Во пресрет сме на нов викенд, каде ли само отиде неделата? Независно од тоа дали ви помина добро или лошо, релаксирано или нервозно, викендот е одлична можност да ја разбиете монотонијата и да си се наградите себеси со некој квалитетен наслов. Со цел да ви помогнеме, одбравме три нови игри. Ако немавте можност да одите на летен одмор, едната од нив ќе ве одведе на интересни туристички локации, другата ќе ве соочи со предизвикувачка нова закана во ММО опкружување, а третата ем ќе ве насмее ем ќе ве замисли со невообичаената приказна. Одиме!
1. Die After Sunset
Како за крај на летото и одбележување на долгата борба со жештините, Die After Sunset ни се истакна како логичен избор, иако има само 68% позитивни рецензии на Steam. Бројни песочни плажи, напуштени летни локали и симпатични непријатели со гуми за пливање, капчиња и играчки, го прават овој Roguelite соодветен за викендот што нѐ очекува. А тука е и една уникатна механики која ретко ја имаме забележано во некоја друга игра.
All Inclusive одмор
Во суштина, Die After Sunset е пукачка игра во трето лице, каде играте со еден од три можни ликови. Секој од ликовите има различни оружја и по еден специјален напад, а останатите моќи, способности и корисна опрема ги откривате по случаен избор за време на секој ран, што и е својствено за roguelite насловите. Што повеќе ја играте DaS, толку подобри станувате, бидејќи одредени способности и надградби, како напад, штит и здравје се провлекуваат низ секој ран. Одредени артифакти што ќе најдете суптилно го менуваат вашиот изглед, но значително ви помагаат да бидете поефикасни во движењето и битките.
Секојпат кога ќе започнете ран, поставени сте на различна локација и имате седум минути да решавате најразлични квестови или да собирате корисен плен и способности. По истекот на времето се појавува бос кој е потребно да го предвреме пензионирате. Секој од босовите се одликува со уникатни движења и офанзивни напади и доколку паметно ги искористивте минутите пред неизбежниот сукоб, релативно лесно ќе можете да го уништите босот и да се префрлите на нова локација.
Die After Sunset може да се пофали со интересна механика каде се охрабрува борбата на сонце, односно на места кои се осветлени со дневна светлина. Слатките непријателите влечат сила од сенките и доколку навлезат во сенка, стануваат поголеми и, за нијанса, поопасни. На почетокот, ова делува само како симпатична механика, но како напредувате понатаму, често ќе се наоѓате себеси како тактизирате и гледате да ги повлечете непријателите на теренот кој вам највеќе ви одговара. Ни изгледот на вашиот лик не е рамнодушен на оваа механика и на сонце има еден изглед, а во сенка друг. Секојпат кога првиот лик инстантно ќе транзиционира во емо девојка, едноставно знаевме дека треба да бидеме повнимателни.
На хартија, Die After Sunset делува како забавна игра. Во пракса, девелоперите успеваат до некаде со ова, но ние константно бевме под впечатокот дека нешто фали. Користењето на оружјата не беше задоволително и ја немаше очекувата тежина и „умф“ ефектот, додека анимациите, иако флуидни во една ситуација, делуваа неприродни во друга. Паралелно со ова, ваштачката интелигенција е на исклучително ниско ниво и остава многу работи да се посакуваат. Но, ако сакате вртоглава и шаренолика акција во мали дози, таман како за викендов, Die After Sunset е интересна занимација.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Playstark
- Издава: PQube
- Жанр: Roguelite, акција, TPS
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 17 август 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 6.75
- Приказна: 5
- Гејмплеј: 7
- Графика: 8
- Звук и музика: 7
2. Guild Wars 2: Secrets of the Obscure
Како четврта експанзија за Guild Wars 2, ArenaNet прават нешто значително поразлично. Првата експанзија донесе лебдење, втората – животни за јавање, третата – риболов. Наместо уште еден тектонски новитет, четвртата само ги проширува веќе-постоечките системи, особено системите поврзани со мастерис и животните за летање.
