Од здружените сили на Navegante Entertainment и Team 17 произлегува симпатична авантура со уникатни ликови, борбени механики и бројни можности за разрешување загатки. Greak: Memories Of Azur е релаксирачко патување во свет кој лесно го плени играчот со рачно нацртаните околини и динамична оркестарска музика.
Играње во сликовница
Greak: Memories of Azur не би била она што е без харизматичен лик. За среќа, не има еден туку три главни ликови. Првиот лик се вика Грик и специјализира во користење меч или лак и стрела. Грик е агилен, лесно се движи низ просторот и се одликува со уникатни потези за задоволително разрешување на непријателите по кратка постапка.

Сестрата на Грик – Адара e волшебничка чии потенцијали сјаат од далечина и преку комфорот на нејзините магии. Импозантните деструктивни сили на Адара, меѓутоа, директно се врзани со регенерација на магични поени и нема да можете постојано да го бомбардирате непријателот. Од друга страна, скокот на Адара резултира со привремено лебдење низ површината и, за разлика од останатите сопатници, знае да остане под вода подолго време, што ја поставува како одличен лик за истражување на водените површини.

Како трет лик се истакнува воин кој е покрупна и посилна верзија на Грик. Рејдел можеби не може вешто да ги избегнува непријателите, но затоа користи штит за идеална заштита од какви било удари и меч за разорни офанзивни тактики. Згора на тоа, Рејдел користи кука за лесен пристап до навидум недостижни места, како и за зграпчување и лесно покривање на далечината со непријателите. Само немојте да пробате да пливате со него. :)

Сите од овие ликови можете да ги контролирате истовремено. Ова е меч со две острици и како што може да биде интересно, така и може значително да исфрустрира кога ќе се растури формацијата и ќе почнете да паѓате како зрели круши. Проблемот е во тоа што или ќе сакате да се движите побрзо, со што грешки се случуваат и принудени сте да пробувате одново, или пак, да бидете повнимателни и да се движите поспоро. И во двете ситуации, лесно може да почувствувате дека трошите повеќе време отколку што би сакале. Но, Greak: Memories of Azur не е кратка игра и низ десетчасовната игра имате бројни прилики подобро да се запознаете со уникатното движење низ околината со ликовите и да „фатите“ добар ритам. Тоа кога ќе се случи, работите стануваат полесни.

Борбена еуфорија
Стандардните непријатели се одлично дизајнирани и располагаат со напади кои се својствени за нив. Како да ова не е доволно, често наидувате на паметно осмислени босови кои ги креваат битките на значително повисоко ниво и бараат честа импровизација во моментот, особено кога ќе дојде до избегнување напади. Но и тука би можеле да помислите дека претходните болки се враќаат, а уникатниот систем со истовремено управување со ликовите е недоволно разработен.
Константната потреба да се води сметка за здравјето на останатите ликови, како се групирани и како се движат често знае да ве совлада и да ве принуди да направите фатални грешки. Во оваа игра, сите три ликови доаѓаат во пакет и потребно е на сите да им посветувате неподелено внимание. Можеби припаѓаме на малцинството, но ние одбиваме да гледаме на ова како на нефер или недобро осмислена механика, туку како на инвентивна одлука благодарение на која се зголемува предизвикот и се бара спремност за жонглирање неколку работи од еднаш. Сево ова е испреплетено во лавиринти од загатки, бројни надградби за собирање ретки добра за продавање, и места за купување корисни пијалаци.

Она што забележавме е дека Greak: Memories Of Azur е замислена да се игра со контролер и квалитетни слушалки, независно од тоа дали се работи за релаксирано истражување, решавање загатки, или борби со босови. Како што споменавме горе, оркестарската музика е за пофалба, динамично се менува и на вистински начин се надополнува на визуелните случки околу вас и би било штета да поминете низ целото искуство со лоши звучници.
Greak: Memories Of Azur е солидна авантура, а тимот кој стои зад неа никако не крие дека изворот на инспирацијата потекнува од Мetroidvania игрите. Во одредени моменти, лесно би можеле да пронајдете сличности и со Trine игрите, но аспирации за подлабока споредба бргу испаруваат и набргу заклучувате дека насловот пред вас е целосно ново суштество, со доволно уникатни механики да самостојно стои во рангот на оригинални остварувања. Доколку уживате во симпатични авантури со преубави дводимензионални околини, одлични анимации и спремност за прифаќање освежителни механики, би можеле одлично да си поминете во светот на Greak: Memories Of Azur.







