0 коментари 8 мин. читање

Најава: Mass Effect Andromeda го поплочува патот со нова епска авантура во познатиот универзум

Во пресрет на нова галаксија

Тешко е да се поверува дека од првите авантури со командирот Шепард помина скоро деценија. Во 2007 година, првата игра успеа да го револуционизира не само RPG жанрот туку и начинот на кој се разработуваат научно фантастични содржини во овој формат. Првата Mass Effect можеби потфрли во реализација на битките и управувањето со возилото, но приказната беше апсолутно блаженство и остави легија фанови во своите траги, но и го поплочи патот за феноменален продолжеток. Mass Effect 2 излезе во 2010 година и успеа целосно да ги оправда очекувањата преку експлозивен пакет кој органски се надоврза на епската приказна и понуди вртоглав гејмплеј за незаборавни битки. Третата игра, која излезе во 2012 година, се истакна со, можеби, најисполиран и надграден гејмплеј и солиден ко-оп мултиплеер, но целосно потфрли со крајот и остави многу фанови видно разочарани. Mass Effect: Andromeda се стреми да го понуди најдоброто од трилогијата и да ве импресионира со впечатливи ликови, уште по експлозивен гејмплеј, но и содржителен мултипеер.

Галаксијата Андромеда, позната и под имињата Messier 31, M31 или NGC 224 е спирална галаксија која е оддалечена 2.5 милиони светлосни години од планетата Земја

Mass Effect: Andromeda се одвива 600 години по настаните од трилогијата. Имено, за време на настаните во втората игра, се започнува таканаречената иницијатива Андромеда каде 4 арки, секоја арка со по илјадници припадници од една раса, се упатуваат накај Андромеда (За да се оствари ваквото нешто, членовите поминале стотици и стотици години во cryo sleep, состојба на суспендирана анимација). Вие сте еден од таквите членови, Pathfinder, хибрид од научник, војник и водич одговорен да најде свет погоден за живеење. Играјќи како еден од децата на Алек Рајдер, односно како Скот или Сара, потребно е да помогнете на вашата арка да стапи во контакт со останатите три и да ги преживеете агресивните напади на безмилосната вонземна раса Кет.

Андромеда содржи еден трилион ѕвезди, што е двапати повеќе од ѕвездите во Млечниот Пат

Како акциона RPG игра, Mass Effect: Andromeda ќе се разликува од трилогијата по тоа што нема да бирате една од шест претходно одредени класи со уникатни способности, туку ќе имате целосна слобода да го прилагодувате вашиот лик во кое било време и онака како што вие сакате. Тоа значи дека улогата на поените кои ги посветувате за отклучување на одредена вештина е крајно флексибилна и дозволува постојано менување и експериментирање со вештини за да се најде совршена комбинација од технолошка, борбена и биотска моќ. Но, доколку инвестирате доволно поени во одредена категорија, отклучувате профил кој додатно ве наградува со уникатни способности.

Системот за прикрадување е подинамичен, а употребата на џет пак, ви дозволува понелинеарни пресметки каде ја избегнувате линијата на огнот со ненадејни странични бустови, инстантно приближување, односно избегнување на непријателите, како и издигнување над препреките за да елиминирате сè што претходно се криело зад нив. За остварување на таквата цел, познатото тркало од способности е заменето со стандардно активирање преку одредени копчиња (hotkeys). Интересно е тоа што покрај препознатливите оружја, овој пат ќе можете да користите и (омни) мечови и чекани, но и сосема нови изненадувања, како пламенофрлач.

Се претпоставува дека Млечниот Пат и Андромеда ќе се судрат за 4.5 милијарда години, со што ќе формираат или огромна елиптична галаксија или галаксија во форма на диск

Играта ќе се одликува и со околини од отворен карактер кој се испорачува во слична, но проширена форма од она што го видовте во претходните игри. За патување од свет до свет, имате на располагање вселенски брод The Tempest, а за излегување на крај со предизвикувачките терени на планетите, ќе управувате со возило Nomad. Возилото не е уште една ваша алтернативна алатка за сеење хаос и, поради тоа, нема да може да го наоружите, но никој нема да ве спречи во прилагодување на брзината и изгледот. За подобро чувство на брзина и маневрирање, Bioware тесно соработува и со тимот кој стои зад Need for Speed игрите.

За среќа, нема да поминувате време во статично планетарно извлекување руда или истражување идентични структури бидејќи секоја планета ќе содржи предизвици од борбен или мисловен карактер каде треба да излезете на крај со временски непогоди и екстремни услови (високи температури, немање вода, токсични дождови), да се борите против предизвикувачки и уникатни непријатели (нешто слично на системот so супер босови од Dragon Age: Inquisition) или да разрешувате загатки. Секоја планета ќе биде препратена и со бонус мисии како пронаоѓање исчезнати бродови, зони за испорачување пакети, напуштени станици и слично. Со откриените ресурси и шематски планови можете да создавате оклопи, оружја, но и муниција, модули и вонземна технологија. Додатно, изгледот на опремата на Рајдер отклучува подетални, индивидуални и уникатни можности за прилагодување, а на планетите ќе можете да повикувате орбитални испораки од вселенското летало The Tempest.

