10 игри што би требало да ги играте во пресрет на Ноќтта на вештерките

Има некое непишано правило каде повеќето гејмери го резервираат месецот октомври за преигрување хорор игри. За публиката од запад, ова е магичен период каде полека се поплочува патот до Halloween – еден од најпопуларните празници во годината. Во Македонија, празникот се крева на исклучително суптилна нота и, покрај едночасовно одбележување во училиштата, обично не му се премногу посветува внимание, особено кога ќе се земат во предвид костимите и бројните активности поврзани за нив. Но, магијата од празникот е силна. Дури и ваквата слаба организација не може да ги остави повеќето рамнодушни и, како интересна алтернатива за одбележување на празникот, кај нас се наметнуваат игрите. Ова се десет од нив кои возрасната публика никако не би требало да ги пропушти.

10. F.E.A.R. (2)

Акциона игра во прво лице која се одликува со адреналински борбени механики, но и феноменален стил за заплашување. Кога прашината од куршумите ќе падне, а светот околу вас ќе потоне во неиздржива тишина, тогаш е моментот кога Алма излегува, а она што влече со неа е ултимативната закана за вашиот разум.

9. Alan Wake

„Можноста од мракот е она што прави денот да изгледа толку светол.“ Оваа позната мисла на Стивен Кинг е само една од многуте кои силно влијаат на приказната, но и механиките во Alan Wake. Оставени сами на себе, ќе започнете налудничава потрага по вашата жена, само за да откриете дека ноќта крие ужаси многу поголеми од она што нормалниот ум може да замисли.

8. Dead Space (2)

Што ќе се случи кога во една игра ќе навлечете огромна завеса од изолација и ќе почнете да си играте со бројните слоеви на лудило? Ова се одговорите кои се кријат во научно фантастичната хорор игра на ЕА, особено во двојката. Ужасот зазема бројни форми. Добра работа е тоа што имате арсенал од уникатни оружја за нивно справување.

7. Outlast (2)

Ова се игри со суптилна приказна која паразитски се провлекува под кожата и тврдоглаво одбива нов домаќин. Outlast 2 е едноставна во намерата и не сака ништо повеќе од бесповратно вадење од памет, со пресврти кои ги бомбардираат сите ваши сетила на предаторски начин и тоа во моменти кога најмалку го очекувате таквото нешто. Outlast 2 е игра која не сакате да ја играте, но не можете ни да ја оставите. И во моментот кога ќе настапи крајот и повторно ќе се најдете во кругот на саканите, нема да можете, а да не гледате на таквите односи како на нешто што е онолку магично колку што е кревко. Особено кога мракот ќе настапи, а шепотот од денот ќе биде заменет со вресокот на тишината.

6. Alien: Isolation

Како да се земе популарен акционен sci-fi серијал и да се преточи во ултимативно хорор искуство? Alien: Isolation го знае одговорот и, доколку сте храбри да ја проверите констатацијата, она што ќе најдете е долго искуство, засновано на напнати механики за преживување и импресивни имерзивни вредности.

5. Wounded

Wounded гарантира квалитетно хорор искуство кое има за цел да ве запознае со комплексните форми на стравот, да ве зграпчи за ракавите и да ви шепоти налудничаво се додека не почнете озбилно да го преиспитувате вашиот разум. Таквиот резултат, меѓутоа, македонското студио Workbench Entertainment не го постигнува со неочекувани напади раштркани низ светот на Wounded, туку со градење тензии, формулирање страв од непознатото, и кокетирање со широк спектар од фобии.

4. Amnesia: The Dark Descent

Игра која мајсторски го изведува гејмплејот без оружја. Заробени во огромна тврдина, потребно е да го сочувате разумот како што ќе го избегнувате мракот, особено чудовиштата кои демнат таму. Доколку ви се допадне Amnesia, не пропуштајте ја можност да го проверите и sci-fi чедото од истото студио – SOMA.

3. The Suffering: Ties that Bind

На времето, The Suffering беше игра која се одликуваше со феноменална графика, одлични аудио ефекти, како и моќни гејмплеј механики испреплетени во приказна полна со мистерии. Денеска, The Suffering е многу повеќе од тоа и често се поставува како ултимативниот пример за една акциона хорор игра.

2. Resident Evil 7

Resident Evil 7 e едно од најстрашните искуства преточени во дигиталната форма. Феноменалните можности за истражување, прикрадување и борба, потпомогнати од маестралната звучна подлога, се како уметничко дело на длабоко вознемирени умови и често пати ќе се наоѓате во ситуации кога, хипнотизирани од сервираниот ужас, сакате да ја прекинете играта, но не знаете како и едноставно мора да продолжите понатаму. Доколку имате барем мала желба да видите во кои правци се развива хорор жанрот, особено RE серијалот, седмицата не само што нуди многу повеќе од она што беше препознатливо во почетоците на овој серијал туку е и неверојатно способна да им го пружи на хорор фановите задоволителниот фикс.

1. Clive Barker’s Undying

Clive Barker’s Undying е игра која ја игравме во далечната 2001 година, но сеуште ја паметиме како една од најдобрите хорор искуства. Од генијалниот и длабоко вознемирувачкиот ум на писателот Клајв Баркер, ни доаѓа игра со феноменална и крајно непредвидлива приказна која пушта длабоки корени во еден огромен и богат свет. Clive Barker’s Undying црпе инспирација од окултните науки и го опсипува играчот со мрачни и дебели слоеви на арканска магија и невообичаен арсенал од смртоносни оружја. Местата во кои играта ќе ве одведе и ликовите со кои ќе се соочите, нема да ве остават рамнодушни. Ако во нешто може да се одгледа моќта на една игра, тоа е во нејзината способност да доминира во нашата потсвест цели 18 години.

Тоа беше нашата листа од 10 игри кои едноставно морате да ги одиграте овој месец! При изборот на игрите, се потрудивме да одбереме наслови кои не припаѓаат на целосно исти жанрови и да предложиме интерактивна забава во која иако доминираат различни механики, главната тема е, сепак, хоророт. Што сметате дека требаше да се најде на листата? Нека не ви е страв да нѝ кажете во коментарите или на социјалните мрежи! :)

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments