{mosimage}Само неколку месеци по заминување од позицијата извршен директор на Microsoft, најбогатиот и еден од највлијателните луѓе во светот Bill Gates, се шпекулира дека мистериозно започнал да создава нова технолошка компанија за истражување со “криптирано” име.
Според официјални документи кои овозможуваат јавен пристап, компанијата од Јули го носи името "bgC3 LLC" откако првично е заведена како "Carillon Holdings" во Март, 2008 година. Примарна дејност на компанијата според документите е истражување а канцелариите се лоцирани во Киркланд, Сиетл, простории кои биле откупени од Bill Gates веднаш по напуштањето на Microsoft и кои се опремени со последните технологии на Microsoft. Се очекува компанијата да вработи од 40-60 луѓе.
{mosimage}Исто така некои медиуми во САД забележаа и дека компанијата bgC3 има поднесено барања до федералната Комисија за заштита на индустриска сопственост, во кои поконкретно се бара официјално регистрирање на неколку заштитни знаци во областите на "научни и технолошки услуги", "дизајн и развој на компјутерски хардвер и софтвер" и "индустриско анализирање и истражување".
Неколку луѓе кои се нафатија посериозно на откривање на оваа "мистерија" одат дотаму што се обидуваат да го погодат значењето на "криптираното" име на оваа таинствена компанија. Најдобриот и до некаде логичен обид кој го пронајдов на интернет е "Bill Gates Company Three".
И покрај фактот што пријател близок на Gates неофицијално изјавил дека бизнисов не е комерцијален потег на милијардерот, туку едноставно компанија која ќе делува како посредник и легално покритие при извршување на неговите досегашни обврски, јавноста започна на големо да шпекулира дека Gates спрема нешто големо.