Викендот е пред вас, имате слободно време за гејминг до бесвест, но не ви се трошат пари? Ова се интересни игри со кои можете да се дружите викендов без да посегнувате по паричникот!
Epic ја продолжува нивната пракса со често доделување бесплатни игри и, од најновата промоција, повеќе е од јасно дека продолжуваат со полна пареа. Фановите на одлични акциони авантури, со уникатен борбен систем и феноменално филмско искуство, можат да се втурнат во трите игри со Batman. На располагање ги имате Batman Arkham Asylum, Batman Arkham City, и Batman: Arkham Knight. Колекцијата од игри, чија вредност е скоро 50 евра, моментно може бесплатно да се прикачи на вашиот акаунт и да се игра засекогаш. Во случај да сакате уште од светот на Бетмен, но од малку проазлична димензија, продолжете со читањето!
За помладата публика, која би требало да ги заобиколи возрасните теми во Batman: Arkham Collection, Epic нуди колекција од LEGO Batman игрите. Сите оние кои сакаат поразлична и значително похумористична перспектива за мрачниот витез, можат да започнат авантури во свет изграден од лего коцки. На располагање ги имате LEGO Batman: The Videogame, LEGO Batman 2: DC Super Heroes и LEGO Batman 3: Beyond Gotham! Промоцијата трае до 26 септември.
Само за викендот, целата игра Conan Exiles е бесплатна за играње и е интересен избор за забава за сите оние што се по мрежни survival игри во универзумот на варваринот Конан. Најсветлите точки во играта се можности за градење комплексен дом, како и борби против најразлични непријатели. Играта може да се игра и соло, а доколку ви се допадне виденото, можете да ја купите Conan Exiles со попуст од 50%.
Се работи за уште една игра во универзумот на Конан, но, овојпат, во форма на стратегија. Conan Unconquered нѝ доаѓа од ветераните Petroglyph, а се работи за еден вид хибрид помеѓу survival жарот и стратегиите. Играјќи соло и во мултиплеер, бирајте најразлични херои, истражувајте технологии и справувајте се со бранови од непријатели на мапи создадени по случаен избор. Промоцијата трае до понеделник.
Втората The Deed ќе излезе на Steam наскоро. Во чест на ова, Indie Gala ги наградуваат посетителите со бесплатна копија од првата игра. The Deed е смеса од авантуристички и RPG гејмплеј механики која се заснова на комплексна приказна во која треба видите дали можете да се извлечете со убиство. Промоцијата трае до потрошување на залихата од клучеви.