Wikipedia и Википедија од почетоците до денес

Avatar img-thumbnail img-circle

во feature, ИТ.МК

Веројатно не постои човек кој не слушнал и не ја посетил сега веројатно најпопуларната енциклопедија. Секако зборуваме за Wikipedia која последниве години успеа да ги надмине првичните проблеми.

Енциклопедијата во почетоците беше критикувана дека не секогаш има најточни податоци, но денес сајтот докажува дека со соодветно модерирање и проверки, содржините секако се релевантни.

Колкав проблем е додавањето, прегледувањето и печатењето на енциклопедиите, веројатно најдобро покажа примерот со Encyclopedia Britannica. Енциклопедијата се откажа од печатената верзија во 2012. Денес осум години подоцна веројатно веќе и нема сомневање која е најпопуларната и најпрегледуваната енциклопедија во светот. Колкава е популарноста на енциклопедијата најдобро ислустрира податокот дека Wikipedia е единствената непрофитна веб-страница во топ 10.

Но што всушност се енциклопедиите? Ако ја погледнеме дефиницијата на Wikipedia:

Енциклопедија е пишана збирка на знаење. Поимот доаѓа од грчкиот јазик εγκύκλιος παιδεία (enkuklios pedia), буквално „во круг на инструкции“, или поопшто „добро обликувано образование“. Многу енциклопедии во странската литература се нарекуваат Циклопедија и поимите се интерменливи.

By User:SEWilco – Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=1367734

Вакви книги постојат веќе 2000 години, и во овој период значително напредувале. Енциклопедиите се разликуваат по многу карактеристики: големина, јазик кој се користи, културолошка перспектива, дали се општи или фокусирани тематски.

По се изгледа Wikipedia е само последниот, сега актуелен чекор во оваа еволуција на енциклопедиите.

Популарноста на Wikipedia веројатно никогаш и не беше доведувана во прашање. Но пред десетина години речиси никој не веруваше дека на веб-сајт на кој содржината целосно ја внесуваат корисници волонтери, информациите можат да бидат потполно точни и релевантни. Секако некои од првите проблеми со податоците се повторуваат и денес, но Wikipedia сега е доверлив извор на податоци. Веројатно најголем предизвик е да се пронајде начин со кој страста која волонтерите ја имаат за податоците кои сакаат да ги внесат нема да ја наруши нивната неутралност.

Една од причините поради која корисниците често се сомневаа во квалитетот на содржина на онлајн енциклопедијата. Главно ова е поради начинот на кој пред Wikipedia се собираа податоци за енциклопедиите. Податоците на претходните енциклопедии беа ригорозно проверувани, во имињата на контрибуторите се нобеловци, научници, писатели. За разлика од ова на Wikipedia податоците доаѓаа од непознати контрибутори. И иако енциклопедијата постои од 2001, терминот „Crowdsourcing“, кој е начинот на кој се внесуваат податоците не постоел до 2006. Во 2005 двајца уредници на „Wired“ го предложиле овој збор. (Иако зборот започнал да се употребува во 2006 „crowdsourcing“ постои уште многу пред Wikipedia).

Бидејќи статиите често беа внесувани од обични луѓе, резултатите требаше да бидат погрешни. Но истражување на Nature покажа дека резултатите на Wikipedia и Britannica не се премногу различни. Навистина Wikipedia тогаш имаше повеќе грешки, но разликата не беше како што очекуваа. За секоја „статија“ Britannica имаше 3, а Wikipedia 4 помали грешки. Но она што не го покажа оваа анализа е актуелноста на податоците. Најголемата предност на Wikipedia е што статиите се менуваат речиси во реално време. Една од предностите која можеби и ја забораваме е големината која Wikipedia би ја имала ако беше печатено издание.

Вистински херои на Wikipedia се луѓето кои волонтерски внесуваат или поправаат содржина. За разлика од научниците и професорите кои не сакаат бесплатно да работат на енциклопедија Wikipedia во целост е дело на ентузијасти, и тоа не само ентузијасти кои внесуваат нова содржина, туку и луѓето кои „ја бранат“ платформата од вандализам, поправаат печатни грешки и ја категоризираат содржината.

Секако значително поинтересно е како се развиваше македонската верзија на Wikipedia во сите овие години и каков е интересот на читателите. За ова зборуваме со Тони Ристовски, активен уредник на Википедија на македонски јазик.

Од Petrovskyz — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=44662948

Како започнаа македонските „напори“ на Wikipedia. Кога првпат имаше организирано или барем некакво координирано внесување на содржина на македонски.

Првото уредување на Википедија на македонски јазик се случило во септември 2003 година, но сепак не започнала вистинската активност истата година. Првите вистински почетоци на Википедија на македонски јазик започнуваат пролетта 2005 година, кога се поставени вистинските темели на енциклопедијата со внес на многубројни статии.

Колку статии има на македонски?

Моментално, нашата Википедија има 104.365 статии. Минатата година успеавме да го поминеме прагот од 100.000 статии. Википедија на македонски јазик се вбројува во 60. најголеми Википедии во светски рамки.

Од Photo: Marcin Konsek / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=36367310

Воедно, нашата Википедија е една од ретките на која не се врши редовен ботовски внес на податоци. Во минатото имало само еден таков внес. Па така може да се каже дека уредниците се единствените заслужни за оваа бројка на статии. Ова е важно бидејќи некои бројки на одредени јазични изданија на Википедија се преголеми, а не потекнуваат од реална заедница на луѓе, туку од ботови.

Кој има внесено најмногу статии?

Уредник со најмногу создадени страници на Википедија на македонски јазик е корисникот Ehrlich91 со 8.955 статии ( Ова е всушност нашиот соговорник Тони Ристовски. Истиот е активен од 2010 година.)

Од ZLatko Menkinoski — сопствено дело, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=30049847

Кој е најголем ентузијаст кога се во прашање малите поправки, како правопис и печатни грешки?

Тоа е дефинитивно кориснико Bjankuloski06, кој е активен корисник од 2006 година и досега има направено 355.325 уредувања. Самиот е страстен почитувач на Правописот на македонскиот јазик и се заложува на употреба на македонски зборови кога е очигледно дека имаме соодветен збор. На пример би реагирал на Вашава употреба на зборот Википедија во латинична верзија.

Колку посети има на македонската верзија на Wikipedia?

Македонското издание на Википедија има прегледи на месечно ниво од над 7 милиони, кои доаѓаат од над половина милиони уникатни уреди. Посетеноста во последниве месеци е во нагорен тренд.

Дали знаете која содржина е најпосетена?

Во прашањево недостига временска рамка, па така во февруари 2020 година, најпосетени статии биле: Гоце Делчев, Македонија и Прочка, додека во јануари 2020 година најпосетени биле: Преспав (телевизиска серија), Бекирлија и Водици.

Може да се примети дека најпосетените содржини се менуваат во зависност од моменталните случувања во земјата.

Нешто што сакаде да додадете…

Благодарност до сите оние кои придонеле кон развојот на најголемата енциклопедија на македонски јазик и до оние што уште уредуваат на овој необичен проект, кој може да се каже дека е ретка успешна приказна во Македонија.

Воедно, ги повикувам сите оние читатели, да пробаат барем еднаш да уредат некоја содржина и да се впуштат во нови искуства :)

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk