Се случи интересна „сцена“, ако може така да се нарече, околу една Android апликација. Имено, Александар Балалoвски а.к.а. @Gemidjy објави апликација за пребарување на Златна Книга, користејќи ги нивните информации. Откако беше објавена, апликацијата беше блокирана од страна на ITEA Solutions, соработници на Златна Книга, по што Gemigjy направи закрпа и ја стартуваше повторно, за на крај да се дојде до ситуација со „закани за кривични пријави“.
Имено, Александар го искористи името на Златна книга за својата неофицијална апликација без нивна дозвола. Дополнително, oд ITEA Solutions кои соработуваат и во овој случај ги претставуваат Златна Книга, по нивно барање, велат дека трговската марка не може да се користат без дозвола, додаваат дека прават своја официјална Аndroid апликација и велат дека грешки кај неофицијални апликации можат да резултираат во лоша репутација на брендот, не на развивачот.
„Пушташ апликација за која што неможеш да гарантираш дека функционира додека луѓето имаат претстава дека проблемот е во Златна Книга а не во твојата апликација.”, вели Игор Јаневски од ITEA Solutions на блогот на Александар.
На сајтот на Златна книга стои „сите права задржани“ што не објаснува многу. Но, на печатената верзија стои дека:
„сите материјали, рекламни огласи и права се во сопственост и заштитени од страна на издавачот. Секакво копирање, репродуцирање, скенирање, снимање на целата или дел од Златна Книга од страна на трето лице, како и негово објавување од одреден медиум, е забрането и казниво според Законот за авторски права 47/96, освен во случаи на експлицитно писмено одобрување од страна на R3 Инфомедиа доо. Златна книга, Златен телефон и Златни страници се пријавени трговски марки.“
Ова значи дека спорот настанува што „Златна книга“ е заштитена трговска марка, а Александар нема дозвола да ја користи.
Oд друга страна, Новица Наков посочува на законот за трговска марка каде се вели дека марката може да се користи ако не доведува до нелојана конкуренција. Но, тука од IТEA Solutions велат дека тие спремаат официјална апликација со GPS и реклами. Тука може да се појави судир и недоразбирање меѓу корисниците за која е официјалната, а која неофицијална апликација.
Во секој случај, на крај, Александар добива повик во кој му се нагласува тужба ако не ја тргне апликацијата, по што тој ја трга од Android Market и тука завршува спорот.
И двете страни си имаат свој аргумент кој „држи вода“. Златна книга сака да се заштити име/бренд и сака да си објави своја апликација, додека Александар сака да направи кoрисен бесплатен сервис кој функционира едноставно со посетување на страната. Всушност, моментално не ни може да се направи платена апликација, платениот Android Мarket се уште не е достапен во Македонија.
Заклучокот од сево ова за сегашниве и идни развивачи на апликации е: потрудете се да добиете дозвола за користење логоа и заштитни знаци, осигурајте се дека информациите се јавни, дека апликацијата е јасно неофицијална или ребрендирајте ја, соработувајте со брендот, можеби тоа ќе стане плодна и креативна соработка, и code on на раат без страв од тужби.

Коментари
43 коментари
Коментарите се затворени.