YouTube ќе го стрима во живо Lollapalooza фестивалот, еден од најпознатите музички фестивали во светот кој ќе се случува меѓу 5-7 август. YouTube ќе го стрима фестивалот преку својот нов сервис YouTubeLive, кој овозможува да гледате видеа во живо. YouTube го тестираше овој концепт со концерт на U2, говор на Обама, и со крикет натпревари. Сите овие настани покажаа дека постои голема побарувачка за гледање видеа во живо. До сега YouTube исто така во живо има покривано и неколку познати фестивали како што се Bonnaroo, Coachella, и Outside Lands.
Соработката на YouTube со овие фестивали е исто така добра за YouTube од финансиска гледна точка, бидејќи на спонзорите им одговара да бидат асоцирани со вакви културни манифестации на глобално ниво. Исто така, корисниците остануваат многу повеќе на YouTube од вообичаените три минути. Главни спонзори на стримингот ќе бидат Dell и Advanced Micro Devices. Според ова очигледно постои финансиска исплатливост за проширување на услугите на YouTubeLive сервисот, и ништо чудно YouTube еден ден да прерасне во онлајн телевизија.
Фестивалот Lollapalooza ќе биде промовиран на YouTube со „Lollapalooza Week“. Иако сè уште не е најавено чии настапи ќе бидат прикажувани, дел од настапувачите на Lollapalooza оваа година се Eminem, Foo Fighters, Coldplay, Muse и My Morning Jacket. На фестивалот Austin City Limits, кој се одржува од 16 до 18 септември, ќе настапат Kanye West, Stevie Wonder, Arcade Fire, Coldplay и My Morning Jacket. Факт е дека луѓето сакаат фестивали, исто како што сакаат и да ги гледаат своите омилени бендови во живо, YouTube се разбира планира максимално да го искористи тоа.
Групен чет на Lollapalooza
Кога сме кај Lollapalooza, во својата официјална апликација фестивалот го интегрираше одличното решение на GroupMe за текстуално четување. Сите кои биле на фестивали со повеќе пријатели, знаат дека тоа може да биде навистина стресно. Некој сака да оди на главна бина, некој па не го сака бендот што е на главна бина, на друг му се јаде, на трет му се оди дома, и многу други слични недоразбирања.
Со официјалната фестивалска апликација овие проблеми нема да постојат. GroupMe е апликација која овозможува групно пишување пораки, и функционира преку SMS. Во една група можат да бидат вклучени до 25 корисници. Покрај можноста за групни пораки, официјалната фестивалска апликација го покажува и распоредот на настапи, ви овозможува да си додадете настап во вашиот распоред, има биографии за бендовите, корисниците преку групна порака можат да споделат каде точно се наоѓаат на фестивалската мапа, и да споделат кои настапи сакаат да ги гледаат. Исто така апликацијата содржи и радио кое стримува песни од годинешните настапувачи.