Знаете како викаат за навиките; нема ништо полошо од напорите за нивно искоренување. Во поглед на работата со нашите лаптопи, се имаме навикнато да си работиме онака како нам најдобро нѝ одговара, без и да бидеме свесни дека таквото нешто може да е погубно за нив. Во оваа ситуација, би сакале да ви помогнеме не само да ги препознаете лошите навики, туку и да им ставите крај на нив, еднаш и засекогаш!
Лаптопите, наспроти името, не се фанови ниту на вашиот скут, ниту на вашето ќебе.
Не ги ставајте лаптопите на меки површини. Ќебето, јорганите и сличните покривки можат да го блокираат протокот на излезниот воздух, со што се зголемува внатрешната температура на лаптопот, а лаптопот не само што може да биде погласен, туку и да претрпи оштетувања на процесорот, вентилаторот, или батеријата. Избегнувајте да го ставате лаптопот во вашиот скут. Таквото нешто ниту е здраво, ниту допринесува за ефикасно ладење. Погрижете се од време на време да ја „издувате“ прашината со компресиран воздух. Внимавајте таквиот воздух да не е премногу силен, бидејќи би можел физички да оштети одредени делови од хардверот, како перки на вентилаторот. Не користете ни правосмукалка за смукање на прашината од лаптопот.

Бидете нежни со вашиот лаптоп
Преносливоста е огромен плус кај лаптопите, но таквото нешто не треба да се злоупотребува. Креветите можеби се меки, но тоа не значи дека треба да го фрлате како да е топка. Бидете особено внимателни кога го преместувате лаптопот од една на друга површина, особено доколку лаптопот е вклучен, а хард дискот изведува одредени процеси. Невнимание, во форма на удирање или тресење, може да ја дислоцира главата на хард дискот или да ја допре површината на дискот (зборуваме за традиционалните хард дискови, а не за SSD дисковите). Ваквото невнимание би можело да ве чини многу и неповратно да ги изгубите вашите податоци. Кога сме кај тоа, погрижете се да ги имате вашите податоци префрлено и на некој екстерен хард диск, или облак.
Батеријата не е вечна, но може да се развлече неизбежното.
Низ годините, батеријата нема да може да го одржува вашиот лаптоп во живот како на почетокот. Таквото нешто е двојно посериозно доколку имате навика постојано да ја „цедите“ батеријата до о%, а потоа да ја полните до 100%. Според многумина експерти, се препорачува почесто да ја полните батеријата и да не дозволувате да оди под 20% или над 80%. Нормално, онаму каде што таквото нешто не дозволува, не е премногу страшно од време на време да го прекршувате ваквото правило. Па така, дури и се препорачува еднаш месечно батеријата целосно да се доведе до 0%, а потоа целосно да се наполни до 100%.