Во одредени ноќни услови, галаксијата Андромеда е видлива со голо око

Mass Effect: Andromeda сака да се оддалечи од претходниот систем за донесување одлуки и наместо Paragon или Renegade, овој пат би можеле да добивате попрецизни опции за пренасочување или прекинување на разговорите. На пример, ако порано одевте со Renegade и Шепард ве изненади со фрлање човек преку прозорец, сега таквото нешто попрецизно би се нагласило уште пред остварување на акцијата и наместо Renegade би можеле да видите опција: Фрли го преку прозорец. Ваквите акции полегнуваат на категориите чувствителна, разумна, професионална или релаксирана реакција. A кога сме кај реакции и градење односи, познатите мисии за лојалност и понатаму ќе бидат пропратна, но не и задолжителна активност во Андромеда. Во интервју за Gameinformer, режисерот Мек Волтерс објаснува дека мисиите за лојалност, кои беа уникатни за секој од вашите следбеници и ви дозволуваа додатно да ги запознаете и да се зближите со нив, се многу по изборни и не мора да ги завршите нити пред „критичната точка“ од приказната, ниту по неа. За Андромеда се кажа и дека ќе биде Bioware игра со најширок спектар од романтични интеракции кои можат, но не мораат да прераснуваат во долготрајни врски. Tаквото нешто, меѓутоа, зависи не само од вас туку и од карактерот и желбите на спротивниот лик. Ниеден од вашите (седум) сопатници, меѓутоа, не може да умре, така да немојте да се надевате на слични, неизвесни ситуации како на таа дали да ја спасите Ешли или Кејдан од оригиналната игра.

Според грчката митологија, убавината на принцезата Андромеда предизвикала љубомора до таа мера што богот Посејдон испратил морско чудовиште да сее хаос се додека девојката не се жртвува

Мрежниот дел на Mass Effect Andromeda е замислен да биде надградена, а со тоа и подобрена верзија на мултиплеерот од Mass Effect 3. Преку таканаречениот Strike Team режим, вие и уште тројца лица ќе се соочувате со бранови и бранови непријатели контролирани од вештачката интелигенција. Одредени временско-ограничени настани, пак, ќе овозможуваат да се пресметувате на одредени мапи и со одредени непријатели за да добиете поголеми награди. Мрежниот дел од играта ќе влијае на крајниот исход од главната кампања, но не со ист интензитет како во Mass Effect 3. Она што, сега-за-сега, знаеме е дека од самата игра ќе можете непречено и брзо да се префрлувате од соло во мулти режим и обратно. Ваквото заедничкото играње е целосно интегрирано во соло кампањата и е замислено да ве охрабри за полесно прифаќање на мрежниот дел. Авторите, меѓутоа, ветуваат дека ќе можете да ја завршите мета-приказната од Strike Team режимот и без да играте онлајн, со што не би требало премногу да се загрози соло искуството на кое навикнавме со претходните игри.

Слатките маки на исчекувањето

Од она што успеавме да видиме, Mass Effect: Andromeda прети да ги засени претходните игри со препознатливо моќната приказна и светови преродени од потенцијалите на сосема нов графички енџин (за овој серијал). Bioware, за жал, изгуби многу од челните лица кои работеа на првите игри, а и некако не ни се допаѓа начинот на кој „изборно“ го вовлекуваат мрежниот дел кој, верувајте нѝ, ќе изобилува со микро трансакции. Ова, меѓутоа, не е доволно за да ги удави сите наши очекувања и надежи дека новото, храбро патување ќе биде достојно за саканиот серијал. Она што всушност останува е прашањето дали сте спремни да навлезете во арката и на кој начин ќе го одведете вашиот народ до ветената земја.

Mass Effect: Andromeda познати сопатници:

  • Пиби – Симпатична Асари со дива, но храбра природа која не е потисната од социјалните норми.
  • Лијам – Човек кој служел како полицаец пред навлегувањето во арката, а сега е дел од тимот за безбедност на Хајпирион арката.
  • Кора – Жена со исклучителни биотски моќи и присутна низ неколкуте трејлери, но со шлем на главата
  • Драк – Кроган за кој, освен кул името и кратко појавување во еден трејлер, не се знае ништо повеќе.
  • Непознато име – женка од Туријан расата

Екстра инфо:

– Mass Effect: Andromeda дефинитино не е почеток на нова трилогија, но тоа не значи дека целиот серијал завршува со оваа игра, туку би можел органски да се развива во некои други форми.

– Играта нема да се одликува со сезонска пропусница за сите идни DLC-a, а сите мрежни додатоци, слично на тројката, ќе бидат бесплатни за играње.

– Mass Effect: Andromeda излегува на 21 март, но авторите најавија наскоро да очекуваме бета за мрежниот дел од играта. Вестите за тоа кога и како би можеле да го провериме овој режим ќе бидат објавени на крајот од јануари, за кога и се очекуваат податоците за минималната побарувачка за оваа игра.

  • Развивач: BioWare
  • Издавач: Electronic Arts
  • Режисер: Мек Волтерс
  • Продуценти: Фабрис Кондоминас, Мајк Гембле, Мајкл Лег, Брајан Реј
  • Дизајнер: Ијан Фрејзер
  • Уметник: Џол Мекмилан
  • Писател: Крис Шлерф
  • Енџин: Frostbite 3
  • Платформи: Microsoft Windows, PlayStation 4, Xbox One
  • Дата на излегување:
  • NA: 21 март
  • EU: 23 март
  • Жанр: Акциона RPG игра, шутер во трето лице
  • Режими на играње: еден или повеќе лица
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top