0 коментари 6 мин. читање 23 јуни, 2025

3 демо предлози: Quantum Witch, Nightmare Frontier и Rogue Point

Кошмарни предизвици

Nightmare Frontier е тактичка extraction looter игра каде што вашата храброст и лидерство ќе бидат ставени на тест против стравови кои се манифестираат како суштествата Dreadweavers. Вашата задача ќе биде да поведете група на трагачи по плен во уништен град од алтернативните 1900-ти години. Вашата задача е да влезете, да се соочите со чудовиштата, да го зграпчите пленот што ќе го пронајдете и да извлечете жива глава. Нешто што е полесно да се каже, отколку направи.

Во овој кошмарен универзум, вашата група на авантуристи влегува во уништен град за да го собира работи кои би можеле да им користат. Најхрабрите ги очекуваат сукоби со надприродни суштества против кои се соочувате преку тактичката борба. Ќе имате можност да користите верижни трикови со пукање и да правите се што е во ваша можност за да го надминете стравот од непријателите. За време на тактичките пресметки, од клучна важност е да влегувате во нивните редови, да ги менувате правилата со туркање, контрирање и комбинирање на напади.

Како водач на групата, ќе одлучувате колку длабоко да навлезете во бескрајните мисии, соочувајќи се со чудовишта кои се родени од најдлабоките стравови на вашата група. Иако се работи за ран пристап, играта е доста стабилна, со квалитетен кориснички интерфејс, солидни анимации и интересни гејмплеј механики. Дефинитивно проверете го демото за да донесете најдобра одлука дали е ова играта за вас.

Особено ни се допадна собирањето материјали од поразените кошмари за да создавате и подобрувате сè пооткачени оружја, спојувајќи ја технологијата од раните 1900-ти со натприродна алхемија. Паралелно со ова, ќе отклучувате и нови начини да ги вратите чудовиштата во пеколот од кој излегле. Додека одмарате, управувајте со вашата опрема, инвестирајте во нови способности или регрутирајте нови членови.

Приказната на Рен

Quantum Witch e игра во која ќе можете да ја водите Рен – млада овчарка чиј живот се превртува наопаку кога античките богови влегуваат во конфликт, а нејзиното стадо мистериозно исчезнува. Вашите одлуки ќе го одредат текот на нејзината судбина во оваа уникатна наративна авантура.

Quantum Witch претставува иновативен спој на различни гејминг стилови, комбинирајќи класичните choose your adventure приказни, point and click механики и елементи на платформер. Но, наместо фокуст на акција, во оваа игра фокусот е ставен на развојот на приказната. Секоја одлука има трајни последици. Ако убедите некој лик да носи одредена облека, тој ќе ја носи до крајот на играта. Ако спасите нечиј живот, тој лик ќе остане дел од вашата приказна, отворајќи нови можности и дијалози.

Играта ве охрабрува да ја играте повеќе пати, користејќи го знаењето од претходните одлуки за да откриете нови завршетоци и скриени тајни. Целиот свет е претставен преку рачно изработена пиксел-арт графика во ретро стил, која на моменти може да ве изненади со својата морничава атмосфера.

Развиена во соработка со писателот номиниран за БАФТА, Пол Роуз и со Стефани Стерлинг, Quantum Witch поставува многу прашања. Дали Рен ќе успее? Дали некој ќе преживее? И зошто сè што е псевдо-мистично го носи зборот „квантум“ во насловот? Одговорите на овие, а можеби и на помалку прашања, ве чекаат во играта.

Хаотична акција

Rogue Point е кооперативна акциона игра за четири играчи каде што ќе можете да формирате елитен тактички тим со вашите пријатели. По смртта на најбогатиот извршен директор во светот, безмилосни корпорации се борат за неговото наследство. Преку апликацијата MERX, ривалските бизнисмени можат лесно да нарачаат приватни платенички војски, совршени војници за корпоративната војна. Само Rogue Point, елитна и независна единица, се осмелува да им се спротивстави.

Очекувајте цврсти и немилосрдни непријатели кои ќе ги тестираат вашите вештини, опрема и тимска работа до крајни граници. Борете се и маневрирајте низ мисии распоредени на четири различни локации: аеродром, трговски центар, канцеларија и нафтена платформа. Секоја мапа се менува со секое ново играње благодарение на таканаречениот параметрискиот систем за дизајн на играта, нудејќи нови стратегии и предизвици секој пат.Тимската работа е клучна за победа. Rogue Point е создадена за да ја зајакне соработката и да ве принуди да се адаптирате заедно со вашиот тим. Ќе започнете само со пиштол и панцир, но преку успешни мисии и паметна тимска игра, ќе изградите елитен арсенал.

Во Rogue Point, вашиот непријател е MERX, платеници кои ќе го предизвикаат вашиот тим да размислува тактички. Секоја класа на MERX непријатели има свој уникатен стил на борба, принудувајќи ве постојано да ја прилагодувате стратегијата. Играта е дизајнирана да биде интуитивна и пристапна како за нови играчи, така и за искусни ветерани, нудејќи длабочина за оние кои бараат вистински предизвик. Заработете пари на фронтот и искористете ги за да го надградите вашиот арсенал со високотехнолошки додатоци и тактичка опрема што ќе ви помогне полесно да ги завршите мисиите.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top