Во западните ММО игри нивоата главно се добиваат со завршување на мисии. Во најголем број од азиските ММО мисиите ги правите до некое основно ниво главно почетничка или туториал фаза, а потоа нивоата ги добивате со убивање на непријатели, познато како “grind”. Ако сте поодамнешен играч на World of Warcraft сигурно се сеќавате дека на почетокот за 60 ниво требаше да дотепувате непријатели со оглед на тоа дека немаше доволно мисии. Тоа е „grind“. Одредувањето на бројот на непријатели потребни да се добие ниво е прилично важно со оглед на тоа ако има премалку играчите губат од забавата, а преголемииот број на непријатели може да биде заморно и играчите да изгубат интерес.
Западните дизајнери се далеку поконзервативни и главно се задржуваат на основни класи при дизајнирање на карактери од типот на воини, разбојници, лекари, стрелци волшебници и слични. Ова не е случај со најголемиот број на азиски дизајнери кои не се срамат во средновековен свет да вметнат роботи или класи со лансери на ракети, вкус кој не би одговорал на западниот играч, но кој е атрактивен за Anime културата и претерувањата зa да се предизвика фантазијата на играчите.
Во продолжение ќе се обидам да презентирам две игри од двата типа. Првата е Perfect World International која е една од најтипичните квалитетни азиски ММО игри, креирана од кинеската Bejing Perfect World компанија која е дизајнер на повеќе ММО игри и фирма мајка на RunicGames. Втората е Lords Of The Rings Online која од пред една година се префрли на freemium модел, бесплатно играње со доплаѓање за повеќе содржина. LoTR е дизајнирана од британскиот развоен тим Codemasters. Клиентите за симнување тежат 4.2GB, oдносно LoTR е 7-10GB зависно одод квалитетот на текстурите
И двете игри ќе ги презентирам во основната бесплатна варијанта, односно како изгледаат без потрошен ниту еден денар.
Perfect World vs. Lord of the Rings
Lord of The Rings е сместена во универзумот на Џ.Р.Р.Толкин и самиот автор би бил задоволен со изгледот на провинциите и мапите во играта. Верно се претставени Shire, Bree, Moria… Графиката е над просекот кога станува збор за ММО, текстурите преубави бидејќи играта поддржува DirectX 10.
За разлика од нешто очекувано со LoTR, сигурно сте ги гледале филмовите или читале книгата, Perfect World е сместена во фантастичен свет кој започна под големо влијание на кинеската митологија. но во своите експанзии склопи во себе и голем дел западни елементи. Графиката е солидна и подобра од најголемиот дел азиски игри. Аниме стилизирањето на карактерите кое преовладува кај дизајнерите од овој континент и кое е симпатична промена не е застапена во оваа игра меѓутоа тоа никако не е на штета на квалитетот.
Дизајнерите од двата света вмешуваат спротивна тематика, пример западна митологија во азиска игра, и обратно по некоја катана за западните играчи, но во моментов сè се сведува на стереотипи, на едноставни моменти од двете култури. Ова е бидејќи двата света сепак се различни, и бидејќи преголемото мешање ќе се изгуби во севкупниот дизајн на играта, односно ќе може да ги изгуби играчите кои се навикната на одредена „домашна“ култура. Светотовите во кои што играте главно се средновековни или средновековно фантазиски за западните игри, додека кај азиските се темелат на кинеска или корејска митологија. Дури и во игрите на азиските дизајнери кои се со средновековна или фантастична позадина има простор за нивните митолошки суштества.
Изборот на класи во LоTR е стандарден за најголем дел на западните ММОRPG, можете да изберете помеѓу стандардните воин, стрелец, волшебник, крадец, со избор на класи меѓу луѓе, џуџиња и елфови. LOTR е врзан со тематиката и изборот на класи со книгата, не може кој знае колку да се променува тука, но ова е стандардно за сите западни MMO. Која игра и да земете ќе ги најдете истите класи, слични раси. Пример, доколку сте ја играле World of Warcraft или Diablo (не-ММО) тогаш сте се сретнале со скоро сите раси и класи кои се присутвни во западните ММО игри.
