Две игри ќе се борат за вашето внимание викендов, особено доколку сакате бесплатна и привремена квалитетна забава во дигитално пакување.
Killing Floor 2 го започнува летниот настан
Ко-оп хорор пукачката игра во прво лице започнува со Back and Kickin’ Brass летниот настан. Стимпанк темата е проширена со нов режим на играње кој се вика Transport и нова мапа со име Steam Fortress. Настанот трае до 31 јули, но доколку сеуште не сте ја провериле играта, можете да започнете бесплатни гејминг сесии од моментот кога го читате овој текст па сè до 25 јуни. За тоа време, играта се продава со 67% попуст и може да биде ваша за 9 евра. Летниот настан е одбележан и со нови изгледи, како и нови оружја. Killing Floor 2 е една од подобрите ко-оп игри каде вие и вашите пријатели се соочуваат со орда од исклучително предизвикувачки немртви суштества.
Insurgency: Sandstorm е реалистична алтернатива на Killing Floor
Во ред е, не сакате чудовишта кои како да произлегле од најдлабоките понори на човечкиот ум. Во случај да отсекогаш сте се сметале како гејмер кој ужива во реалистични воени симулации, тогаш Insurgency: Sandstorm ќе успее да ја задоволи таа потреба. Овој ко-оп наслов се одликува со исклучително способна вештачка интелигенција која знае да ве вовлече во стресни и, навидум, безизлезни ситуации уште на самиот почеток од гејминг сесијата. Да не ни зборуваме за адреналинските мрежни сесии. Играта е бесплатна за проверка до 24 јуни, а се продава и со 30% попуст.







