X4: Foundations е игра која излезе уште во далечната 2018 година. Од тогаш, па се до ден-денес, развојното студио Egosoft макотрпно работи на бројни исправки и надополнувања. Иако играва постои веќе добри пет години, сега се чини дека е одлично време да ја проверите, но само доколку сте фанови на реалистична вселенска симулација во отворен простор.
#1 Тргувај, бори се, гради, размислувај!
X4: Foundations ви дава на располагање илјадници вселенски бродови. Преку реалистично симулирање, ќе посетувате најразлични станици на кои ќе вршите најразлични трампи, ќе извлекувате ресурски или пак ќе произведувате бројни работи. Играта се одликува со мајсторско осмилени механики кои ќе ви дозволат да започнете скромно, па да изградите и управувате со цело царство – од еден брод, па се до цели флоти.
Во X4: Foundations имате целосна контрола над многу работи. Како една од најимпресивните можности е лично и директно да управувате со каков било вселенски брод. Кога не го управувате бродот, можете да шетате низ него, да стапувате во најразлични интеракции, или пак да одредите некој друг пилот да го управува. Паралелно со ова, можете да градите најразлични вселенски станици и фабрики, брутално да влијаете на економијата и на бројните фракции кои ве опкружуваат.
X4: Foundations не само една игра, туку повеќе игри уредно спакувани во една. Кога се шетате низ бродовите и станиците, ви изгледа како да сте дел од интересна авантура, а кога управувате со еден, индивидуален брод, добивате впечаток дека сте дел од акциона симулација. Но, откако ќе почнете да градите, да ја обликувате економијата, да управувате со цела флота од бродови и да имплементирате координирани напади, тогаш X4: Foundations остава впечаток на стратегија со бројни комплексни слоеви. Поради тоа, добивате исклучително комплексен пакет од интерактивна забава кој бара поголема временска посвета и длабоко размислување за сите стратешки чекори.
#2 Седмо, значајно надополнување и ново DLC – Timelines!
Седмото клучно надополнување излезе пред само две недели и надградува најразлични аспекти од играта, се со цел да се подобри имерзивноста во играта. На располагање имате вселенски бродови со надграден изглед и функционалност, нови области за истражување, како и нови знаменитости за восхитување. Покрај надградба на веќе-постоечки бродови, надополнувањето донесува и целосно нови бродови кои ќе можете лично да ги управувате.
Во поглед на нови механики, надополнувањето може да се пофали со нов режим специјално осмислен за ветераните, подобрена внатрешна камера, надградба на системот за вештачка интелигенција, како и надграден интерфејс за управување. XTECH 5 Engine се има погрижено играта да изгледа подобро и пофлуидно од кога било.
Најновото, платежно DLC се вика Timelines. Овој додаток ја проширува приказнато со целосно нови сценарија и мисии, ветувајќи бројни можности за незаборавна авантура и впечатливи стратешки моменти.
#3 Бројни додатоци за дополнителна забава
Покрај основната игра, најновото надополнување и најновото DLC, X4: Foundations може да се пофали со уште четири други додатоци кои се полни со значајни содржини за играта, допринесувајќи до уште позначајно искуство:
- X4: Split Vendetta
- X4: Cradle of Humanity
- X4: Tides of Avarice
- X4: Kingdom End
Сите додатоци ја прошируваат играта или со нови мисии и фракции, или пак со нови технологии, бродови, области или станици. Поради тоа, доколку ви се допадне основната игра, топло препорачуваме да си се почестите и со некој од додатоците кои подлабоко ќе ги анализираме во некој од нашите идни текстови.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Egosoft
- Издава: Egosoft
- Жанр: вселенска симулација
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 30 ноември 2018