Азиската PWI пак нуди поголема разновидност и фантазија во расите, додека повторно има сличност во класи, MMO игрите се чини се заглавија во изборот на класи, пример, PWI има Barbarian дефанзивни воини кој може да морфират во тигар , Venomancer, Archer, Cleric, Swordsman, Wizard, Assasin и Psychic. Но расите кои се ставени на располагање се луѓе, крилести елфови, untamed (хуманизирани животни) и tideborn (мене најмногу ми наликуваа на хуманизирани риби).

За разлика од наголемиот дел на азиски ММО во PWI можете да стигнете до релативно високо ниво и само со завршување на мисии, но се разбира, типично за азискиот свет, највисоките нивоа се резервирани за најупорните и најуспешните во „grind“ фестивалот. Тука може да се додаде дека во азиските игри, гејмерската заедница е доволно активна во играта да го направи „grind“-от доволно забавен и друштвен, додека западните играчи се активираат само на крајните нивоа, додека качувањето левели т.е. „grind”-от често го прават сами, без помош од другите. Впрочем токму затоа самите игри се дизајнирани да го намалат трудот на почетното качување игри.
Бесплатните играчи во LоTRO можат да посетат 8 инстанци, 2 скирмиши и 6 класични инстанци. Инстанците не се премногу долги ама се прилично комплексни и бараат тимска работа. Нивото на инстанците зависи од вашето па инстанците се еднакво забавни и на 20 и на 65 ниво. Во зависност од бројот на учесници се поделени на соло, дуо, дружина (6 члена) и реид (12-24 члена). Со отклучување на поголем број на мапи се зголемува и бројот на инстанци кои можете да ги посетите а вкупниот број на инстанци е поголем од 40. PWI го има заедничкиот проблем со најголем дел од азиски игри, целосен недостаток на PvE содржини. Тие што ги имаат десетина на број, им се достапни на сите и се прилично долги.
Ако Perfect World има недостаток на PVE содржини тоа секако не е случај со PvP. PvP e ограничено единствено во градовите, и тоа и таму не во целост. Присутни се и борби за територии односно клан против клан кои се одржуваат преку викенди.
За разлика од PWI, во LOTR, и покрај најавата дека со следната експанзија PVP содржините ќе им бидат достапни на сите моментално единствено VIP играчите можат да учествуваат во “monsterplay”, каде играчите ја земаат страната на силите на Мордор во борба со слободините луѓе. PvP содржините се ограничени во една зона Ettermore, a oд останатите PvP содржини е застапен единствено дуелот.
Освен тотално бесплатно искуство, LOTRO нуди premium и VIP пакети. VIP е всушност претплата која чини десетина долари месечно и целосно ги отклучува сите содржини во периодот од претплатата. Perfect World својата заработка ја добива со микротрансакции што е еден вид пандан на премиум макетот во LOTRO. Овој тип на плаќање е застапен кај најголемиот дел азиски игри, додека западните MMO веќе подолго време се обидуваат да привлечат претплата, примери се World of Warcraft, Conan, Warhammer…
Азиските и западните MMO игри се разликуваат во тематиката, во епските митови околу таа култура, но тоа не значи дека не се достапни за сите корисници. Можеби со Азија времето на играње е поместено, 6-7 часа понапред, па нема доволно луѓе на серверите, или пак јазикот може да претставува проблем, сепак доколку ве интересира малку Аниме малку почудна источна култура, додека западната ве замара со секогаш истите класи, раси и борби, тогаш слободно ви ги препорачуваме азиските игри. Доколку сакате класичен барбарин или елф волшебник кој ќе се води по веќе познатите митови, тогаш за вас се Западните MMO.







