Uber со години прекршувал закони

во Вести

Корупција, заткулисни лобирања, лажење и спречување на полицијата, прекршување на законите, се дел од секој добар трилер. Истовремено, ова е и приказната која ја раскажуваат најновите споделени документи за праксата на Uber.

Обиди за влијание имало на секое ниво. Стартапот буквално воопшто не се штедел за да дојде до поповолна позиција. Џо Бајден, Олаф Шолц, Горџ Осборн, Емануел Макрон се дел од целите за лобирање на компанијата.

Photo by Viktor Avdeev on Unsplash

Во над 124 000 документи кои го опфаќаат периодот од 2013 до 2017 година е споделена етички проблематичната пракса на компанијата, но во некои случаи и прекршувањето на законите. Иако директорите на Uber во минатото ја убедуваа јавноста дека станува збор за законска „сива зона“, самите биле свесни дека го прекршуваат законот. Неименуван директор во документите на шега пишува дека станале „пирати“ и „Ние сме е*ено илегални“.

Над 83000 електронски пораки, iMessages и WhatsApp пораки се дел од документите, кои ги сподели Guardian. Информациите доаѓаат од Марк Мекган поранешен главен лобист на Uber за Европа. Документите се однесуваат на работата на Uber во над 40 држави и тоа токму за периодот кога стартапот се пробиваше и стануваше гигант.

Од Uber ја потврдија веродостојноста на документите и лошите пракси на претходната гарнитура во компанијата.

„Не баравме и не бараме оправдувања за нашите постапки од минатото кои секако не се дел од нашите сегашни вредности. Наместо ова, се надеваме дека јавноста ќе не оцени по она што го правиме во последниве пет години, и по она што ќе го правиме во годините кои следат“.

Photo by Priscilla Du Preez on Unsplash

За Uber

Uber е американска компанија која за себе вели дека нуди превоз како услуга. Корисниците на услугата можат директно да нарачаат возило со возач, што речиси и не се разликува од такси превозот. Самата компанија не поседува возила, но добива провизија од секој превоз.

Започнаa како стартап во Калифорнија во 2009-та година кој им нудеше на своите клиенти превоз со луксузни возила како Lincoln, Cadillac Escalade, BMW 7 и Mercedes-Benz W221. Набрзо компанијата го прошири асортиманот на возила кои ги нуди за превоз на поширок пазар преку UberX сервис. Возилата се резервираат со помош на апликација или текст пораки, преку кои корисниците ја праќаат својата локација, по што возачот доаѓа да го одвезе корисникот до посакуваното место. По пристигнувањето, корисникот го „оценува“ возачот, а наплатата се врши преку сметка која е доставена до Uber. Цените на превозот се формираа динамички во зависност од потребата и понудата.

Возачите не се вработени во Uber туку се независни изведувачи или работници на повик (gig worker). За возачите на Uber не важеа истите правила како за такси компаниите, имаа полуксузни и поудобни возила и можеа да понудат поевтин превоз од таксистите… Компанијата субвенционираше дел од цената на превозот со што ги оневозможи таксистите да бидат конкурентни.

Денес компанијата има повеќе сервиси: достава на храна, пакети, курири…

Uber лобирање и корупција

Само во 2016 година стартапот на лобирање потрошил 90 милиони долари. Затоа и не е големо изненадување што во „џебот“ на Uber биле градоначалници, законодавци, па дури и премиери на држави. Во Русија, Италија и Германија стартапот „инвестирал“  во „моќни луѓе на различни позиции во власта“. Во замена за поддршката, дел од овие моќници дури добиле и финансиски удел во Uber.

Каланик во период кога Uber возачите беа редовна цел на таксистите во Франција имал директна линија до тогашниот министер за економија, а денес претседател Емануел Макрон.

Компанијата инвестирала и стотици илјади долари за различни истражувања кои требале да ги покажат придобивките од економскиот модел на Uber. Целта на овие истражувања требала да биде да се промени насоката на политичките дебати и да се обликува јавното мислење.

Секој пат кога компанијата ќе се соочеше со отпор, без разлика дали се протести на таксистите или критики од различни претставници на власта. Имаше едноставен одговор. Станува збор за стар транспортен систем кој треба да се промени. Државите треба на ова да влијаат со промени на законите. Дури и денес, одговорот на ова обвинување, на ко-основачот на Uber, Тревис Каланик, е дека компанијата не го прекршувала законот, туку законите не биле прилагодени за новото време на паметни телефони.

Image courtesy of Pablo Cordero / https://www.pexels.com/photo/a-delivery-man-riding-a-bike-3846131/

Возачите на Uber искористени како жив штит

Во еден период на средина на 2010-те години. Нетрпеливоста помеѓу убер и такси возачите стана сериозен проблем. Возачите беа цел на напад, а нивните возила беа уништувани. Сепак и тогаш компанијата имала целосна контрола.

Тревис Каланик, не само што бил свесен за проблемите кои компанијата ги има со нападите на таксистите врз Uber возачите туку сметал дека евентуалното насилство би можело да им донесе успех. За време на протестите и немирите во Париз кога беа уништувани возила на Uber, им наредил на директорите во Франција да организираат контрапротести. На предупредувањата дека кај таксистите се инфилтрирале членови на екстремната десница кои сакаат да се пресметаат со возачите, одговорил: „Сметам дека ќе вреди. Насилството гарантира успех. Мора да им се спротивставиме, нели? Се согласувам дека мора да се размисли вистинското место и време“.

Портпаролката на Каланик отфрли дел од тврдењата во документите. Додавајќи дека тој никогаш не заговарал да се искористи насилството врз возачите и нивната безбедност за подобра положба во евентуални преговори.

Во овој период протести против Uber се одржуваа во голем број европски градови помеѓу кои Париз, Мадрид, Милано и Берлин. Огорчените сопственици на такси возила бараа исти услови за сите. За жал, веројатно делумно и поради лобирањето, одговор или немаше, или доцнеше. Дури и случаите во кои беа нападнати возачите на Uber компанијата ги искористи да ја зацврсти својата положба на пазарот. Во 2015 напад со чекан и боксирач врз Uber-возач му донесе на Uber отстапки од холандските власти.

Uber тест на автономно возило – By Dllu – Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=57938047

Исклучување од главните сервери во случај на полициска рација

Можеби најконтроверзно изненадување од сите споделени податоци во објавените документите е дека директорите во компанијата во секој момент можеле да го исклучат пристапот до главните системи за податоци. Во случај на полициска акција ИТ-одделот по наредба на директорот можел да го спречи пристапот до податоци. Компанијата го искористила барем 12 пати за време на рации во канцелариите во Белгија, Индија, Романија, Унгарија, Франција и Холандија.

Каланик го потврди постоењето на „kill-switch“, иако додаде дека правниот тим на компанијата ги одобрил  овие протоколи.

Новото раководство на компанијата потвди дека Uber ги користел овие протоколи, и додаде дека компанијата никогаш не требала да ги користи за да спречи легитимни полициски акции.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments