќе се посветува на песната на сечилата. Ликот со кој играте, се бореше со гоблините и бандитите на начин кој не потсети на карактеристична hack-and -slash игра. Иако видовме неколку интересни напади и избегнување на напади, не успеавме да видиме некоја поголема длабочина, нешто што претпоставуваме дека би било откриено подоцна.
Како и да е, ликот се снаоѓа добро, освен во ситуации кога има дрво пред него. Имено, Fire & Frost девелоперите посветуваат многу внимание на детали, до тој степен да ликот еднаш се сопна и падна трапаво на земјата. Иако нема да можете да креирате целосно нов лик (нема да има ни женска верзија), ќе можете да менувате одредени работи околу изгледот на ликот, како фризурата.

Времето во Of Ash and Steel исто така игра голема улога. Кога ликот беше во шумата, одеднаш почна да паѓа дожд, пружајќи одлична можност за девелоперите да ни објаснат како дождот влијае на вашето движење и битки. Паралелно со ова, побрзаа да објаснат дека низ играта имате најразлични биоми полни со предизвикувачки непријатели. Исто така, музиката не се менува само во зависност од тоа во кој биом се наоѓате, туку и возависност од дел од денот во кој се наоѓате.
Of Ash and Steel ќе ви дозволи и да се занимавате со крафтање, но и лов и риболов. Паралелно со ова, ќе можете и да имате ваше парче земја и куќа. На прашањето до кој степен ќе може да се уредува куќата, девелоперите одговорија; на огромен и крајно задоволителен, објаснувајќи дека посебно внимание посветуваат на овозможување комплексни можности за проведување квалитетно време во вашиот дом. За жал, не ни беа покажани овие работи за време на краткото демо, но, од она што видовме, немаме причина да се сомневаме во нивните зборови.

Низ демото и за време на краткиот разговор поврзан со Of Ash and Steel, дознавме дека огромниот свет крие бројни богатства и впечатливи главни и споредни квестови. Дознавме и дека ќе можете да отклучувате корисни бонуси со самото истражување на светот. Ни се вети и тоа дека како се херојот развива, така и светот ќе реагира поразлично. До крајот на играта, голем дел од луѓето околу вас ќе ви се поклонуваат до земја. Истите тие NPC ликови ќе имаат дено-ноќни рутини исполнети со најразлични активности.




Од сево ова, дојдовме до заклучок дека се работи за квалитетна игра полна со потенцијал. Со нетрпение го следиме понатамошното развивање на играта. За сите понатамошни репортажи поврзани со Of Ash and Steel, останете со it.mk!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Fire & Frost
- Издава: tinyBuild
- Жанр: класична RPG игра
- Платформа: Microsoft Windows