Епизода или чистокрвна експанзија?
Па така, во Secrets of the Obscure ќе истражувате две огромни територии, но на начини кои се значително поразлични од порано. Овојпат, сите што ја имаат експанзијата автоматски ќе го отклучуваат Skyscale – змејското животно кое е флексибилно и нуди уникатни можности за истражување небесни простори. Бројни нови мастерис отклучуваат дополнителни способности за животното за да полесно можете да го повикувате, полесно да летате, па и да го користите при битките.
Во Secrets of the Obscure, играчите се соочуваат со нова закана и потребно е да помогнат на нов мистериозен ред од волшебници за да ја спречат забрзаната експанзија на демони кои отвораат рифтови и го напаѓаат населението. За таа цел, добивате нова алатка и серија од мастерис. Една нова способност ви дозволува да дознаете каде има отворен рифт за да можете да ги уништите демоните кои преминале и да пробате да го затворите процепот.
Покрај новата кампања која се простира низ две мапи и серија од екстра моќи и способности преку системот за мастерис, играчите ќе најдат нови можности за користење оружја кои претходно им биле заклучени, два нови оклопи и целосно нов систем за дневни награди. Од сега, па натаму, сите играчи не добиваат корисни награди со самото тоа што ќе се логираат, туку потребно е да извршувате серија од дневни, неделни и сезонски квестови, да добивате нова валута и со таа валута да купувате материјали и ограничен избор од козметички работи.
Guild Wars 2: Secrets of the Obscure е експанзија поделена во четири дела, a ова што моментно го имаме на понуда е првиот дел. Низ годината, ArenaNet ќе ја продолжи приказната на уште една мапа, ќе воведе нов легендарен оклоп, дополнителни механики.
Повеќе детали за играта
- Произведува: ArenaNet
- Издава: NCSOFT
- Жанр: MMORPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 22 август 2023
3. Ashina: The Red Witch
Денеска е и денот кога една од подобрите авантури конечно и излегува на конзоли. Ashina: The Red Witch е авантура која се заснова на истражување, загатки и бројни разговори.
Осмислена од само еден девелопер, Ashina: The Red Witch е квалитетно инди остварување, со комплексна приказна и харизматични ликови.
Авантура како ниедна друга
Вие играте со Аш, навидум сосема нормална девојка која е незадоволна од монотониот живот кој си го има изградено, но не се чувствува доволно храбра драстично да ги промени работите… се додека една ноќ не се појави дух. Тој дух покренува серија од настани кои ја вовлекуваат Аш во опасно патување и адреналинска потрага по нејзината сестра Тина.
Ashina: The Red Witch има симпатична пиксел-заснована графика, со прекрасно дизајнирани мапи, но, најважно од сѐ, Ashina: The Red Witch има душа. Bнимателно и паметно осмислени дијалози, во комбинација со прекрасната музичка подлога, ќе направат емоционално да се врзете со ликовите и да сакате до крај да ја истерате приказната. Загатките се логички и се одлично избалансирани за да понудат предизвик со кој ќе можете да се носите. За нас, загатките беа само отскочна штица која не водеше поблиску до следното поглавје од приказната.
Единствено што жалиме е тоа што играта нема гласовна подршка и текстот можете само да го читате. Кога дијалозите би биле одглумени, особено од гласовите кои ги слушате во трејлерот, вредноста на Ashina: The Red Witch би била на значително повисоко ниво и играта би имала повеќе од 94% позитивни рецензии на Steam. Но, со оглед на тоа дека ова е труд на љубов на само еден девелопер, ние сме крајно импресионирани од финалниот резултат и од срце ви препорачуваме да ја проверите авантурата викендов!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Stranga
- Издава: GrabTheGames
- Жанр: авантура,
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 25 август 2023 (за конзоли)
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 9
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 10