Британската компанија за дизајнирање на чипови, ARM,најави нов процесор кој ќе им овозможи на производителите да прават далеку поефтини паметни телефони. Станува збор за процесорот со повеќе јадра, ARM Cortex-A7. Според компанијата, овој процесор е една петина од големината на веќе постоечкиот Cortex-A8, на кој работат повеќето денешни паметни телефони.
Целта на овој процесор е да овозможи производство на поефтини паметни телефони кои ќе ги имаат истите перформанси на денешните паметни телефони. Британската компанија се надева дека во 2013 и 2014 година сите паметни телефони под 100 долари ќе бидат напојувани од овој процесор. Според ARM, Cortex-A7 ќe троши една петина од енергијата која ја троши сегашниот Cortex-A8. Ќе биде базиран на 28 нанометарски производен процес, што им овозможува на производителите да го намалат бројот на струни кола, и со тоа процесорот да користи помалку енергија.
ARM исто така најави и дека новиот процесор ARM Cortex-A7 ќе го комбинираат со помоќниот процесор Cortex-A15 во напредните паметни телефони. Оваа комбинација е дел од нова архитектура наречена Big.LITTLE и ќе има за цел да штеди енергија. Па така, доколку е потребно да се изврши некоја тешка задача како веб рендерирање, тоа ќе го врши Cortex-A15, a задачите кои не бараат многу енергија, како што е телефонирање, ќе се вршат од страна на новиот помал процесор Cortex-A7, и со тоа ќе се заштедува енергијата на батеријата. Паметни телефони со ваква комбинација ќе се појават кога ќе излезе втората генерација на Cortex-A15 процесорите, а тоа ќе биде во втората поливина од 2012.
ARM е најголемиот производител на процесори за паметни телефони, меѓутоа со појавувањето на Intel на пазарот, очигледно е дека британската компанија мора да продолжи со иновација доколку сака да ја задржи светската доминација.
Коментари
3 коментари
Коментарите се затворени.