Двајца англичани се осудени на четири години затвор бидејќи за време на протестите го користеле Facebook. Осудените Џордан Блекшо и Пери Сатклиф-Кинан, во екот на немирите кои се случуваа минатата недела низ Англија, преку Facebook се обидоа да предизвикаат нереди во нивните градови, но неуспешно.
Едниот од осудените, Џордан Блекшо, има креирано настан во кој повикува да се уништи градот Норвич, за веднаш потоа да биде уапсен. Пери Сатклиф-Кинан пак има направено група која имала за цел да предизвика немири во Варингтон. Интересно е тоа што овие престапници имаат најдолги казни затвор од сите хулигани кои учествуваа во немирите минатата недела. Уапсени се над 1.700 лица, а над 1.000 се осудени за кражби, насилство, прекршување јавен ред и мир, напаѓање полицаец и разни други посериозни прекршоци од повикување на протести преку друштвена мрежа.
Многумина сметаат дека казните кои им се препишани се многу ригорозни, бидејќи сепак не дошло до никакви инциденти во градовите каде што повикувале на немири. Според судијата кој им ја има препишано казната ова треба да биде пример за во иднина никој да не се осмели да повикува на јавни немири и да ја загрозува безбедноста на жителите. Разбирливо е зошто одлуката на судијата е контроверзна, доколку се види дека за некој да добие четири години затвор треба да изврши киднапирање, собраќајка во пијана состојба, или сексуален напад. Двајцата осудени ќе апелираат до судот да се намали казната.
Всушност, Блешко и Сатклиф-Кинан да го напуштеле домот и да се вклучиле на немирите можеби би добиле и помала казна. Тие со излегување на немирите би биле осудени за насилно однесување и прекршување на јавен ред и мир. Просечната казна за насилно однесување, земена од 372 пресуди во 2010-та, е 18 месеци, додека просечна казна за прекршување на јавен ред и мир во 1.434 случаеви од минатата година биле само 2 месеци затвор, пишува Guardian.
Доколку сметате дека оваа казна е контроверзна тогаш сигурно ќе се изненадите и од апсењето на личност која преку Blackberry Messenger организирала масовна борба со пушки на вода. Личноста е осудена за охрабрување или помагање во извршување на кривично дело. Полицијата ги открила плановите кои циркулирале на платформата Blackberry Messenger и Facebook, и ја уапсила осомничената личност на денот кога требала да се одржи борбата.
Причината за овој текст не е англискиот судски систем, туку дека се менуваат правилата за игра и одговорноста која ја имаме за нешто што сме го постирале на Facebook. Верувам дека се сеќавате на инцидентот кој се случи пред неколку месеци на скопското Кале, за потоа да се префрли на Facebook. Полицијата тогаш само ги затвораше групите кои повикуваа на насилство, но би можело да бидат и оправдани и прекршочни пријави и казни за оние личности кои повикуваат на насилство. Затоа внимавајте како и за какви цели ги користите друштвените мрежи, бидејќи последиците можат да бидат многу сериозни.







